Достапни линкови

Одбојкарите преполовени одат на Светско


Отсуството на четири првотимци е сериозен хендикеп, но тоа не значи дека сме без шанси за дебитантски пласман на едно Светско првенство, велат одбојкарите.

„Отсуството на четири првотимци е сериозен хендикеп, но тоа не значи дека сме без шанси за дебитантски пласман на едно Светско првенство“.
Со ваква мисла, македонските одбојкарски репрезентативци го очекуваат квалификацискиот турнир кој од 3-ти до 5-ти јануари ќе се одржи во Ниш, каде што за една мундијалска виза ќе се бориме со Португалија, Словенија и со домаќинот Србија.

Тоа се селекции кои биле непријатни за нас во минатото, а дополнителен проблем ни претставува отсуството поради клупски и приватни обврски на Јовица Симовски, Владо Милев, Александар Љафтов и на Благој Гинов, како и неизвесниот настап на повредениот Марјан Урдов. Сето ова не става во подредена улога пред стартот на третата, финална рунда од европските квалификации за Мундијалот, но, од друга страна, ни овозможува и играње без притисок. Тоа, според селекторот Жарко Ристовски, може да ни биде голем адут во битката со фаворитите.
Меѓутоа со една позитивна атмосфера одиме да одиграме најдобро што можеме.
Жарко Ристовски, селетор

„Се наоѓаме во една многу тешка група. Играме против репрезентации со кои што во досегашните меѓусебни дуели немаме забележано победа. Меѓутоа со една позитивна атмосфера одиме да одиграме најдобро што можеме. Ќе биде нереално ако кажам дека очекувањата ни се големи, меѓутоа не одиме со бело знаме кренато. Со овој состав кој што го имаме на располагање ќе се потрудиме да одиграме најдобро што можеме и да изненадиме на овој турнир“, рече Ристовски.
Илустрација.
Илустрација.

Селекторот не сака да прогнозира против кого имаме поголеми шанси за победа и порачува дека во Ниш ќе се размислува од меч во меч, што значи дека во моментов сите мисли се насочени кон стартниот дуел со поранешниот европски првак, а актуелен освојувач на бронзениот медал од годинашното ЕП, селекцијата на Србија.
Од моето осумгодишно искуство во репрезентацијата и некој наш менталитет што го имаме, најзначајна ќе ни биде првата средба.
Никола Ѓорѓиев, капитен.

Тој дуел е најзначаен и за капитенот Никола Ѓорѓиев, кој иако смета дека домаќинот е најголем фаворит на турнирот, токму преку пресметката со него, ја гледа нашата шанса за историски успех.

„Од моето осумгодишно искуство во репрезентацијата и некој наш менталитет што го имаме, најзначајна ќе ни биде првата средба. Доколку во неа успееме да победиме, зошто да не верувам во тоа, ќе се бориме за тоа, а по некое историско искуство гледано, Србија секогаш првиот меч го игра полошо како на ЕП така и на СП, со нивно мало опуштање или да не потценат, мислам дека со наша максимална волја и желба и верување, ќе успееме да направиме добар резултат. Тогаш ќе тргнат работите напред и ќе биде многу тешко да не сопрат“, изјави Ѓорѓиев.

Инаку, пласман на СП кое во септември наредната година ќе се одржи во Полска ќе обезбедат репрезентациите кои ќе ги освојат првите места во петте квалификациски групи, како и најдобрата второпласирана селекција. Од претходно, пак, на Мундијалот се пласираа домаќинот Полска, европскиот и олимписки шампион Русија, европскиот вицешампион Италија, како и националните тимови на Бразил, Аргентина, Венецуела, Австралија, Иран, Кина и на Кореја.
XS
SM
MD
LG