Достапни линкови

Илјадници демонстранти остануваат на улиците на Киев по вчерашниот протест на кој над половина милион луѓе бараа потесни врски со Европската унија и оставка на претседателот Виктор Јанукович. Вчера беше урнат и споменикот на Ленин, основачот на Советскиот Сојуз.

Збогум комунистичко наследство, напиша на твитер опозицискиот пратеник Андреј Шевченко, по уривањето на статуата на Ленин во Киев, додека владата на премиерот Микола Азаров таквиот чин го оцени како варварство.

Тоа, според полицијата, го сториле триесетина маскирани лица кои носеле знамиња на ултранационалистичката партија „Слобода“. Но, лидерот на „Слобода“, Олех Тијахнибок, го дематира тоа.

„Какво бесмислено самоубиство“, рече тој.

И другите опозициски лидери демантираа дека имаат некаква врска со уривањето на статуата.

„Ленин имаше една револуција, Јанукович две“, изјави Арсениј Јаценјук, лидер на опозициската Татковина. Како и да е, претставници на безбедносните органи соопштија дека отвориле истрага против опозицијата за обид за државен удар.
Ленин имаше една револуција, Јанукович две.

Дописниците на Радио Слободна Европа јавија дека во текот на изминатата ноќ илјадници луѓе ги блокирале клучните владини згради со автомобили, барикади и шатори.

Претседателот на Европската комисија Жозе Мануел Баросо кој имал телефонски разговор со претседателот Виктор Јанукович изјави дека е неопходно политичко решение.

Шефицата на европската дипломатија Кетрин Ештон пак во текот на оваа недела треба да замине за Киев во обид да најде излез од ќорсокакот.

Јанукович за кризата разговарал и со генералниот секретар на Обединетите нации Бан Ки Мун кој во своето соопштение изразува длабока загриженост за ситуацијата во Украина при што апелира за дијалог меѓу страните.
Претходно, Виталиј Кличко, светскиот боксерски шампион во супертешка категорија и лидер на опозициската партија „Удар“ им се обрати на насобраните демонстранти.

„Сакам да ви се обратам на секој посебно, ви благодарам за вашата граѓанска позиција, за тоа што не сте пасивни. Вие се борите за вашата иднина. Таа не зависи од мене или од некој друг опозициски лидер. Иднината зависи од секој од вас посебно“, рече Кличко.

Протестите се интензивираа по ненадејната одлука на претседателот Јанукович да не ја потпише спогодбата за асоцијација со Европската унија. Наместо тоа, тој најави потесни трговски и економски врски со Москва.

Во петокот Јанукович се сретна со рускиот претседател Владимир Путин, но и двајцата негираа дека разговарале за приклучување на Украина кон Царинската унија што ја предводи Русија.
  • 16x9 Image

    Гоце Атанасов

    Со новинарство започна да се занимава за време на студиите по новинарство во Скопје. Работел во Млад борец, Нова Македонија, Македонската радио телевизија, А1 телевизијата и во Дојче Веле, а во Радио Слободна Европа е од започнувањето на емитувањето на македонски јазик.

Покажи ги коментарите

XS
SM
MD
LG