Достапни линкови

Приказната за Калашников


Михаил Калашников, човекот кој го измисли најпознатото оружје на светот почина на 94-годишна возраст во Ижевск во руската република Удмуртија. Тоа е недалеку од фабриката која се уште ја произведува иконската автоматска пушка АК 47 што ја создаде уште во 1947 година.

Кога неговата пушка АК 47, која е многу попозната и по неговото презиме „Калашников“ почна да се произведува пред шест децении, тешко можеше да се претпостави дека ќе им стане стандардно оружје не само на советските војници, туку и на герилците, терористите и криминалците во целиот свет. Се смета дека се произведени над 100 милиони.

Калашников беше едно од 19 деца на сиромашни селани на југот на Русија. Како дете тој сонувал да стане поет. Всушност цел живот пишувал песни, а има објавено и шест книги. Но, по нив сигурно светот нема да го запамти.

„Има многу лоши поети и без мене. Сепак, отидов по друг пат“, изјави пред неколку години Калашников кој во 1938 година стана војник на Црвената армија.

Беше тенкист до ранувањето три години потоа кога во болницата ги слушнал жалбите на советските војници за нивните неефикасни пушки.
Неговиот дизајн за пушка победи на натпреварот во 1946 година, по што почна производството на „Автомат Калашников 1947“ или скратено АК 47.
Создадов оружје за заштита на границите на мојата татковина. Не е моја вина што тоа се користи каде што не треба.
Михаил Калашников, дизајнер на пушката АК 47.

За неколку години стана стандардна пушка во советскста армија, а за време на Студената војна се прошири и кај сојузниците на Москва.

Пушката стана своевидна икона. Позната е сликата на Че Гевара потпрен врз „калашников“, истиот модел кој е на знамето на Мозамбик како потсетување на улогата на ова оружје во ослободувањето на таа земја.

Набрзо пушката беше достапна и поради ниската цена, а има наводи дека таа е одговорна за повеќе загинати од атомската бомба во Хирошима.

„Некаде може да се купи за 15 долари или за торба грашок“, изјави пред десетина години тогашниот генерален секретар на Обединетите нации Кофи Анан, објаснувајќи:

„Со минимална обука и децата можат да ја користат. Лесно се крие и транспортира. Не бара многу за одржување, а трае со децении“, рече тој.

Ниту самиот Калашников не беше многу воодушевен од тоа кој се го користи неговиот изум.

„Кога го видов Осама бин Ладен со АК 47 се изнервирав. Но, што да правам, терористите не се будали. Ја избираат најприфатливата пушка“, изјави тој, додавајќи:

„Создадов оружје за заштита на границите на мојата татковина. Не е моја вина што тоа се користи каде што не треба. Политичарите треба да се срамат за тоа, не дизајнерите. Политичарите не можат да се согласат на мирни решенија со цел оружјето никогаш да не биде употребено“, изјави тој.

Сепак, Калашников има изјавено дека повеќе би сакал да создал машина која може да им ја олесни работата на луѓето, како косилка, например.

По неговата смрт, руските медиуми потсетуваат дека претседателот Владимир Путин во 2007 година изјавил дека пушката „калашников“ е симбол на „креативната генијалност на рускиот народ“. АК 47 е во официјална употреба во 100 држави, а во 30 и се произведува.
  • 16x9 Image

    Гоце Атанасов

    Со новинарство започна да се занимава за време на студиите по новинарство во Скопје. Работел во Млад борец, Нова Македонија, Македонската радио телевизија, А1 телевизијата и во Дојче Веле, а во Радио Слободна Европа е од започнувањето на емитувањето на македонски јазик.

XS
SM
MD
LG