Достапни линкови

Бугарите, Ерменците, па Македонците


Тоа се светските лидери според нивното сопствено гледање на животот како на страдање. Испитувањето го изврши Галуп во 143 земји и, според резултатите, Бугарија веќе три години по ред е на првото место.

Бугарија и за минатата година ја предводи листата на таканареченото светско страдање. Имено, 39 насто од Бугарите нивниот живот го окарактеризираа толку лошо што може да се оцени како страдање.

Но, Бугарија не е осамена на врвот. Триесет иседум отсто од Ерменците велат дека страдаат, по што следуваат жителите на Камбоџа, Хаити, Унгарија, Иран и Македонија со 31 насто од граѓаните кои мислат дека нивниот живот е страдање.

Што се однесува до Македонија, страдењето повторно бележи тренд на зголемување откако во 2011 година изнесуваше 25 насто. Тогаш тоа беше пониско од претходната година кога во Македонија својот живот како страдење го оценија дури 38 отсто од испитаниците.

Помалку од Македонците, според испитувањето на Галуп, страдаат жителите на Босна и Херцеговина, Србија и Косово.

Галуп ги класифицира испитаниците на оние што мислат дека се просперитетни, оние што се борат и оние што страдаат. Односно како тие го оценуваат нивниот сегашен и иден живот на скалата од нула до десет степени.

Галуп смета дека луѓето страдаат ако својот живот го оценуваат со четворка или подолу.

Луѓето кои страдаат не се само песимисти за нивната актуелна состојба во животот, туку исто така немаат надеж за она што ќе им донесе иднината.
Во Македонија 31 отсто од граѓаните мислат дека нивниот живот е страдање. Страдањето во земјава лани повторно бележи тренд на зголемување откако во 2011 година изнесуваше 25 отсто.

Јасно е дека во многу земји кои се економски и политички се борат и каде што стабилноста е бледа, како Авганистан или Грција, страда поголем дел од населението.

Во 20 од 143 земји и региони опфатени со испитувањето во 2012 година, четвртина од нивното возрасно насление го оцени својот живот како страдање. Меѓу нив се вклучени и шест земји погодени од кризата во Европа.

Во светот еден од седум возрасни сметал дека страда. Водечки регион е јужна Азија со 24 отсто, по што следува Балканот, Блискиот Исток и Северна Африка со 21 отсто од населението кое смета дека животот им бил страдање.

Ниско ниво на страдање има во побогатите земји, како Исланд, Катар, Шведска, Норвешка, Обединетите Арапски Емирати.

Но, многу не страдаат и во некои земји во развој како Тајланд, Венецуела, Нигерија и Либија.

Експертите објаснуваат дека, во случајот со Либија, повеќето тамошни жители се уште биле ентузијастички расположени по падот на режимот на Моамер ел Гадафи кој владееше во земјата над четири децении.

Благосостојбата во земјата најмногу се поврзува со примањата, нивото на образование и здравството. Всушност станува збор за тоа колку човек мора да се грижи и да се бори за да ги обезбеди основните услови за живот.

Лидерите во Бугарија годинава почнаа да се соочуваат со можните последици од високото ниво на страдање меѓу жителите. Протестите што се проширија во земјата резултираа со пад на владата на премиерот Бојко Борисов, но и натаму продолжуваат.
  • 16x9 Image

    Гоце Атанасов

    Со новинарство започна да се занимава за време на студиите по новинарство во Скопје. Работел во Млад борец, Нова Македонија, Македонската радио телевизија, А1 телевизијата и во Дојче Веле, а во Радио Слободна Европа е од започнувањето на емитувањето на македонски јазик.

XS
SM
MD
LG