Достапни линкови

Анти владини протести во Турција


Околу 4.000 луѓе се собраа денеска во центарот на Анкара на протест, организиран од синдикатот на државни службеници. Демонстрантите ја повикаа турската Влада да си поднесе оставка поради корупцискиот скандал, што последните денови ја потресува земјата. Демонстрантите скандираа: „Нека им се откорнат рацете на крадците!“.

Нема информации за насилство за време на протестот, посочуваат странските медиуми.

Силите за борба со безредијата синоќа употребија водени топови, солзавец и гумени куршуми за да ги потиснат стотиците демонстранти, кои се обидуваа да стигнат до централниот истанбулски плоштад Таксим. Некои од демонстрантите фрлаа камења и чадни бомби против припадниците на органите на редот.
Полицијата и во Анкара синоќа растури слични вакви демонстрации.

Овие сцени потсетија на антивладините протести од летоска, кои почнаа по бруталната интервенција на полицијата против еко-протестот за заштита на паркот Гези во Истанбул, но големината на демонстрациите против корупцијата не го достигна истото ниво, забележуваат американските медиуми.

Истрагата за корупција, што почна на 17 декември, во притвор однесе 24 лица, вклучувајќи ги и синовите на двајца веќе поранешни министри. Премиерот Реџеп Таип Ердоган направи промени во кабинетот, но изјави дека владата е жртва на план на локално и меѓународно ниво за дестабилизирање на Турција.

Ердоган презеде чекори, кои според неговите опоненти, имаат за цел да и попречат на истрагата.

Европската унија изрази загриженост за продлабочувањето на корупцискиот скандал и земјата ја повика да го реши прашањето на транспарентен и непристрасен начин.
XS
SM
MD
LG