Достапни линкови

Светот се простува од Нелсон Мандела


Светски лидери, од американскиот претседател Барак Обама до кубанскиот Раул Кастро со денешна почит спрема Нелсон Мандела на масовната комеморација на стадионот Совето во Јоханесбург. Дождливото време не ја избриша дарбата на Мандела да ги доведе непријателите заедно преку политичките и расните поделби.

Барак Обама и Раул Кастро чии земји се идеолошки непријатели над 50 години со лична почит до Нелсон Мандела на фудбалскиот стадион во Јоханесбург, каде што тој пред 23 години, штотуку ослободен од затвор, беше поздравен од неговите приврзаници како надеж за нова Јужна Африка ослободена од апартхејдот.

Коинцидирајќи со Меѓународниот ден на човековите права, денешната меморијална церемонија е централна во неделата на жалост за Мандела кој почина во минатиот четврток на 95-годишна возраст.
Она што го направи за време на животот, тоа го прави и во смртта, ги зближува луѓето со различни мислења, политички и верски уверувања.

Меѓу стотината светски државници се и претседателите на Зимбабве и поранешниот британски премиер Тони Блер. Токму Блер го нарече Мугабе диктатор кој треба да биде симнат од власт, додека Мугабе оцени дека Блер бил империјалист кој треба да оди во пеколот.

Ваквите антагонизми се ставени настрана во знак на почит на човекот кој својата судбина ја стави во служба на помирувањето во повеќерасната Јужна Африка.

„Она што го направи за време на животот, тоа го прави и во смртта, ги зближува луѓето со различни мислења, политички и верски уверувања“, вели Зелда ла Гранж, некогашна лична асистентка на Мандела.

Се очекуваше на комеморацијата да присуствува и иранскиот претседател Хасан Рохани, со што се зголемија очекувањата за тет а тет средба со Барак Обама, но името на Рохани беше симнато од официјалната листа на присутни на церемонијата.

Генералниот секретар на Обединетите нации, Бан Ки-мун, оцени дека Јужна Африка и светот загубиле херој и оти неговото наследство ќе ја води работата на Обединетите нации.

Според некои агенции, денешната комеморација на Мандела ќе доведе и до извесно политичко предимство на владата на неговиот Африкански национален конгрес која се соочува со народни протести поради големата сиромаштија, криминалот и невработеноста и тоа на шест месеци пред изборите.

Жалоста по Мандела го отргна вниманието од корупциските скандали со кои се соочуваат претседателот Џекоб Зума и неговата администрација.

Од друга страна, сеќавањата на поранешниот претседател потсетуваат колку денешната Јужна Африка е далеку од „Земјата на виножитото“, идеалот за социјален и расен мир што го прокламираше Мандела по неговата изборна победа.

Јужноафриканското општество останува едно од најподелените во светот.

По денешниот настан во присуство и на тројца поранешни американски претседатели, Џими Картер, Бил Клинтон и Џорџ Буш, телото на Мандела останува во Преторија до неделниот погреб во Куну, 700 километри од Јоханесбург. Погребот ќе биде главно во рамките на неговото семејство.
  • 16x9 Image

    Гоце Атанасов

    Со новинарство започна да се занимава за време на студиите по новинарство во Скопје. Работел во Млад борец, Нова Македонија, Македонската радио телевизија, А1 телевизијата и во Дојче Веле, а во Радио Слободна Европа е од започнувањето на емитувањето на македонски јазик.

XS
SM
MD
LG