Достапни линкови

Политичкиот и социјалниот амбиент се одвива во знак на натпревар меѓу двата, главно спротивставени табори и обично таа битка се води без скрупули и секогаш на штета на граѓаните, бидејќи политичкиот раздор се вметнува и меѓу обичните луѓе.

Во македонското општество загрижува еден феномен на длабока партизираносот што се провлекува од осамостојувањето до денес, а тоа е што партиската поделеност сè понемилосрдно навлегува во речиси севкупниот живот на граѓаните. Политичкиот и социјалниот амбиент се одвива во знакот на натпреварот помеѓу двата, главно спротивставени табори, тоа се блокот на десницата и блокот на левицата и обично таа битка се води без скрупули и секогаш на штета на граѓаните, бидејќи политичкиот раздор се вметнува и меѓу обичните луѓе.
Проблемот е во тоа што речиси сите сфери од социјалниот живот се под диктат на политичкото, односно под диктат на партиското.

Партизираноста стигнува дотаму што стана вообичаено таа нетрпеливост и караници особено да бидат видливи кога се организираат протести во кои граѓаните се изманипулирани и обработуваат партиски агенди. Овие протести и контра протести се речиси одомаќинето сценарио. Расправиите се вжештуваат на теми за кои секој граѓанин треба слободно да размислува, но кај нас се соочуваме со апсурдот кога граѓанинот се плаши дека ќе биде етикетиран. Конфронтациите започнуваат од изјаснување за тековни работи па сè до прашања кои се од суштинско значење за државата. Едни се за градење споменици и барокни згради, други се за зачувување на парковите и дрвјата. Се оди дури и до потеклото дали е античко или словенско. Партизираноста оди дотаму што ги креира дури и моралните начела како во случајот со законот за абортус кој предизвика нови поделби потпомогнати со бомбастични кампањи против абортусот.
Проблематично е правосудството, дефинитивно е проблематично заради тоа што во односот граѓанин-држава, граѓанинот секогаш е поставен во подредена положба,

Социолозите констатираат дека не останува ниту еден сегмент надвор од она што претставува интерес на партиите и тоа го спречува објективното и реално гледање на работите.

„Проблемот е во тоа што речиси сите сфери од социјалниот живот се под диктат на политичкото, односно под диктат на партиското, така што ние во Македонија денеска можеме да зборуваме слободно за една состојба на тн. партитократија, кога политичките партии се тие коишто ги наметнуваат, ги водат политичките процеси онака како што им одговара. Политизираноста мислам дека стигна до таму што веќе ни е прифатлива една мислам на еден американски аналитичар кој вели дека политиката постепено ни навлезе дури и во спалните соби“, изјави професор Ѓорѓи Тоновски.
Партизираноста е очигледна, ние не сме определени, но очигледно е, има семејства кои не живеат меѓу себе затоа што се од различни парти и тоа проблем.

Особено загрижува што овие поделби наоѓаат плодна почва во речиси сите сегменти и таа е присутна и во седмата сила со што се обессилува или се релативизира независната мисла. Последните извештаи од ЕК ни покажуваат дека партизираноста е длабоко навлезена во правосудството, а експертите потенцираат дека е многу опасно продирањето на партиското влијание во структурите како што се полицијата и војската, зашто на тој начин се партизираат и не се од јавен интерес. Проблем се исто така и партиските вработувања.
Политиката се третира како ексклузивно право само на носителите на одлуки или, пак, само на партиите, а не нешто во коешто може да се впушти секој граѓанин,

Професор Мирјана Најчевска вели дека не може да издвои сегмент каде што партиската поделеност не е присутна, но сепак ги акцентира областите каде што не би требало да има место за партизација.

„Проблематично е правосудството, дефинитивно е проблематично заради тоа што во односот граѓанин-држава, граѓанинот секогаш е поставен во подредена положба, и не можеме да очекуваме дека може да ја оствари правдата којашто е неверојатно важна во регулирањето на сите овие процеси. Многу е важно во слободата на изразување заради тоа што тоа ги спречува граѓаните да кажат што им фали, што не им се допаѓа и што е она што навистина го сакаат и го очекуваат од државата, односно ги спречува да ја критикуваат државата, најверојатно многу е опасно продирањето на политичкото влијание во такви структури како што е полицијата и војската, коишто стануваат приватни структури на одредени политички партии, наместо да бидат структури на целокупната држава“, вели Најчевска.

Граѓаните се најмногу збунети од ваквата состојба со тоа што им се јавуваат сомнежи дека институциите се независни во својата работа и оти се одделени од партијата. Сведоци сме на случајот со судската одлука за Кежаровски која остави простор за шпекулации меѓу дел од граѓаните дека станува збор за политичка одлука. Освен во судниците процесот се префрли и на улиците каде што оваа одлука ги подели граѓаните па едни веруваа во исправноста на одлуката на судството додека други ја окарактеризираа како политичка. Партиската поделеност наоѓа простор и во урбаното живеење па може да се види дека и ѕидовите на зградите на јавни институции трпат поради поделеноста. На еден од многуте графити во градот партизираноста отишла дотаму што таму каде што се потпишале едни граѓани како паркобранители веднаш до него се нашол и натпис кој ги именува како забегани. Граѓаните како веќе да не смеат да размислуваат со своја глава бидејќи каде и да се завртат им се наметнуваат партиски ставови и идеи преку билборди и реклами и медиумски кампањи, а им пречи што некој им наметнува етика на однесување со која им се потценува сопствената култура на однесување.

Граѓаните велат дека тие не се виновни за поделеноста туку партиите кои во највисокиот законодавен дом – Собранието, дозволија лани да кулминира јазот меѓу партиите и да се продлабочи до степен на инцидент, оставајќи слика дека нетолерантноста меѓу луѓето со различни ставови е легитимна.

„Партизираноста е очигледна, ние не сме определени, но очигледно е, има семејства кои не живеат меѓу себе затоа што се од различни парти и тоа проблем.“

„Со таков начин на однесување предизвикуваат раздор кај граѓаните. Тоа треба да го коригираат оти тоа веќе кај луѓето преминува во опсесија. И самиот парламент е таков и надвор луѓето и на работа и сите се такви. И никој не се освестува дека тоа не е во ред.“

„Едните се за една партија, другите се за друга, трети за трета и нормално е да има поделеност. Но тие не согледуваат дека народот треба да биде соединет, тие не сакаат да биде соединет“, велат анектираните граѓани.

Според експертите, партизираноста на општеството е голем проблем зашто го спречува развојот на земјата со тоа што одредени луѓе кои се експерти во одредени области не се анимираат зашто не се врзани со одредена партија. Најчевска потенцира дека развојот бавно се одвива и дека безмалку се вртиме во круг поради тоа што секоја опозициска партија чувствува потреба да ги негира сите решенија кој што ги донесува одделна политичка структура на власта и обратно, политичките структури на власта не го користат искуството и знаењето до кој дошла партијата што во тој момент е опозициска структура. Ние како држава се ограничуваме во својот развој токму поради тоа што половина или дел од структурите и размислувањата на луѓето ги ставаме настрана, вели Најчевска.

„Ова е неверојатно голем проблем, тоа не влијае само на научно-истражувачката работа, посебно во доменот на општествените науки, туку влијае и на доаѓање до заеднички решенија во области каде што би се очекувало дека има луѓе кои имаат многу споделени интереси независно од припадноста на различни политички партии. На пример во светот е многу често жените да успеваат да се договорат за одредени промоции, за одредени придвижувања во законската регулатива коишто се во интерес за постигнување на родовата еднаквост, независно од нивната партиска припадност, што воопшто не е случај во Република Македонија“, вели таа.

Во јавноста преовладува и размислувањето дека во Македонија е проблем што луѓето ја третираат политиката како ексклузивно право на политичарите, а не како право на индивидуата односно на граѓаните.

Дона Костуранова од Младинскиот образовен форум нагласува дека треба да се подигне нивото на учество и диктирање на политичкиот дискурс од граѓаните, а не да биде диктиран ексклузивно од партиите и носителите на одлуки. Според неа дополнителен проблем е што во Македонија кога некој ќе излезе со личен став како индивидуа веднаш ќе биде дискредитиран од одредени групи или политички партии со тоа што ќе му се препише етикета од политичко партиски карактер без разлика дали станува збор за став изнесен пред широка јавност или макар и да станува збор за нешто безопасно како статус на Фејсбук.

„Ние често можеме да забележиме во студентскиот живот кога некој ќе излезе со некаков коментар, а тој коментар го базира врз лично искуство, тој коментар е најчесто критички настроен кон одреден Универзитет или студентските претставници, ќе биде дискредитиран како опозициски страв, како некаков претставник на подмладок на опозицијата којшто едноставно сака да наштети, а не како индивидуа која сака да даде коментар. Често се обезвреднуваат и ставовите на луѓето кои се ориентирани кон поддршка на парламентот како ставови коишто се дадени од перспектива на поддржувач на политиките на власта и на тој начин се дискредитираат и омаловажуваат аргументите на индивидуите без да се концентрираме на самите аргументи“, вели Костуранова.

Експертите нагласуваат дека е неминовен крупен и голем исчекор во политичкиот живот да се направи затоа што во спротивно ќе ни се случи деструкција каде што ќе се урнат постулатите кои овозможуваат развој и перспективи како и интегрирање во европското општество. Партизираноста треба да се стави на страна и да се даде предност на стручноста, нагласуваат тие.

Мирјана Најчевска вели дека формулата за надминување на поделеноста е во привремено техничко владеење.

„Има излез меѓутоа тој излез претставува извесен мораториум на она што претставува нормален развој на политичкото живеење. Ние имаме потреба од година, две, три, по можеби и четири од технократско владеење, коешто би овозможило воспоставување на основните принципи на демократијата и на владеење на правото и во една здрава атмосфера, во една здрава почва да бидат посеани семињата на политичкото структуирање и на политичките партии“, вели Најчевска.

Според Тоновски, неминовно е во политичкиот живот да се наметне политичка опција која што во прв план ќе го стави економскиот развој нагласувајќи дека кога граѓаните ќе имаат обезбедена егзистенција и материјална сигурност, тогаш нема да ги играат политичките игри што ги водата партиите и лесно ќе ги одбијат.

„Можеби е добро повторно да се размислува околу прашањето на некоја политичка опција којашто би можела да придонесе за ослободување на духот во Македонија, за повеќе да се сврти кон стратешките прашања, кон економскиот развој, затоа што на тој начин луѓето ќе можат се повеќе да ја земат својата судбина во свои раце, а политичките партии да бидат ослободени од донесување на такви секојдневни одлуки“, вели Тоновски.

Но, Дона Костуранова вели дека првиот чекор што Македонија неизбежно треба да го направи е да го подигне нивото на јавни дискусии.

„Процесот на креирање на самата политика, на нејзино зачнување, се прави во соработка со засегнати групи, со граѓански организации, тоа е едно ниво што ние го немаме постигнато, е прилично далеку и немаме некој успешен пример за инклузивен процес на креирање и имплементација на политика каде што се вклучиле повеќе од само партиските претставници или и сигурна сум дека тоа носи вина зашто политиката се третира како ексклузивно право само на носителите на одлуки или, пак, само на партиите, а не нешто во коешто може да се впушти секој граѓанин, организација или пак група на граѓани коишто имаат некакво убедување“, вели таа.
  • 16x9 Image

    Мирјана Спасовска

    Родена е во Скопје 1971 година. Од 1996 та година работи во телевизиската кука А1. Од 1998 та година е во телевизијата Телма каде за централно информативната емисија известува за дневни социјално - општествени теми.  Во Радио Слободна Европа е од 2002 та година.  

Покажи ги коментарите

XS
SM
MD
LG