Достапни линкови

Година на младите


Дино Блажевски, претседател на Унијата на млади сили на ВМРО-Народна партија.

Дино Блажевски, претседател на Унијата на млади сили на ВМРО-Народна партија.

ДА, точно е, 2013-та година дефинитивно е година посветена на младите. Најголемата заслуга за ваквата посвета е дефинитивно масовниот одлив на млади од државата, пишува Дино Блажевски, претседател на Унијата на млади сили на ВМРО-Народна партија во младинската онлајн колумна на Радио Слободна Европа.

Ете сме, влеговме и во новата 2014-та година со веќе препознатливиот товар од минатите години. Како ништо да не менуваат новите години кои стануваат веќе монотони токму поради фактот дека наместо да отвораме нови поглавја во нашите животи, ние всушност цело време го тргаме товарот од минатите години без идеја за негово конечно ослободување и тежнеење кон некакви нови предизвици.
Јас навистина не знам што е полошо за една држава од тоа да нема млади луѓе во неа, тоа е нешто слично на држава без народ. Згора на се за да биде поцврст фактот за „годината на младите“ е и маргинализирањето на истите.

Морам да се навратам неколку дена порано, во некој од провладините портали беше напишано дека „2013 година, е година на младите во Македонија“, молам?! Некој во Македонија, па дури и официјално лице, да не речам Претседател, се дрзна да ја прогласи 2013-та година за година на младите во државава? Дали и ова е дел од тие, неговите бисери кои ги нижеше четириве години додека трае неговиот мандат или навистина мислат оти на младите им е сеедно па ајде ќе посветуваме години на младите само колку да помине.

Драг Претседателе, бидејќи старата ја испративме, а новата ја дочекавме, животот продолжува понатаму со ист тек како и по секоја нова година, па би сакал да ги потсетите младите, како всушност дојдовте до тоа дека „2013 година е година на младите“, а јас ќе кажам зошто се сложувам со Вас. Фер договор.

Конечно еднаш во периодов од последниве четири години да се сложам со Претседателот.

ДА, точно е, 2013-та година дефинитивно е година посветена на младите.
Најголемата заслуга за ваквата посвета е дефинитивно масовниот одлив на млади од државава кој од ден во ден, од година во година станува се поголем. Јас навистина не знам што е полошо за една држава од тоа да нема млади луѓе во неа, тоа е нешто слично на држава без народ. Згора на се за да биде поцврст фактот за „годината на младите“ е и маргинализирањето на истите, а фаворизирање на пензионерите, бидејќи нели во пензионерите е иднината на Македонија.

Следно е немањето на Закон за млади, за кој четири години ама баш никој од Законодавниот дом не пројави желба да се реконструира и конечно после долго време и младите да се почувствуваат како нераскинлив дел од оваа чудесна Македонија.
Годината во која младите се најподелени од осамостојувањето до денес, годината во која младите не можат, доколку не се по теркот на власта, да се вработат и основаат семејства, година која секогаш ќе потсетува на монтираните тепачки по автобуси.

Пишувајќи ја колумнава, ми падна на памет едно прашање, има ли воопшто Македонија национална стратегија за млади?
Но, да се вратам на фактите за „годината на младите во Македонија“.

Неизбежен факт се и пожарите во студентските домови, инаку студентски дом е место кај што живее, учи, еден академски граѓанин, а таквите ги има околу 30.000 во државава. Да не потсетувам во какви НЕуслови живеат тие академски граѓани, идната интелигенција на државата или поверојатно на некоја друга држава – за жал.

Студентите минатата година добија уште една клоца од страна на властите по прашањето околу слободниот превоз во автобусите низ Скопје. Единствената причина која тогаш ја претставија пред младите е немањето финансиски средства за покривање на еден ваков проект бидејќи парите се пренасочени за одржување на панорамското тркало како дел од луна паркот во центарот на Скопје.

Дали е потребно да додаваме уште моменти од трудната, за младите во Македонија, 2013-та година, годината во која младите се најподелени од осамостојувањето до денес, годината во која младите не можат, доколку не се по теркот на власта, да се вработат и основаат семејства, година која секогаш ќе потсетува на монтираните тепачки по автобуси и автобуски постојки помеѓу млади луѓе само поради покривање на црнилото во Македонија. Но година и на младите учесници во Паркобраните и одбраната на ГТЦ од барокиризањето, критичните маси низ целата држава, формирањето на националниот младински совет преку кој младите во државата ќе си ги бараат, но и унапредуваат своите права.

За крај, би сакал да им ја честитам Новата година на сите млади граѓани на Република Македонија и апелирам до сите па и оние кои се чувствуваат како млади, да се разбудат од сонот и летаргијата и се насочат кон поактивно учество во општеството преку добро познатиот граѓански активизам. Нека навистина оваа 2014-та година биде онаа вистинската година на младите во Македонија.

Покажи ги коментарите

XS
SM
MD
LG