Достапни линкови

Со образование до подобри меѓуетнички односи


Илустрација.

Илустрација.

Почитувањето на различностите и унапредувањето на меѓуетничките односи меѓу младите ќе се постигне само доколку образовните институции ги социјализираат децата во вистинска насока.

Почитувањето на различностите и унапредувањето на меѓуетничките односи меѓу младите ќе се постигне само доколку образовните институции си ја вршат работата, односно да ги социјализираат децата во вистинска насока, велат експертите. Во изминатиот период имаше низа инциденти кога средношколците од различни етнички заедници проблемите си ги решаваа со тепачки. Неколку деца завршија во болница, а некои добија и кривични пријави. Социологот Нелко Стојановски вели дека има низа успешни примери кога преку образованието и спортот младите ќе научат да ги прифатат сите.
Во Босна се војуваше и загинаа повеќе од 200 илјади луѓе и кога бев во 1998 година имаше некои акции, па донесоа некои резултати таму, да седнат заедно и Срби и Хрвати и Муслимани.

„Во Босна се војуваше и загинаа повеќе од 200 илјади луѓе и кога бев во 1998 година имаше некои акции, па донесоа некои резултати таму, да седнат заедно и Срби и Хрвати и Муслимани, не да се гледаат преку нишан, туку да играат и да пеат заедно. И овде може да искористиме многу позитивни светски примери, каде што тоа може да се направи да се соработува на повеќе полиња. Не е вродено тоа чувство да мразиш некого и да сакаш да се тепаш со некого, туку тоа е иницирано, не е на време обрнато внимание како да се однесуваат младите од една или од друга етничка заедница“, вели Стојановски.
Во образованието треба малку повеќе да им се дава повеќе значење на различностите.

Активистот и аналитичар Љуљзим Хазири вели дека младите ги следат политичарите и тоа е одраз на нивниот начин на делување, при што клучот е во образованието.

„Во образованието треба малку повеќе да им се дава повеќе значење на различностите за другиот, значи дека во една држава главните вредности се во разликите меѓу граѓаните, зашто не се само етнички разлики, имаме верски, јазични, културолошки и тн. Од друга страна треба малку повеќе и самите училишта да му даваат значење и на неформалното образование, каде што младите ќе можат заеднички да дознаат малку повеќе и да ги запознаат разликите“, вели Хазири.

И според Стојановски, само преку низа иницијативи младите ќе соработуваат меѓу себе.

„Не да се кажува дека се различните од нас по која било основа, вера, нација, етнос и тн., дека се нешто друго, туку дека сме скроени од ист материјал, од иста супстанца, дека треба едни со други да живееме заедно и дека заедно ќе бидеме и посреќни и позадоволни, а не да дозволат и младите, а и возрасните да манипулираат со младата маса кога им требаат некои политички поени да ги добиваат на таа основа, да го заоструваат односите со другите етникуми“, вели Стојановски.

Експертите се согласни дека политичарите пред изборите секогаш играат на картата на меѓуетничките односи, а жртва на партиските цели се младите.
  • 16x9 Image

    Марија Митевска

    Новинарската кариера ја започна во 2008 година во А1 телевизија како репортер во информативната програма.  Родена е на 14.04 1984 година во Скопје. Од мај 2009-та работи како постојан дописник за Радио Слободна Европа од Скопје.

XS
SM
MD
LG