Достапни линкови

Светот во чест на Нелсон Мандела


Политички лидери, славни личности и обични луѓе низ целиот свет му оддават почит на Нелсон Мандела, борецот против апартхејдот и демократска икона која почина вчера на 95 годишна возраст. Мандела им беше инспирација на многумина со неговиот пример дека помирувањето може да победи децении неправда.

Јужноафриканскиот претседател Јакоб Зума изјави дека Нелсон Мандела почина мирно, опкружен од неговото семејство во неговиот дом во Јоханесбург. Тој долго време се бореше со инфекција на белите дробови.

„Нашата земја го загуби најголемиот син. Нашиот народ загуби татко. И покрај тоа што знаевме дека овој ден ќе дојде, ништо не може да го намали нашето чувство на длабока и трајна загуба“, изјави Зума.
Во сеќавање на Нелсон Мандела
please wait

No media source currently available

0:00 0:02:52 0:00

Мандела ќе биде погребан со државни почести, како што е најавено, на крајот од повеќедневната официјална жалост во Јужноафриканската Република.

Претседателот на Соединетите држави Барак Обама нареди во чест на Нелсон Мандела, американското знаме во Белата куќа да биде спуштено на половина копје.

Скоро сите светски лидери и јавни личности издадоа соопштенија во кои му оддаваат почит на една од најмонументалните фигури на 20 век.

Мандела помина во затвор 27 години пред со своето водство да помогне во трансформацијата на Јужна Африка во која владееше белото малцинство во демократска земја и ослободена од расното потчинување.
Нашата земја го загуби најголемиот син. Нашиот народ загуби татко. И покрај тоа што знаевме дека овој ден ќе дојде, ништо не може да го намали нашето чувство на длабока и трајна загуба.
Јакоб Зума, претседател на Јужноафриканската република.

По неговото ослободување во 1990 година Мандела во 1994 година стана првиот јужноафрикански црн претседател и прв кој беше избран на демократски избори.

Тој помогна и во спречувањето земјата да биде зафатена од граѓанска војна по завршувањето на апартхејдот.

Во 1993 година Мандела и јужноафриканскиот претседател Фредерик Де Клерк заедно ја добија Нобеловата награда за мир за нивниот придонес за крај на расното општество.

Претседателот Барак Обама изјави дека светот загуби еден од највлијателните и најхрабри луѓе.

„Ние најверојатно нема да видиме некој како Нелсон Мандела повторно. Тој е наш најдобар пример дека донесувањето одлуки не треба да биде водено од омраза, туку од љубов и дека за стремежот кон иднината е достоен за жртвување. За сега, ајде да воздивнеме и да му заблагодариме на фактот дека Нелсон Мандела живееше. Човекот кој ја зеде историјата во свои раце и го свитка лакот на моралниот универзум кон правдата“, изјави Обама.

Нелсон Мандела за време на неговото раководење со Африканскиот Национален Конгрес во борбата против Апартхејдот официјално беше на американскиот список на терористи.

Вашингтон го избриша од списокот дури во 2008 година.

„Нелсон Мандела не беше само херој на нашето време, туку херој на сите времиња. Првиот претседател на слободна Јужна Африка, човек кој толку многу страдаше за слобода и правда, и човек кој преку неговото достоинство и преку неговиот триумф инспирираше милиони“, рече британскиот премиер Дејвид Камерон, а генералниот секретар на Обединетите нации Бан Ки Мун го опиша Нелсон Мандела како „џин за правда“ чија несебична борба за човечко достоинство, еднаквост и слобода им беше инспирација на многумина.

Светската фудбалска федерација и Меѓународниот олимписки комитет исто така му изразија почит на Нелсон Мандела, наведувајќи дека тој ја сфати моќта на спортот да зближува, а не да дели.

Мандела ја доби поддршката од белото малцинство во неговата земја кога симболично го облече дресот на националниот рагби тим, составен од белци, на Светскиот куп во 1995 година. Тогаш шампион стана Јужноафриканската Република.
  • 16x9 Image

    Гоце Атанасов

    Со новинарство започна да се занимава за време на студиите по новинарство во Скопје. Работел во Млад борец, Нова Македонија, Македонската радио телевизија, А1 телевизијата и во Дојче Веле, а во Радио Слободна Европа е од започнувањето на емитувањето на македонски јазик.

XS
SM
MD
LG