Достапни линкови

Турската влада во криза по истрагата за корупција


Премиерот на Турција, Реџеп Таип Ердоган.

Премиерот на Турција, Реџеп Таип Ердоган.

Невообичаено е влада да обвинува полициски службеници за политички заговор. Особено не кога тие ќе покренат истрага за корупција. Но, токму тоа деновиве се случува во Турција.

Истрагата на турската полиција за наводна повеќемилионска шема за купување злато во која е инволвиран и Иран му донесе голема политичка криза на премиерот Реџеп Таип Ердоган. Сложената афера го натера да обвини полициски службеници за покренување нечиста операција против владата. Во истрагата за мито и корупција беа приведени синови на тројца министри и бизнисмени.
Фетула Гулен, Реџеп Таип Ердоган

Фетула Гулен, Реџеп Таип Ердоган


Ердоган навести кој би можело да стои зад оваа истрага и кој, како што рече, сакал да создаде „држава во држава“.
Јавното мислење знае за кого премиерот или неговите министри зборуваат кога спомнуваат банда или паралелна држава во држава, бидејќи не е за прв пат Ердоган да го прави тоа.

Ердоган не го наведе името на организацијата, но употреби референци кои ставаат јасно до знаење дека ги обвинува следбениите на Фетула Гулен, влијателен муслимански свештеник кој живее во Соединетите Држави.

„Јавното мислење знае за кого премиерот или неговите министри зборуваат кога спомнуваат банда или паралелна држава во држава, бидејќи не е за прв пат Ердоган да го прави тоа“, вели Барвин Јинанч, од истанбулскиот весник „Хуриет“.

Битката околу корупциската истрага ги турна полициските службеници и некои обвинители директно против министрите во потесниот круг на Ердоган.

Притоа тие објавуваа детали за итрагата, како на пример за кутии за чевли во кои имало 4 ипол милиони долари во станот на извршниот директор на Халк банката или пак за машина за броење пари во спалната на еден министерски син.

Некои велат дека тие пари му припаѓале на иранскиот бизнисмен Реза Зараб кој ги префрлил во Турција за да купи злато кое ќе го пренесе во Иран. Не се спомнува дали во операцијата била вклучена и иранската влада чија земја е под меѓународни санкции. Како одговор на истрагата, турската влада разреши високи полициски офицери, вклучувајќи го и шефот на истанбулската полиција Хусеин Чапкин.

Како и да е, аферата е голем удар за Ердоган, бидејќи неговата Партија на правдата и развојот дојде на власт во 2003 година со кампања за „чисти раце“.

Сегашната истрага е прв поголем предизвик за Ердоган на само неколку месеци пред локалните и претседателски избори.

„Предизвиците за неговото владеење во Турција се зголемија годинава. Секуларните протести во мај и јуни беа против автократијата и големата исламистичка тенденција на Ердоган. Сегашниот удар е од верска страна која исто така не е задоволна од начинот на кој владее“, вели Џејмс Кер Линдзи, аналитичар од Лондон.

Сегашиот скандал го покажа и дефинитивното раскинување меѓу оние што му се лојални на Ердоган и следбениците на Гулен кои претходно соработуваа со цел муслиманската конзервативна Партија на правдата и развојот да дојде на власт.

Но, и едните и другите имаат иста политичка агенда, базирана врз исламски и бизнис вредности.

Гулен живее во Соединетите Држави од 1999 година откако ја напушти Турција за да се лекува. Но, многумина веруваат дека тој тогаш избегал за да не му биде судено за обид да ја трансформира земјата во исламска држава.
  • 16x9 Image

    Гоце Атанасов

    Со новинарство започна да се занимава за време на студиите по новинарство во Скопје. Работел во Млад борец, Нова Македонија, Македонската радио телевизија, А1 телевизијата и во Дојче Веле, а во Радио Слободна Европа е од започнувањето на емитувањето на македонски јазик.

XS
SM
MD
LG