Достапни линкови

Кошаркарките аутсајдерки, но оптимистки за ЕП


Македонската женска кошаркарска репрезентација.

Македонската женска кошаркарска репрезентација.

Иако противниците во квалификациите за ЕП во 2015 се фаворити, македонските кошаркарки во изминатиот период докажаа дека можат да се носат со многу пореномирани селекции.

Добивме квалитетни, но не и несовладливи противници и не сме без шанси за премиерен пласман на едно женско кошаркарско ЕП. Вака размислуваат во македонската кошаркарска федерација, по дознавањето на ривалите во квалификациите за женското Еуро, што во 2015-та година ќе се одржи во Унгарија и во Романија.
Првичната оценка е дека добивме сериозни противници, но никој не е непобедлив.

Во тие квалификации, Македонија по двапати ќе ги одмери силите со Велика Британија, Белгија и со Литванија, кои на хартија важат за фаворити. Сепак, со настапот на летните претквалификации во Израел, каде што ја совладавме Португалија, а од Германија бевме поразени дури по едно продолжение, нашите кошаркарки докажаа дека можат да се носат со многу пореномирани селекции.
Сите сме задоволни, а и резултатите кои ги постигна на претквалификацискиот турнир кажуваат дека се работи за добар селектор.

Тоа, според директорот на македонските кошаркарски репрезентации Илија Мерџановски, ни дава право на надеж дека ќе стигнеме до една од двете најпосакувани позиции во квалификациската група Б.

„Првичната оценка е дека добивме сериозни противници, но никој не е непобедлив. И минатата година во Бугарија игравме со Велика Британија, која важи за еден од фаворитите во оваа група, каде што извојуваме победа. Така што, мислам доколку се собереме на време, доколку дојдат сите девојки и доколку бидеме сите здрави и живи, можеме да играме со сите и ќе може да се надеваме на успех, и на освојување на второто или првото место во групата“, рече Мерџановски.

За остварување на оваа цел, Мерџановски најавува дека националниот тим ќе има одлични услови за подготовки и неколку тест натпревари, од кои во моментов, начелно се договорени контроли со Бугарија, Словенија и со Естонија. Но, за нивна потврда, како и прецизирање на целиот план на подготовки ќе се почека уште еден месец, односно состанокот со селекторот Горан Јовановиќ, кој со својата досегашна работа ги задоволи вкусовите на одговорните во Федерацијата.

„Ние сме презадоволни од неговата работа, морам да кажам, како и девојките, така целата екипа. Направи еден свој систем на работа, препознатлив за него. Сите сме задоволни, а и резултатите кои ги постигна на претквалификацискиот турнир кажуваат дека се работи за добар селектор. Беше прифатен од сите нас, така што ние сме задоволни и решивме да ја продолжиме работата со него“, додаде Мерџановски.

Инаку, квалификациите за ЕП ќе се одржат од 8-ми до 25-ти јуни наредната година, а на собирот на најдобрите на Стариот континент ќе се пласираат победниците и петте најдобри второпласирани тимови од шесте групи. На Еуро, ќе учествуваат 20 селекции, вклучувајќи ги и веќе пласираните домаќини Унгарија и Романија, како и седумте најдобри од последното ЕП, Шпанија, Франција, Турција, Србија, Белорусија, Чешка и Грција.
XS
SM
MD
LG