Достапни линкови

ЕУ: прашањето за преговори со Македонија ќе се разгледува во 2014


Советот за општи работи на Европската унија денеска го донесе заклучокот за Самитот на Европскиот совет во однос на предлогот на Европската комисија за почеток на пристапните преговори со Република Македонија, заклучувајќи, според најавите, дека „земјите-членки на Унијата ќе се вратат на ова прашање во 2014 година”.
Како што јавува МИА од Брисел, еврокомесарот за проширување Штефан Филе и претседавачот на Советот, Линас Линкевичиус, на вечерашната прес-конференција потврдиле дека е забележан напредок во Македонија, но признале дека поради недостиг на консензус во ЕУ, земјата и овојпат останува без датум за почеток на преговорите за членство.
Забележан е прогрес во Скопје и Советот ќе се врати на тоа прашање во 2014 година - истакнал Линкевичиус.
Комесарот за проширување, Штефан Филе, пак, нагласил: „не ја кријам загриженоста во однос на БЈР Македонија. Имаме надеж дека осигуривме договор за нов пристап кон ЕУ-посветеноста во оваа земја. Советот одлучи да се врати на ова прашање врз база на ажурирање од страна на Европската комисија за натамошниот прогрес во однос на Пристапниот дијалог на високо ниво, вклучително и на имплементација на политичкиот договор од 1 март и на чекорите преземени за промовирање на добрососедските односи.“
Имаме надеж дека земјата ќе ги искористи следните месеци за да напредува во реформите и работата со сите партнери за да излезе од статус-кво ситуацијата. Следниот чекор на европскиот пат може биде преземен наскоро, порача Филе.
XS
SM
MD
LG