Достапни линкови

НСА може да го следи скоро секој мобилен во светот


Американската Агенција за национална безбедност НСА собирала дневно по 5 милијарди записи во целиот свет за локациите на корисниците на мобилни телефони. Ова го пишува весникот Вашингтон пост, врз основа на документите обелоденети од Едвард Сноуден, поранешен соработник на американските разузнавачки служби.

Агенцијата за национална безбедност дневно следи стотици милиони телефони, односно движењето на нивните сопственици. Тоа било возможно преку преносните центри за мобилна телефонија. До овој извештај доаѓа по шест месеци откако американецот Едврад Сноуден ги обелодени тајните документи.
Седиштето на НСА во Мериленд
Седиштето на НСА во Мериленд

Тој сега се соочува со обвинување за шпионажа и во моментов има добиено азил во Русија.

Ваквите податоци значат дека Агенцијата за национална безбедност можела да го следи движењето на скоро секој мобилен телефон во светот, но и да ги открие врските со другите корисници.
Станува збор за незамисливо огромно ниво на собирани разузнавачки податоци. Американскиот конгрес конечно треба да го заузда шпионирањето невини луѓе од страна на Агенцијата за национална безбедност.
Грег Ноџеим, директор на Центарот за демократија и технологија

Бидејќи мобилните телефони покажуваат каде се наоѓаат и кога од нив не се разговара или не се испраќа пишана порака, агентите на НСА можеле со помош на математички техники да ги комбинираат локациите и да го следат движењето на потенцијалниот осомничен.

Моќната аналитичка компјутерска програма, според извештајот, била позната под името Котравелер и таа можела дневно да искомбинира милијарди податоци.

Со оглед на тоа што во Агенцијата не знаат кои податоци ќе и требаат се чувале 27 терабајти или двојно повеќе од она што го има библиотеката на американскиот Конгрес.

Во Агенцијата за национална безбедност одбиваат да ги коментираат ваквите наводи, но додаваат дека ваквото следење било спроведувано само надвор од Соединетите држави.

Американски официјални претставници пак за Вашингтон пост велат дека програмите за следење локации се законски и дизајнирани само за собирање разузнавачки податоци за странски милитанти или други лица кои можат да претставуваат закана за Соединетите држави.

Како и да е, активистите за човекови права велат дека електронското шпионирање што го спроведува Агенцијата претставува сериозна закана за личната приватност на граѓаните.

„Станува збор за незамисливо огромно ниво на собирани разузнавачки податоци. Американскиот конгрес конечно треба да го заузда шпионирањето невини луѓе од страна на Агенцијата за национална безбедност“, вели директорот на Центарот за демократија и технологија Грег Ноџеим.

Во меѓувреме, американскиот претседател Барак Обама вчера откри дека заради безбедносни причини не му било дозволено да има ајфон, но оти се уште употребувал ајпед.

Компанијата „Епл“ беше означена како една од неколкуте која можеби и дозволила на Агенцијата за национална безбедност дирктен пристап до нејзините сервери со податоци. „Епл“ ги отфрли ваквите обвинувања.
  • 16x9 Image

    Гоце Атанасов

    Со новинарство започна да се занимава за време на студиите по новинарство во Скопје. Работел во Млад борец, Нова Македонија, Македонската радио телевизија, А1 телевизијата и во Дојче Веле, а во Радио Слободна Европа е од започнувањето на емитувањето на македонски јазик.

XS
SM
MD
LG