Достапни линкови

Да е подобра од оваа и полоша од наредната година


Надежта последна умира. Граѓаните се надеваат дека Новата Година ќе биде подобра од оваа што изминува, но не се оптимисти дека тоа ќе се случи.

Како и секоја Нова година и 2014 помалку или повеќе е година на нови очекувања, нови надежи и желби. За Македонија таа е веќе подигнат проект. Се градеше од гипс и цигли со амбиција да се размаглат векови историја кои безнедежно залутаа во загадената реалност од нерасчистени сметки. На крајот од сето тоа, 2014 треба да сè дочека со радост за позитивни промени.
Не очекувам ништо подобро од годинава. Се надеваме, но во оваа држава е капитулација.

Низ високо издигнатите објекти на возобновената историја денеска ги молиме македонските граѓани да ни ги откријат своите желби за наредната година. Најголем и сè поголем број од нив, кажано од искуство, не се расположени да одговараат на вакви прашања. Одат со главите надолу, одамна го задоволиле љубопитството кое по еднаш им ја крена главата нагоре за да видат што е тоа што заблеска во центарот на главниот град лиено во бронза. И сега се изморени од сè.
Се надевам дека ќе се подобрат условите, ќе нема толку кавги.

„Од државата што да очекувам? Што и да очекувам, џабе е.“

„Не очекувам ништо подобро од годинава. Се надеваме, но во оваа држава е капитулација.“

„Од државата немам никакви очекувања“, велат граѓаните што ги анкетиравме.

Некои ја повторуваат старата - надежта последна умира, ги зафаќа новогодишна еуфорија, не се откажуваат од планови, им доаѓаат и желби, сосема човечни, сосема лични, сосема нивни.
Очекувам принова на почетокот на 2014 и сум многу среќен и возбуден поради тоа и молам бога се да помине во најдобар ред.

„Се надевам дека ќе се подобрат условите, ќе нема толку кавги.“

„Повеќе здравје, среќа.“

„Господ нека даде повеќе здравје и среќа, односно љубов, љубовта носи сè“, велат граѓаните.

За наредната година свои убави лични желби и планови имаат и актерот Сашко Коцев и музичарот Бени Шаќири. Двајцата се со добра мисла за свои професионални проекти и 2014 ја идентификуваат со нивното остварување.
Добро е што сепак постои некоја светлина, некоја надеж дека барем ќе се решат некои од тие проблеми, иако решавањето на тој проблем, ќе отвори некои други проблеми.

„На личен план очекувам конечно сопругата да специјализира, да стане специјалист, па конечно да се запознаеме, зашто уште сме како дечко и девојка. Има нов театар во кој треба да редам и да нижам улоги, очекувам некоја улога во која ќе блеснам, па со неа очекувам некоја актерска награда“, вели Коцев.

„Очекувам принова на почетокот на 2014 и сум многу среќен и возбуден поради тоа и молам бога се да помине во најдобар ред. Во 2014 се надевам дека и на музички план ќе бидам исклучително активен затоа што истовремено подготвувам два материјала кои ќе бидат мошне интересни, звучат добро и се надевам дека сè ќе испадне како што треба“, вели Шаќири.
Треба да престанеме да се тапшаме по рамо, тоа е погубно, јас не гледам дали луѓето не сфаќаат дека тоа е погубно.

Прашањата на иднината се покажуваат за чувствителни. Граѓаните се плашат за перспективите, особено на најмладите во нивните семејства. Ако биле последниве години такви какви што биле, што може да се смени наредната, прашуваат повеќето од нив. Да се сопрат иселувањата на младите, да ни се вратат квалитетните, зошто ги школувавме, прашуваат најголемиот број од нив:

„Да има вработувања за младите, можност да работат, да бидат полни со енергија, со сила. Зошто нашите златни деца да одат по друго место да работат? Треба државата да си ги прибере нашите деца што се надвор.“

„Има доста примери, во нашата зграда има најмалку шест млади кои веќе заминаа во Катар“, велат анкетираните скопјани.

Само поголеми шанси за реализација и повисок стандард ќе го сопрат иселувањето, порачуваат тие.

„Подобар живот, подобар буџет, мислам на пари.“

„Да се зајакнат малку државните заводи за ревизија, затоа што таму е хаотично.“

„Судовите исправно да работат, да не бидат корумпирани“, велат граѓаните.

Такви се празниците. Неизбежно ги отвораат прашањата дали животот ќе биде подобар во некоја сфера. На оваа тема разговараме со социологот Илија Ацески. Кои одговори можете да им ги дадете на младите за кои е очигледно дека новите години не значат нови почетоци какви што тие се надеваат. Трендовите на преселби последниве години се засилуваат. Не е ли тажно на тоа да се сведат новогодишните желби, го прашуваме Ацески.

„Можеби тоа треба да се разбере во еден поширок контекст, сепак ние живееме во еден глобален свет, комуникациите се многу побрзи, полесни, поедноставни и на крајот на краиштата ако треба среќата да се бара на некое друго место, не секогаш треба да се врзува за родниот крај, за она што е коренот“, вели Ацески.

На личен план иселувањето е еден од можните патишта до среќата, вели Ацески. Надежта не може да се врзува за идеали, туку и за реалноста.

„Добро е што сепак постои некоја светлина, некоја надеж дека барем ќе се решат некои од тие проблеми, иако решавањето на тој проблем, ќе отвори некои други проблеми, но проблеми кои се врзани за перспективите на човекот. Секогаш празниците се преиспитување на самиот себе си во однос на тоа што може да се постигне“, вели Ацески.

Македонските граѓани како да ги исцрпија психолошките капацитети со долгогодишно егзистирање во апатија и очекувања без резултат. Преселбите се вентил. За земјата, пак, тоа значи губење на перспективите и мултиплицирање на проблемите. Процесот на глобализација сè посилно притиска да се прифатат стандардите на западниот свет без оглед на формалните чекори за приклучување кон пошироките организации, не само да се присутни во политичките фрази.

Глобализирањето на светот и тоа што сè поблиски ни стануваат вредностите и стандардите на поразвиените земји, се чинат блиски а сè уште недостижни. Тоа прави гневот кај луѓето кај нас да се зголемува гледајќи го сето тоа недалеку од себе, посочува Ацески. Тоа што сè поголем број македонски граѓани се гледаат реално како дел од поширокиот контекст е некаква надеж за нивното психолошко празнење низ можност да го живеат животот во реалноста и во сегашноста низ сопствена реализација и потврда на вредностите.

Да се смират страстите, да престанат поделбите и да се работи наместо што сите се бавиме со политика, посакува музичарот Арбен Шаќири за 2014.

„Се надевам дека народот многу помалку ќе се занимава со политика, затоа што со напредокот на технологијата и со појавувањето и активното вклучување на социјалните мрежи гледам дека секој од нас длабоко во себе е и тоа како спремен политичар за да може да реагира, да коментира и да дава свои ставови, мислења. Се надевам дека луѓето малку ќе ги смират страстите, дека нема да постои поделеност на наши и ваши, значи сите да се занимаваме помалку со политика и повеќе да се свртиме кон работата, кон активностите, кон секојдневието.“

РСЕ: Но луѓето се многу поделени. Може ли тука да се постигне нешто?

„Може, апсолутно. На секој човек ако му најдеш соодветна работа, може тоа да се постигне, значи не да седат по цел ден и да гледаат разни серии по сите канали и да не трујат со политика, тоа е перење на мозокот. На секое четиричлено семејство да дадат по плус 30 илјади денари, да видиш како може сите да се сплотат и никого нема да го интересира кој е на власт, кој не е и кој се занимава со политика и кој става или не става споменици. Сите ќе се занимаваат со тоа кај ќе одат на одмор, која плоча или која книга ќе ја купат, каков тип на гардероба ќе носат, со кога ќе се дружат итн“, вели Шаќири.

Низ годините задачите ни се зголемија. Заглавувавме во нечии замки. Ни наметнаа други стандарди и во нив повеќето од нас не се снајдовме. Ја префрлавме вината на другиот, не ја лоциравме на вистинското место. Станавме исплашени, суетни и претпазливи. Ја изгубивме искреноста и се приклонивме кон ласкање. Го изгубивме чувството за убавото, ни беше побезбедно да се фатиме само за корисното. Правевме компромиси за мир во куќа, но се збогувавме со креативноста, со страстите и со вистинските, реалните, наместо измислените и самопретставените успеси. За нив сè уште сонуваат креативците, а нив сè уште во Македонија ги има во доволен број.

Разговараме со актерот Сашко Коцев за некои од нашите болни точки за кои имаме право да сакаме и потреба да се подобрат во наредната година.

„Посакувам следната година да биде многу поискрена, поискрена од типот, луѓето меѓу себе од дечко и девојка или мало братче и сестриче, маж и жена, потчинет и претпоставен, сите да не се тапшаме по рамо. Тоа е нашето Потемкиново село, значи многу се тапшаме по рамо, демек сè е во ред, добро е. Добра ли е претставата? Супер е, браво, супер ти е претставата. Не бе, дојди и кажи ми, не ти е добра претставата. Јас да прашам некого, добра ли ми беше улогата и да излезат по весници да ме растурат дека била лоша, да ме растурат навистина, или, пак, да кажат браво без пристрасност. Треба да престанеме да се тапшаме по рамо, тоа е погубно, јас не гледам дали луѓето не сфаќаат дека тоа е погубно. Јас едвај чекам, наместо да дојдат да ме тапшаат после претстава, да дојдат да ми кажат, „а бе што си направил, што беше ова?“ Зошто не е добро, да прашам. Поради ова, ова и ова. Јас одам дома, плачам, си ја трескам главата од ѕид, ама следната претстава гледам тоа да го поправам, а не да се осуетам и на тој да му кажам, е кога ќе станам директор, главата ќе ти ја скинам зашто тогаш така и така ми рече. Не“, вели Коцев.

РСЕ: Кажете му на некој политичар дека не чини?

„Не трпи, не знам зошто. Ама во сите сфери е така. Во обична маалска продавничка да отидеш и да му кажеш на човекот дека тоа што го направил не е добро, нема да му работи дуќанот.“

РСЕ: И покрај сè што се вели дека се прави за театарот, зошто сите имаме чувство дека сè уште е мртов?

„Театарот не го прави зградата, театарот го прави идејата. Зошто ја правам оваа претстава? Ако јас оваа претстава ја правам за да земам 7 илјади евра хонорар, подобро не ја прави, затоа што тоа е најголемо непочитување на тоа што се вика уметност и драма. Ако тргнам и ја правам поради некој порив, макар никој не дошол да ја гледа претставата, тогаш е поискрена и кон себе и кон публиката и публиката тоа ќе го почувствува. И уште нешто, цело време се притиска театарот да биде рентабилен, да има такви претстави. Јас не мислам така, тоа е државен театар, под државна капа и не треба тој да биде рентабилен, треба тој театар да укажува и да прави едно огледало.“

РСЕ: Во таа смисла, какви се изгледите за театарот во наредната година?

Според програмата што ја прочитав, кои имиња се договорени, мислам дека ќе имаме добар театарски репертоар. Нема рецепт за театар, па и за било која уметност нема рецепт, вака ќе се направи добра претстава или онака. Едноставно треба да се заборави сè што е одоколу, кој на кого не му давал да прави претстава, кој кого тапшал по рамо, кој бил горе, кој бил долу, поминаа големи имиња, ама не се родија големи претстави. Има некоја недоверба воопшто во самите себе, во другиот до нас. Кога се прави нешто наменски во кое треба да има Албанец, Македонец и Ром, да биде тоа наменско, така и сега некои проекти ми заличуваат како наменски, мора да се вметне ова и ова. Веднаш кога во уметноста ќе направиш компромис, јас мислам дека и тоа е голем проблем во театарот, кога ќе направиш компромис, тоа веднаш не чини, допира мал дел од публиката, ама и сам себе се лаже дека го допира, лажно, јас така го чувствувам. Се надевам дека тоа догодина ќе се смени, да правиме претстави, да правиме уметност“, вели Коцев.

И за крај, желби уште многу за спортски, уметнички и цивилизациски скокови, а пред сè здравје.

„Оваа 2014 година посакувам барем трето место во кошарка и второ во ракомет. Ни дошол некој од владата, ни од опозицијата, ни дошол некој од ЕУ да ни го фрли ѓубрето на улица, да го расфрла околу контејнерите. Ние треба да го фрлиме во контејнери, ние да го исчистиме. Тоа посакувам, таа свест да се подигне“, вели Коцев.

Покажи ги коментарите

XS
SM
MD
LG