Достапни линкови

Јакимовски - Ќе ја размрдаме биполарната политичка сцена


ГРОМ ќе придонесува во оваа држава да се смируваат политичките тензии и да има дијалог на политичката сцена. Затоа и впрочем како политичка партија се јавуваме на политичката сцена за малку да го размрдаме тој биполарен свет и да види јавноста дека има и друго мислење, вели претседателот на ГРОМ и градоначалник на Општина Карпош, Стевчо Јакимовски, во неделното интервју на Радио Слободна Европа.

Господине Јакимовски, кој ќе биде вашиот противник на следните избори, ВМРО-ДПМНЕ или СДСМ?

Ние имаме политички конкуренти, немаме политички противници, и едната и другата партија се наши политички конкуренти. Имајќи предвид дека на избори ќе одиме самостојно ќе се бориме и против едната и против другата политичка партија.

Ако утре се распишат предвремени избори, какви се вашите проценки околу бројот на можни гласови на контото на ГРОМ?

Нашите проценки се дека ГРОМ има силни адути во изборна единица број 1, во број 2, солидно стоиме во број 3 и во број 4. Сметаме дека ГРОМ на овие избори ни случајно нема да биде под 60 илјади гласови, значи ГРОМ ќе земе некаде меѓу 60 илјади и 80 илјади гласови.

Велите дека самостојно одите на избори. Тоа значи дека нема шанси за изненадување, евентуална соработка, можни коалиции со некоја од помалите партии или приклонување кон некоја коалиција?

Кон големите партии сигурно нема да правиме приклонување или било каква коалиција, ниту со СДСМ, ниту со ВМРО-ДПМНЕ, предизборна коалиција, од помалите партии можна е некоја коалиција, засега тоа е Српската напредна странка, пројавува интерес Алијансата за позитивни промени. Ако има некоја друга партија сериозно ќе размислиме, во зависност од тоа колку е рејтингот на таа партија, каква е нејзината силина на теренот, колку ќе донесе или ќе однесе на таа коалиција.

Можно ли е на претседателските избори да поддржите кандидат на некоја од коалициите или дефинитивно останувате на ставот дека ќе одите со свој кандидат?

Не, не, немаме намера да слугуваме за туѓи интереси и за туѓи политички партии, ние ќе имаме свој кандидат. Како политичка партија не гаиме илузии дека ќе победиме на избори, имајќи предвид дека имаме многу малку време, да имаме малку повеќе време ситуацијата ќе биде подруга. Ние се формиравме на 29 септември што значи дека ние имаме многу малку време за подготовка на партијата и затоа забрзано работиме на ширење на нејзината мрежа, за да може да се подготвиме за овие избори. Кога изборите би биле малку подоцна или кога би биле во 2015 година, ГРОМ би била топ спремна за избори и јас одговорно тврдам дека тогаш ќе имаме над 100 илјади гласови.

Вие нема да бидете претседателскиот кандидат на ГРОМ. Ќе откриете ли кој е?

Не. Ние ќе го откриеме кандидатот после 15 јануари. Сега да видиме кои кандидати пројавуваат интерес, разговаравме со неколку кандидати. Она што за нас е битно е тој кандидат да биде доволно афирмиран во јавноста, да не биде анонимус. Второ кандидатот досегашните функции што ги вршел, да ги вршел со успех, да има чист образ и да сме сигурни дека ќе ги брани интересите на Република Македонија.

Во општество во кое е пренагласена поделбата на лево и на десно ориентирани и кадешто луѓето се етикетираат како патриоти или предавници, каква е иднината на малите партии како ГРОМ?

Каква ќе биде партијата зависи од луѓето во партијата и од тоа кој ја води партијата и колку членството е подготвено да се жртвува за интересите на својата партија. Јас сум длабоко убеден дека ГРОМ има своја иднина имајќи предвид кои луѓе ни се во раководството и надвор од раководството на партијата, имајќи го предвид интересот што се јавува на терен. Особено она што радува е интересот на активните членови коишто функционираат во Граѓанската опција за Македонија. Кога вие ќе дадете да се направи анкета на секој наш член, да се отиде во општинска организација која веќе има над 1000 членови и сите 1000 домови да се посетат, да се поразговара со секој наш член или кога ќе треба да се однесат покани за средби или да се јават по телефони или кога ќе треба други активности за партијата, тоа јасно покажува дека партија во зародиш, а има таква енергија внатрешна за работа, тоа ветува, мене навистина многу ме охрабрува. Правилата покажуваат дека таму кадешто имате членови, каде што имате мрежа, можете да очекувате и гласови, а ако немате во некои делови своја мрежа, свои членови, не можете да очекувате ни гласови, затоа што 21 век е сосема подруг за прибирање на гласови, буквално се работи од човек на човек, од куќа на куќа, од населено место до населено место и ако вашите активисти го изработат теренот, резултатите нема да изостанат.

Но се чини декa луѓето во Македонија навикнаа на популизмот. По што вие ќе бидете поразлични од другите?

Прво јас не сум човек кој се бави со политика и го користи популизмот за своја афирмација. Јас сум подготвен да соопштувам и работи кои можеби не се пријатни за увото на граѓаните, но во исто време се добри за државата и за општо добро на сите граѓани на Република Македонија. Тоа сум го правел и како градоначалник и кога сум бил на други битни државни функции. Она по што ние ќе се разликуваме е што ќе нудиме проекти, ќе нудиме решенија на проблемите како што тоа го правевме на овие избори во Карпош, а плукањето во далечина ќе го оставиме на СДСМ и на ВМРО-ДПМНЕ. И јас мислам дека секој кој се обидува да оди во насока на популизам, дека тоа е поле кое неприкосновено го владее ВМРО-ДПМНЕ, ќе направи грешка, ние таа грешка не сакаме да ја правиме.

Порано бевте лути противници со градоначалникот на Скопје Коце Трајановски. Во денешно време некако се почести се обвинувањата меѓу вас и советниците на СДСМ. Како да се надмине политичката суета и да заживее политичкиот дијалог во Македонија?

Длабоко сум убеден дека вашата перцепција е погрешна. Можете да ги отворите сите мои изјави што се однесуваат до Градот Скопје и до Коце Трајановски, ние никогаш не сме биле лути противници.

Ама имавте несогласувања.

Сосема е нормално дека имаме несогласувања. Не значи дека интересот што го има Општина Карпош е интерес на цело Скопје. Тој го гледа интересот на цело Скопје, јас го гледам интересот на Карпош, како градоначалник на ова општина. И сосема легитимно е да барам зошто улицата Теодосиј Гологанов се прави само до Алумина, а не се прави до студентскиот дом Гоце Делчев или обратно. Мое мислење дека најголемата гужва наутро на улицата Теодосиј Гологанов е од Порта Влае до Алумина и дека требаше обратно да се прави и тоа е сосема легитимно јас да го зборувам. Но во исто време ниту Коце Трајановски мене ми закочил некој проект, ниту јас него. На пример улицата Илинденска, првата фаза се градеше без градежна дозвола и ние никаков проблем не направивме, а можевме со нашата градежна инспекција тоа да го запреме. Вака да ви кажам, зарем Стевче Јакимовски ви личи на таков кога со некого нема да се согласува дека ќе му аминува и ќе му клима со глава. Ниту тоа сум го правел кога сум бил во СДСМ, и впрочем ја видовме мојата одлука и моето несогласување со политиката на Бранко Црвенковски. Ниту тоа ќе го правам со Никола Груевски, ниту со кого било. Јас сум тимски играч, сакам да соработувам со сите на коректна основа, таму каде што не се согласуваме ред е прво да седнеме како луѓе да се разбереме, ако не можеме да се разбереме, нормално јавноста треба да го знае нашето несогласување по одредени прашања.

Која е вистината за паркот во Влае? Факт е дека не е направен иако беше едно од вашите предизборни ветувања.

Јас би одел со контра прашање има ли нешто што градоначалникот на општина Карпош ветил, а не го исполнил. Секогаш е правено многу повеќе од тоа што е ветувано, така и овој парк ќе биде направен и завршен. Токму тие што обвинуваат, нивен член, на СДСМ, неговата фирма го доби тендерот да го работи тој парк, меѓутоа и кога го добија тендерот јас бев скептик дека ќе можат успешно да го завршат тој проект и буквално ги молев да се откажат од таа работа, тие ме убедуваат дека тој проект ќе го завршат до 15 март. Видовте и сами дали го завршија до 15 март. И сега нормално СДСМ по една стара навика како што тоа го правеше ВМРО-ДПМЕ против мене до 16 февруари, сега тие потполно истото го прават и по принципот- Фатете го крадецот, ем ја прават бељата, а од друга страна го критикуваат градоначалникот на Карпош. Јас по многу консултации со таа фирма, по многу разговори, на крај одлучивме да го раскинеме договорот, значи тоа се процедури и во исто време течат процедурите за избор на нов изведувач, тие се веќе завршени и ние ќе почнеме со изградбата на тој парк, на граѓаните од Карпош нема ништо да им фали од тој дел, само што еве една мала непријатност и едно одолговлекување од речиси година дена коешто е непријатно и јас им се извинувам на граѓаните на Карпош, меѓутоа законите се такви. Кога јас би одлучувал, да нема законски процедури, кога една фирма не работи, ако вие приватно ангажирате некого ако не ја изврши работата веднаш земате друг, меѓутоа кога водите државен орган има процедури кои вие сте должни да ги спазите, затоа што веројатно потоа со таа фирми и ќе одиме на суд. Слична ситуација имавме и со Урбан Инвест за плоштадот кај Млечен ресторан, па граѓаните видоа каков убав плоштад направивме и згора на тоа таа фирма се најде непосредно пред изборите да поднесува кривични пријави против мене итн., тоа повторно е масло на СДСМ, што сметам дека е крајно некоректно за партиски колеги кои до вчера заедно функционирале и работеле и некоректно од оние кои го вчера се колнеа во мене.

Ете повторно се враќаме на прашањето за политичкиот дијалог. Тоа беше и една од забелешките во извештајот на ЕК. Има ли некоја формула како да се подобри, како да заживее политичкиот дијалог?

СДСМ бара политички дијалог ама таму кадешто тие се во опозиција им смета како тоа го прави владата, и нормално за дијалог се потребни двајца. Ако во Општина Карпош, СДСМ на седници на комисии кадешто е најбитно да се разговара за одредени прашања и евентуално да се направат некои одлуки на седниците на Советот, тие молчат и ја менуваат, а потоа ќе повикаат камера, нив блиска, за да кажат негативно мислење и навреди за градоначалникот и не знам како потоа бараат да има политички дијалог. Политички дијалог е да седнете и да укажете на некои недостатоци во носењето на некои одлуки и нормално тој што е мнозинство и што ја носи одлуката да се потруди да ја корегира или да нудите алтернатива на тоа што се носи како одлука. ГРОМ ќе придонесува во оваа држава да се смируваат политички тензии и да има дијалог на политичката сцена. Затоа и впрочем како политичка партија се јавуваме на политичката сцена за малку да го размрдаме тој биполарен свет и да види јавноста дека има и друго мислење. Она што јас мислам е дека не е точно дека во Македонија постојат две вистини, вмровска и сдсмовска, треба сите да се потрудиме правата вистина да излезе на површина.

Имате прилично тврд став околу прашањето за името, сметате дека Македонија направи доволно отстапки и за вас е прифатливо компромисно решение кое подразбира двојна формула. Ако е јасно дека ова прашање е клучно за македонските евроинтеграции, останувате ли на овој став?

Прво е непримерно, не постои такво пример во свет комшијата да ви биде кум, една соседна земја да биде кум на својот сосед. Тоа е првата работа, втората работа е ние како држава се откажавме од нашата грижа за нашето национално малцинство во соседството и дури го променивме Уставот. Ова знаме што сега го имаме е што по притисок на Грците го променивме претходното и ова знаме го добивме на конкурс, не е наше историско знаме. Тоа се двете отстапки и третата отстапка го прифативме најсмешното име на светот поранешна југословенска Република Македонија. И на сите во Европа им е сосема јасно дека ова е измислен и наметна проблем од страна на Грците и најлесно е да се притиска помалиот да попушти за да се има слога во ЕУ. Можеби македонско прашање и прашањето со името е вистинска причина ЕУ да преиспита некои свои практики, практиките на нивниот консензус, кои очигледно дека некаде им создаваат проблеми. Далеку од тоа дека ГРОМ е против македонските евро-атлантски интеграции, смета дека има решение, решението е двојна формула, со Грција да се договориме како тие во меѓусебната комуникација ќе не ословуваат, а за сите останати 137 земји во светот кои не признаа под уставно име, вклучувајќи ги и Русија и Америка, и мислам дека нема зошто да попуштаме во тој дел, значи повторно нашиот став не е тврд, туку е попустлив кон Република Грција.
  • 16x9 Image

    Марија Тумановска

    Марија Тумановска, родена 1981 година во Струмица. За време на студентските денови, волонтира во некои од пишаните медиуми. По завршувањето на факултетот за новинарство, станува соработник во детската редакција на Македонското радио, Радио Скопје. Подоцна работи во културниот сектор на истиот медиум. Во Радио Слободна Европа е од декември 2004 година.

Покажи ги коментарите

XS
SM
MD
LG