Достапни линкови

logo-print

Селмани - За етички прекршок морална казна од колегите


Насер Селмани, претседател на ЗНМ.

Насер Селмани, претседател на ЗНМ.

Неодговорното новинарство во Македонија, кое веројатно го има, нема да го решиме со казни и со закони, туку најдобар и најефикасен инструмент е да удриме по кредибилитетот на тие медиуми коишто неодговорно се однесуваат, вели претседателот на ЗНМ, Насер Селмани, во кусото интервју за Радио Слободна Европа.

Господине Селмани, која ќе биде целта на новоформираниот Совет за етика?

Советот за етика ќе има обврска да ја штити јавноста од неодговорно новинарство, на некој начин ќе нè заштити и нас од самите себе си. Во Европа, прашања на новинарската етика се стандард и државата не се меша и остава на самите професионалци да воспостават минимум стандарди коишто самите ќе се обврзат да ги почитуваат. Јас навистина бев навистина многу задоволен бидејќи мнозинството од медиумите во Македонија се согласија дека е крајно време кога ние мора да поставиме една граница под која не сме спремни да работиме. Тоа е клучно, затоа што зад таа намера застанаа и сопствениците на медиумите, без кои јас мислам дека ќе биде залудно да се обидеме да воспоставиме правила на игра во новинарството.

Како очекувате претставниците на Советот од медиумите кои важат за блиски до власта да ја саморегулираат својата работа?

Јас не сакам да ги делам медиумите на провладини и проопозициски. Битно е што медиумите што вчера дојдоа во Собрание го прифатија Статутот, ги прифатија процедурите за работа. Наскоро ќе ја избереме и Жалбената комисија и мислам дека одлуките што ќе ги донесе жалбената комисија ќе бидат прифатени од сите. Мислам дека таа желба што ја демонстрираа и претставниците на медиумите и новинарите, мислам дека ќе даде резултати. Не велам дека тоа ќе оди лесно, меѓутоа почетокот ветува дека навистина ние сме свесни дека без воспоставување правила на игра, без почитување на минимум професионални стандарди во професијата, во прашање се доведува нашиот кредибилитет како медиуми, затоа што сериозно е нарушена нашата доверба. На крајот на краиштата во прашање е нашата егзистенција. Ако овие медиуми не ја уживаат довербата на јавноста, тогаш навистина јас не знам како би опстојале тие медиуми, затоа што и тоа е бизнис. Ние како здружение во изминатиов период само помогнавме да ги ставиме овие прашања на маса и мислам дека е добро што нашите аргументи беа прифатени и се обврзавме во иднина да работиме да го сочуваме нашиот образ како професионалци и да ја повратиме довербата од јавноста.

Како ќе ја сносат одговорноста медиумите и новинарите за кои било утврдено дека неетичко и непрофесионално известувале?

Зашто се работи за етика, во Европа стандард е дека за етички прекршувања не се изрекуваат материјални санкции или казна затвор. Со саморегулацијата, а тоа е прифатено во Европа, се изрекуваат само морални санкции. Овој систем функционира и дава резултат во најголемиот дел од земјите во ЕУ. Со самото признавање на грешката се смета дека оштетената страна треба да биде задоволна, а медиумот од друга страна презема одговорност дека таквите грешки во иднина нема да ги повтори. Колку и да звучи ова идеално, јас мислам дека неодговорното новинарство во Македонија, кое веројатно го има, нема да го решиме со казни, со закони, со парични казни, туку најдобар и најефикасен инструмент е да удриме по кредибилитетот на тие медиуми коишто неодговорно се однесуваат. Ако ним не им е проблем секоја недела во нивните медиуми да објавуваат одлуки на Жалбената комисија дека прекршиле некое етичко правило или некој новинарски стандард, тогаш навистина јавноста ќе се запраша каков е тој медиуми што секојдневно или секоја недела прави такви грешки и навистина ќе се доведе во прашање кредибилитетот на тој медиум и јавноста ќе се прашува дали вреди тој медиуми повеќе да го чита, да го гледа или да го слуша.
  • 16x9 Image

    Марија Митевска

    Новинарската кариера ја започна во 2008 година во А1 телевизија како репортер во информативната програма.  Родена е на 14.04 1984 година во Скопје. Од мај 2009-та работи како постојан дописник за Радио Слободна Европа од Скопје.

XS
SM
MD
LG