Достапни линкови

logo-print

Груевски-најголем успех намалување на невработеноста


Премиерот Никола Груевски

Премиерот Никола Груевски

Премиерот Никола Груевски најави дека во наредната година се очекуваат нови инвестиции, големи инфрaструктурни проекти и зголемување на платите во јавниот сектор, на пензиите и на социјалната помош. Toj во новогодишното интервју за МРТВ изјави и дека има најави од поголем број компании за инвестирање во Македонија. Премиерот рече дека е подготвена и финансиска конструкција за сите големи инфраструктурни прокети како што се автопатските делници Скопје - Штип и Кичево-Охрис. Како голем инфраструктурен проект ја најави и гасификацијата. Според него, Македонија не е високо задолжена земја, а најголем успех во неговиот премиерски мандат го смета намалувањето на невработеноста од 38 на 28 проценти.
За односите со ДУИ во владината коалиција, Груевски рече дека е точно оти има разлики за одредени прашања, но оти со дијалог се решеваат. Тој ги негира и обвинувањата дека во Македонија има политички затвореници. Во врска со случајот на Томислав Кежаровски, премиерот појасни дека се работи за дело објавување заштитен сведок и оти законот по кој се пропишува казна за ова дело е донесен во времето на СДСМ. Груевски смета дека случајот треба да му се остави на Судот да одлучува.
За проблемот со Грција и блокадите што таа ги поставува, Груевски смета дека Македонија има многу сојузници и поддржувачи, но засега се немоќни да ја убедат Атина да го смени ставот. Според него, проблемот што го наметна Атина е главната причина за блокирањето на процесот на евроинтеграција. Односите со сите други соседи, според премиерот Никола Груевски, се добри. Со Бугарија, како што вели, проблемот е повеќе вештачки отколку реален.
Во врска со претстојните претседатели избори и кој ќе биде кандидат на ВМРО-ДПМНЕ, претседателот на Владата вели дека за тоа прашање во партијата ќе се расправа во почетокот на наредната година преку вообичаените партиски процедури. Предвремени парламентрани избори не се планираат, но не се исклучени ако се создаде таква атмосфера.
XS
SM
MD
LG