Достапни линкови

Шумахер во критична состојба


Поранешниот шампион во Формула 1, Михаел Шумахер, е во критична состојба, соопштено е од болницата во Гренобл каде што вчера беше примен со повреди на главата по неговиот пад на скијање.

Во соопштението се додава дека за санирање на повредите била неопходна соодветна операција.
Тој имаше тешка повреда на главата и беше во кома што бараше итна неурохируршка интервенција.
Соопштение од болницата во Гренобл.

„Тој имаше тешка повреда на главата и беше во кома што бараше итна неурохируршка интервенција“, се прецизира во изјавата во која се додава дека тој и натаму бил во критична состојба.

Портпаролот на болницата соопшти дека следниот извештај за состојбата на Шумахер ќе биде издаден денеска.

Претходно беше соопштено дека Шумахер претрпел сериозни повреди на главата, но оти виталните функции на мозокот не биле оштетени.

44-годишниот Шумахер, според извештаите, удрил со главата во карпа додека скијал во скијачкиот центар Мерибел на Француските Алпи.

Тој скијал надвор од означената патека заедно со неговиот 14-годишен син.

Се наведува дека Шумахер за време на несреќата имал заштитен шлем на главата што донекаде го намалил интензитетот на ударот во карпата.

Тој за помалку од 12 минути со хеликоптер бил донесен во болница во Мутје, а еден час потоа и во болницата во Гренобл.

Шумахер кој во 2012 година по втор пат се пензионира од трките во Формула еден, беше седумкратен шампион, двапати со тимот Бенетон и петпати со Ферари. Според резултатите, тој е најуспешен пилот во историјата на Формула еден трките со 91 победа.
  • 16x9 Image

    Гоце Атанасов

    Со новинарство започна да се занимава за време на студиите по новинарство во Скопје. Работел во Млад борец, Нова Македонија, Македонската радио телевизија, А1 телевизијата и во Дојче Веле, а во Радио Слободна Европа е од започнувањето на емитувањето на македонски јазик.

XS
SM
MD
LG