Достапни линкови

Релативно мирна „најлуда ноќ“ со две паралелни прослави во Скопје


Град Скопје организираше новогодишна забава на плоштадот Македонија, а Општина Центар на само 100 метри подалеку, на Сквер Јадран, организираше друга новогодишна забава.

По примерот на светските метрополи и во Центарот на Скопје беше пречекана новата година, но овојпат со две паралелни прослави. Град Скопје со манифестација на плоштадот Македонија, а пак Општина Центар со своја прослава на Сквер Јадран само на 100 метри од првата прослава. На плоштадот Македонија пееја Калиопи, Тијана Дапчевиќ, „Куку Леле“ и младиот изведувач на народни песни Мустафа Имери. Претходно имаше забава за најмладите, а на полноќ традиционален огномет. На забавата на Центар, пак, настапија Прљаво казалиште и Суперхикс. Организирани дочеци на Новата Година имаше и другите градови.
Вкупно 23 акутни труења со алкохол, но ниту еден хоспитализиран, е исходот од синоќешната прослава на Нова Година.

Клиниката за токсикологија и годинава имаше работа. Вкупно 23 акутни труења со алкохол, но ниту еден хоспитализиран, е исходот од синоќешната прослава на Нова Година. Од регистрираните 23 алкохолни труења, 15 се кај мажи, а осум кај жени. Притоа, 11 пациенти се помали од 18 години.
Возило на Итната медицинска помош ноќеска околу полноќ било нападнато кај Центарот за зависници во Кисела Вода и притоа е повреден возачот на возилото.

Итната медицинска помош во Скопје оценува дека новогодишната ноќ минала релативно мирно. Дежурните лекари интервенирале во околу 16 случаи со алкохолизирани лица, од кои 10 биле префрлени на Клиниката за токсикологија. Од петарди со повреди на лицето и на окото се здобило 21-годишно момче. Петмина биле повредени во тепачки, од кои тројца во главата, а еден со нож на екстремитетите. Сите се хоспитализирани.

Возило на Итната медицинска помош ноќеска околу полноќ било нападнато кај Центарот за зависници во Кисела Вода и притоа е повреден возачот на возилото и скршени се стаклата на комбито. Според информациите од Итната медицинска помош, возачот на возилото имал скршеница на раката и потрес на мозокот. Во текот на ноќта итно е опериран на Клиниката за трауматологија. Полицијата информира дека екипата на Итната медицинска помош е нападната од засега непознати лица. Возачот, бил физички нападнат со тупаници, а докторката не била повредена.

Првото бебе во 2014 е машко, родено само една минута по полноќ во Клиниката за Гинекологија и акушерство во Скопје. Бебето е тешко 3 килограми и 450 грама и долго 50 сантиметри. На 26-годишната мајка Оља Чолакова, ова и е второ дете. На првороденчето, градоначалникот на Скопје Коце Трајановски ќе му подари штедна книшка со 20.000 денари и други подароци.
  • 16x9 Image

    Пелагија Стојанчова

    Новинарската кариера ја започна како радио водител на музичка емисија во локалното радио во Кратово. Во 2008 година работеше како новинар за култура и образование во бесплатниот дневен весник Шпиц. Од јануари 2009 работи како дописник за Радио Слободна Европа.

Покажи ги коментарите

XS
SM
MD
LG