Достапни линкови

Чистка во истанбулската полиција


Tурскиот премиер Реџеп Таип Ердоган.

Tурскиот премиер Реџеп Таип Ердоган.

Уште 25 полициски началници од различни оддели на истанбулската полиција беа разрешени од должностите во рамки на масовната полициска операција против корупцијата, која во Турција се спроведува оваа недела, јави БТА.

Претходно 11 началници на оддели на полицијата во Истанбул ги загубија функциите, а директорот на истанбулската полиција Хусеин Чакпан беше исто така разрешен, а на негово место е назначен валијата на округот Аксарај, Селами Алтанок.

Промени во раководниот состав на полицијата имаше и во други места во Турција.

Во корупцискиот скандал, кој ја потресе Турција по полициската операција, која почна во вторникот, се вмешани и имињата на синови на двајца министри. Јавното обвинителство на Истанбул покрена обвиненија за корупција против синовите на двајца министри во Владата на Турција, во рамки на корупцискиот скандал, во кој би можел да биде вмешан и турскиот премиер Реџеп Таип Ердоган.

Покрај синовите на министрите за внатрешни работи и за економија, Муамер Ѓулер и Зафер Чаглајан, за корупција, измами, илегална трговија на злато и присвојување на туѓ имот, се обвинети уште 14 лица, меѓу кои и директорот на турската државна „Халк банка“, Сулејман Аслан. Со најновите обвиненија, во рамки на антикорупциската акција досега се обвинети вкупно 24 лица.

Турскиот премиер Ердоган вчера ја оцени операцијата како „заговор“.
XS
SM
MD
LG