Достапни линкови

Неделен печат - Евроинтеграции и Надзорна расправа во Собранието


Архивска фотографија.
Архивска фотографија.

Фокус и Република пишуваат за повторното недобивање датум за преговори со ЕУ, а Глобус ја анализира Надзорната расправа за слобода на говорот во Македонија.

Фокус - Лошо е помалку лошо од полошо
Македонската битка не можат да ја извојуваат Албанците. Тоа не е ниту природно, ниту разбирливо.
Фокус.

Архивска фотографија.
Архивска фотографија.
„Лошо е помалку лошо од полошо!“ - е насловен уводникот во Фокус со една од веќе пословичните изјави на премиерот Груевски, во која авторот се осврнува на најновото, петто по ред, недобивање датум за почнување преговори на Македонија со ЕУ. Очекувањата дека Али Ахмети сам ќе го направи чекорот за финален пресврт кон европската перспектива за која толку пека, со што би ги оправдал своите настапи пред своите гласачи, не смеат да бидат ниту клучниот ниту единствениот моментум на кој Македонците ја базираат својата политика. Зашто македонската битка не можат да ја извојуваат Албанците. Тоа не е ниту природно, ниту разбирливо. Македонците ја немаат поддршката на Русија, далеку се од Кина и од Индија, оддалечени се од Брисел, заборавени од Вашингтон. Но, сега, кога и братска Србија ни побегна, пишува воведничарот, конечно е јасно дека Груевски ја губи и последната локална битка за себепромоција како регионален фактор, востоличувајќи се себеси во жив претставник на една конзервирана ера. Тој, по бриселските случувања е политички осамен на тронот, идејната дружба со Ахмети е дефинитивно завршена, но неговата моќ за поигрување со политичките партнери и противници сè уште е силна, смета Фокус.
По ова сериозно се наметнува дилемата за кого важи меѓународното право, што подразбира европската солидарност и каде се границите.
Република.

Република - Каде што има европска солидарност, нема меѓународно право

И уводникот на Република е посветен на петтото по ред одбивање на Европскиот совет да дозволи почеток на пристапни преговори со Македонија. Во текстот со наслов: „Каде што има европска солидарност, нема меѓународно право“, авторот пишува дека по ова сериозно се наметнува дилемата за кого важи меѓународното право, што подразбира европската солидарност и каде се границите. Брисел, во обидот да се извлече од непријатната ситуација во која ја стави Атина и да ги оправда постапките со кои ги погазува сопствените правила и критериуми, се загуби во лавиринтот на лажни вредности во кои не верува ни самиот, а камоли оние што се обидува да ги убеди во нивната исправност, пишува покрај другото Република.

Глобус – Жртви

„Аман! Немој повеќе да ме браниш! Ме раскостија од ќотек“ - Со оваа поента од вечно актуелниот виц почнува редовната колумна „Таленти“ во најновиот Глобус, овој пат со наслов Жртви. Ја обработува неодамнешната Надзорна расправа во Собранието, покрај другото и за медиумските слободи во државава, во која учествуваа и новинари, и во која, како што пишува, жртви беа не само тепаниот – новинарството, туку и „тепачите“ и „бранителите“. Поделбите во сите области од животот кои веќе достигнаа застрашувачки размери, во Собранието продолжија да ги продлабочуваат самите новинари, а новинарството беше грубо омаловажено и засрамено. Состојбите во медиумскиот простор во Македонија се катастрофални, заедно со слободите и правата на новинарите и условите во кои работат, пишува колумнистот во Глобус, а најголемата жртва сепак се граѓаните, на кои, во услови на контрола на медиумите и неслободата во новинарството им е оневозможен пристап до вистинита информација, со што грубо се крши со Уставот загарантираното право на информирање, на слободата на мислење и изразување.
  • 16x9 Image

    Горица Попова

    Родена е во Кочани, дипломирала во 1976 год. на Филозофскиот факултет во Скопје. Како новинар работи над 30 години. Почнала во Македонско радио- Радио Скопје во 1978 год. Од јуни 2009 год. е соработник на Радио Слободна Европа.

XS
SM
MD
LG