Достапни линкови

logo-print

Кој ги чепне, гори


Имамот Фетула Ѓулен и премиерот Реџеп Таип Ердоган.

Имамот Фетула Ѓулен и премиерот Реџеп Таип Ердоган.

Вака новинарот Ахмет Сик ги опиша следбениците на турското неофицијално движење Хизмет на исламскиот свештеник Фетула Ѓулен кој живее во Соединетите Држави. Сик беше затворен откако напиша книга за нивното влијание врз полицијата и правосудството. Ѓулен, според познавачите, стоел зад најновата корупциска истрага што ја тресе владата во Турција.

Работите тргнаа на лошо откако турската влада почна да ги затвора приватните училишта на движењето Хизмет во земјата. Дотогаш, движењето стоеше зад трите изборни победи на Партијата на правдата и развојот на премиерот Реџеп Таип Ердоган.

Но, влијанието на Хизмет почна да се шири и надвор од Турција, формирајќи стотици исламистички училишта, невладини организации и медиуми, од Кенија до Казахстан.

Тоа привлече милиони следбеници и милијарди долари. Хизмет нема формална структура, видлива организираност и официјално членство.
Мора да се движите низ артериите на системот, без никој да го забележи вашето постоење, се додека не стигнете до сите центри на моќ.

Сепак, според познавачите, може да прерасне во најголемата муслиманска мрежа во светот.

Хизмет на турски јазик значи „услуга“ и промовира активности за заедничко добро на своите следбеници. Се смета дека во Турција ги има неколку милиони, а некои држат клучни позиции во полицијата, тајните служби, судството, па дури и во партијата на премиерот Ердоган. Тие донираат меѓу 5 и 20 насто од нивните примања за финасирање на пример на учиштата во сопственост на Хизмет.

Иако школите се секуларни, учителите се своевиден модел на строг исламски живот: не пијат, не пушат и не се разведуваат.

Миксот на филантропија и бизнис е тоа што Хизмет го прави привлечно, велат познавачите.

Дел од нив пак веруваат дека единствена цел на движењето е да дојде до власт и да ги шири конзервативните исламистички вредности.

Притоа тие посочуваат на видеото од пред 14 години на кое Ѓулен на своите приврзаници им вели да се инфилтрираат во сите главни структури во Турција.

„Мора да се движите низ артериите на системот, без никој да го забележи вашето постоење, се додека не стигнете до сите центри на моќ“, вели Ѓулен.

Во 2000 година тој беше обвинет за поткопување на секуларизмот во Турција. Ѓулен замина во Соединетите Држави со оценка дека видеото било монтирано.

Неколку години потоа, по доаѓањето на власт на Ердоган, тој во отсуство беше ослободен од сите обвинувања. Сега неколкумина познати критичари на Хизмет се во затвор.

Денес 72-годишниот Ѓулен живее изолирано на својот имот во Пенсилванија.

Тој бара од неговите следбеници да градат училишта наместо џамии и ја охрабрува интеракцијата со луѓето од други вери преку дијалог.

И покрај тоа за поддржувачите на секуларизмот во Турција Фетула Ѓулен останува многу сомнителна личност.
  • 16x9 Image

    Гоце Атанасов

    Со новинарство започна да се занимава за време на студиите по новинарство во Скопје. Работел во Млад борец, Нова Македонија, Македонската радио телевизија, А1 телевизијата и во Дојче Веле, а во Радио Слободна Европа е од започнувањето на емитувањето на македонски јазик.

XS
SM
MD
LG