Достапни линкови

Либерализација за поскапа струја


Илустрација.

Илустрација.

Недостигот од електрична енергија не оди во прилог на тврдењата дека либерализацијата на пазарот на електрична енергија нема да предизвика ценовни шокови.

Недостигот од електрична енергија не оди во прилог на тврдењата дека либерализацијата на пазарот на електрична енергија нема да предизвика ценовни шокови, велат упатените. Стопанствениците се надеваат дека новитетот кој треба да стапи сила догодина ќе донесе подобрувања.
Не се кажани точно во јавноста ефектите од таа либерализација, какви ќе бидат, што се очекува да се постигне и што се очекува да се случи.

Од Регулаторната комисија за енергетика најавија дека над 200 потрошувачи ќе користат струја по пазарна цена и дека нема да се дозволат ценовни шокови. Според професор Атанаско Тунески од опозицискиот СДСМ, не е јасно по кои критериум се бирале потрошувачите за кои треба да важи либерализацијата.

Таквите новини би требало, според мене, секогаш да се гледаат позитивно.
„Не се кажани точно во јавноста ефектите од таа либерализација, какви ќе бидат, што се очекува да се постигне и што се очекува да се случи. Речено е само дека излегување на слободен пазар, со берзата за електрична енергија што се формира, нема да има значајно зголемување на цената, ама и зборот значајно е деликатен, што за некого е значајно, за друг не е значајно. Можно е да има некакво зголемување кое Регулаторна ќе го правда дека не е значајно, ама во пракса, односно на терен, за граѓаните ќе биде значајно“, вели тој.

Според Тунески, клучен е терминот берза на електрична енергија, што во суштина значи дека цената ќе се формира врз основа на понуда и побарувачка. Македонија е енергетски зависна земја, што значи дека можен е проблем на страната на понудата.

„Јас не сум некој голем економист, ама нас не учат и во основно школо дека ако понудата е помала од побарувачката, тогаш цената оди нагоре. Не гледам како може да падне цената поради тоа што имате пазар, ако на тој пазар нема понуда. Вие секоја работа може да ја крстите пазар, ама битно за пазарот е да има поголема понуда од побарувачката, ако нема таков случај, вие ќе платите скапа цена, па сеедно дали тоа го крстиле пазар или непазар“, вели Тунески.

Според Регулаторна, ако се почувствуваат ценовни шокови тоа во основа ќе значи дека либерализацијата е неуспешна. Сето тоа го покренува прашањето, ако Македонија купува скапа увозна струја поради тоа што не се произведува доволно дома, дали власта со народни пари ќе ги амортизира ценовните шокови? Пред почетокот на грејната сезона, надлежните одлучија да не ја намалат цената на струјата за 4,48 отсто како што претходно беше најавувано и наместо тоа, струјата поевтини за 3 проценти.

Фирмите први ќе трошат струја по берзански цени и тоа во април догодина. Бизнис заедницата нерамнодушно прифаќа какви било промени на пазарот, вели Мендерес Кучи од Стопанската комора на северозападна Македонија.

„Таквите новини би требало, според мене, секогаш да се гледаат позитивно, затоа што навистина ќе може да се конкурира и во овој сегмент кој досега беше монополистички и во којшто не можеа многу, многу фирмите да влијаат, со сите парадокси и и синдроми што беа наследени со еден многу лош договор“, вели Кучи.

Во Македонија во моментов има над 40 трговци кои имаат лиценца за тргување со електрична енергија, а лиценца за снабдување има само една компанија, што во основа ги задоволува условите за либерализација, процес кој еднаш беше одложен.
XS
SM
MD
LG