Достапни линкови

За кого во Македонија се „црните“ турски пари?


Корупцискиот скандал во Турција и наводите дека еден од уапсените, директорот на Халк Банка, изјавил 1 милион евра биле наменети за Македонија, се најде и на седницата за пратенички прашања.

Како во Македонија влегле речиси милион евра во кеш и за кого парите биле наменети, го праша премиерот Никола Груевски пратеничката на СДСМ Радмила Шеќеринска на седницата во Собранието посветена на пратенички прашања. Нејзиното прашање се однесуваше на корупцискиот скандал во Турција и за наводите дека еден од уапсените, директорот на Халк Банка, изјавил дека од пронајдените 4,5 милиони евра во неговиот дом, кои биле скриени во кутии за чевли, еден милион бил наменет за Македонија.
Не знам колку кутии за чевли се потребни за да се пренесат толку пари, а и не знам дали МВР проверува какви сè „чевли“ влегуваат во нашата држава.

Министерот за финансии, Зоран Ставрески.

Министерот за финансии, Зоран Ставрески.

„Факт е дека овие милион евра очигледно не биле влезени по нормалните канали, бидејќи самиот директор на банката потврдува некакви други податоци – дека тој не можел парите да си ги внесе во сопствената банка, туку ако сака да ги трансферира во Македонија, дека треба да си ги чува дома и во кутии. Не знам дали во кутии дошле во Македонија, не знам колку кутии за чевли се потребни за да се пренесат толку пари, а и не знам дали МВР проверува какви сè „чевли“ влегуваат во нашата држава“, рече Шеќеринска.
Ако вие располагате со информација којашто е сигурна дека се пренеле еден милион евра по нелегален пат, ве молам, имате обврска да го пријавите тоа како пратеник.

На нејзиното прашање, премиерот не одговори директно и без заобиколување како што таа побара, туку во негово име говореше министерот за финансии Зоран Ставрески, кој рече дека слушнал големи бројки, но мали аргументи. Според него, истрагата во Турција е во тек и наводите не се истражени докрај.

„Ако вие располагате со информација којашто е сигурна дека се пренеле еден милион евра по нелегален пат, ве молам, имате обврска да го пријавите тоа како пратеник. Сето друго претставуваат ваши шпекулации за коишто никој не може да коментира или да се изјасни, бидејќи немате ниеден доказ, ниту, пак, кажавте на база на што ги изнесувате овие квалификации“, рече Ставрески.

Шеќеринска праша која институција покренала истрага за црните пари, на што Ставрески одговори доколку некој се обидел да ги префрли парите преку граница ќе бил фатен од властите. Но, Шеќеринска ја цитираше изјавата на директорот на Халк Банка дека парите завршиле во Македонија.

„Успеавме дел од парите, околу 950 илјади евра, со потешкотии, но да ги пратиме во Македонија. Успеавме, господине министер“, го цитира Шеќеринска директорот на Халк Банка.

Шеќеринска порача и дека според Глобал Фајненшал Интегрити во последните четири години во Македонија влегле над милијарда долари од нелегални трансфери на пари.
  • 16x9 Image

    Марија Митевска

    Новинарската кариера ја започна во 2008 година во А1 телевизија како репортер во информативната програма.  Родена е на 14.04 1984 година во Скопје. Од мај 2009-та работи како постојан дописник за Радио Слободна Европа од Скопје.

Покажи ги коментарите

XS
SM
MD
LG