Достапни линкови

Владата ги игнорира забелешките за слободата на медиуми


Владата правi сè за да ги игнорира или минимизира сите забелешки и укажувања во врска со состојбата со медиумите, за разлика од пофалбите кои многу бргу ги слуша.

Владата барем досега правеше сè за да ги игнорира или минимизира сите забелешки и укажувања во врска со состојбата со медиумите без оглед од која адреса доаѓаат, за разлика од пофалбите кои власта многу бргу ги слуша, велат новинарите. Во Здружението на новинари нагласуваат дека една од мерките што ги прават за да предизвикаат внимание е тоа што ги канат странските колеги да престојуваат кај нас и бараат мислења од нив и разменуваат искуства, истовремено барајќи поддршка за настанатата актуелна ситуација што ги засега сите новинари, нагласува претседателот на здружението Насер Селмани.
Aко некој мисли дека ова прашање ќе се замолчи и дека ние ќе истрпиме и дека нема да продолжиме да ја истуркаме оваа работа, мислам дека се лажe.

„Ќе побараме, не само од Федерацијата, туку и од членките на Федерацијата, од синдикатите и здруженијата во поедини европски земји да добиеме директна поддршка за нашата агенда тука. Мислам дека ако некој мисли дека ова прашање ќе се замолчи и дека ние ќе истрпиме и дека нема да продолжиме да ја истуркаме оваа работа, мислам дека се лаже“, вели Селмани.
Постои некаква интенција да се инсталираат провладини синдикати и здруженија кои потоа ќе се претставуваат лажно како репрезенти на новинарската заедница.

Генералниот секретар на Европската федерација на новинари, Рикардо Гутиерез, кој деновиве беше во посета на Скопје почара дека слободата на изразување во Македонија е во сериозно опаѓање. И многу други организации претходно го нагласија тоа. Една од главните точки на нивната загриженост е притисокот врз одредени медиуми. Според Тамара Чаусидис од Синдикатот на новинари, игнорирањето на синдикатот и другите новинарски организации и сето тоа што тие го презентираат како проблем оди дотаму што тие се спомнуваат од владата само кога се дел од црната кампања што се води против нив.

„Барем досегашното искуство говори дека соочени со забелешките кои доаѓаат од надвор, постои некаква интенција да се инсталираат провладини синдикати и здруженија кои потоа ќе се претставуваат лажно како репрезенти на новинарската заедница, со еден збор, власта прави навистина сè да не ги слушне и да не ги адресира забелешките. Само тогаш кога е апсолутно невозможно тие да бидат игнорирани, прави некои чекори кои се само формални“, вели Чаусидис.

Според впечатокот на МИМ, на јавната сцена нема многу информации или чекори од власта што би упатувале на евентуално преиспитување на нејзините политики кон медиумите, особено во врска со законите за медиуми кои стојат во собраниска процедура веќе подолго време.

„Претпоставувам дека некаде после одржувањето на Самитот на ЕУ во декември работите ќе бидат малку појасни. Очигледно е дека постои широк простор да ги коригира пропустите што досега ги направи, да понуди една нова рамка со која пред сè ќе се фокусира кон враќање на една базична доверба со пошироката медиумска заедница која последниов период е целосно изгубена“, изјави Билјана Петковска од МИМ.
  • 16x9 Image

    Мирјана Спасовска

    Родена е во Скопје 1971 година. Од 1996 та година работи во телевизиската кука А1. Од 1998 та година е во телевизијата Телма каде за централно информативната емисија известува за дневни социјално - општествени теми.  Во Радио Слободна Европа е од 2002 та година.  

XS
SM
MD
LG