Достапни линкови

Сонот на облачето – Детски фестивал на театар на сенки


Со учество на ПРАКТИКА ТЕАТАР од Москва, Џенгис Озек и неговиот КАРАЃОЗ ТЕАТАР од Истанбул, како и на нашиот СЕНКИ И ОБЛАЦИ, од 2 до 4 декември, во Младинскиот културен центар во Скопје, ќе се одржи првиот Интернационален детски фестивал на театар на сенки „Сонот на облачето“. На манифестацијата е планирано да биде отворена изложба на фигури од театарот на сенки, а ќе се одржат и едукативни работилници на кои ќе бидат презентирани различните техники за изработка на кукли.

Благодарение на групата ентузијасти собрани околу СЕНКИ И ОБЛАЦИ на Македонија во претстојниве три дена, како единствен во регионов, ќе и се случи и првиот Интернационален детски театар на сенки „Сонот на облачето“.
Со правење на фигури кои што се од картон, најлон, различна хартија, пластика, тие добиваат фигури коишто можат да ги користат за игра во овој театар.
Круме Стефановски, актер, еден од основачите на театарот СЕНКИ И ОБЛАЦИ.

„Играта со сенки, односно театарот на сенки, нуди една нова, поинаква естетика, којашто кај нас е сосема малку застапена, а која, пак, од своја страна силно ја развива мечтата и креативноста кај децата на еден едноставен начин. Со правење на фигури кои што се од картон, најлон, различна хартија, пластика, тие добиваат фигури коишто можат да ги користат за игра во овој театар. Од досегашново искуство кое што го имаме од работилниците што сме ги изведувале со децава, сфативме дека наједноставен и најприближен концепт да се осознае тоа, да се разбуди мечтата е токму овој и од таа причина решивме преку фестивал позасилено да го популаризираме овој вид на театар“, истакнува Круме Стефановски, актер, еден од основачите на театарот СЕНКИ И ОБЛАЦИ и предводник на дејците кои ја отсонуваа идејата за еден ваков фестивал кај нас.
Мислам дека ова е добар начин да се поттикне креативноста кај децата, а овој фестивал се надевам ќе стане прилично голем, ќе стане влијателен.
Круме Стефановски, актер, еден од основачите на театарот СЕНКИ И ОБЛАЦИ.

Првото издание на „Сонот на облачето“ ќе биде отворено со „Ненапишана приказна“ на московскиот ПРАКТИКА ТЕАТАР, а во наредните два дена ќе бидат прикажани „Семе“ на СЕНКИ и ОБЛАЦИ и за крај „Чудовиштето од отпадот“ на Џенгиз Озек и неговиот КАРАЃОЗ ТЕАТАР од Истанбул.

Стефановски истакнува дека немале голем буџет за фестивалот за да канат многу учесници и затоа се одлучиле да направат паметна селекција чија цел би била да претстават еден поширок спектар на естетики од овој тип на театар.

„Ги викнавме ПРАКТИКА ТЕАТАР од Москва кој е прилично шарен во нивниот израз. Во нивната претстава ќе видиме најразлични применети техники од оваа театарска уметност. Џенгис Озек од Истанбул во еден дел игра традиционален Караѓоз еатар, а во другиот дел од приказната тој раскажува за едно големо чудовиште од отпадот кое ги јаде сите конзерви, стари кондури и слично, сè она што се фрла во езерата и морињата, така што таа има еколошки и едукативен момент. Тука е и нашата претстава „Семе“, а публиката ќе има можност да ја проследи и проекцијата на веќе познатата „Малиот принц, Егзипери“, вели Стефановски.

Во рамки на манифестацијата е планирана изложба на фигури од театарот на сенки, а организаторите посебно им се радуваат на едукативните работилници под нивно менторство на кои на децата ќе им се презентираат различни техники за изработка на кукли и фигури и начините на игра со нив. На овие работилници ќе бидат вклучени петнаесетина деца од СОС-детското село и сите оние други кои ќе покажат желба и интерес за работата на театарот на сенки. Тие со изработените фигури и кукли ќе подготват кратки сцени и приказни кои потем ќе бидат одиграни на завршната вечер во киното „Фросина“.

Инаку, Стефановски потенцира дека тие (иако безмалку работата ја истерале на мускули) не се сомневаат дека ваквата промоција на театарот на сенки ќе придвижи некои работи кај нас во однос на поимањето на уметноста во воспитно-образовниот процес на најмладите. Затоа тој е убеден дека фестивалот ќе фати корен и ќе има долг живот.

„Мислам дека ова е добар начин да се поттикне креативноста кај децата, а овој фестивал се надевам ќе стане прилично голем, ќе стане влијателен и бидејќи е единствен во овој регион како театар на сенки ќе има своја публика и свој публицитет“, вели Стефановски.
  • 16x9 Image

    Љупчо Јолевски

    Како новинар, водител и уредник Јолевски во новинарството е безмалку 4 децении. Кариерата ја почнал во Млад Борец на почетокот од 1980-тите. Потем долги години бил во Телевизија Скопје и во Македонското радио - Втора програма, како и во други медиуми. Во Радио Слободна Европа Јолевски е од самиот почеток на емитувањето на програмата на македонски јазик.

XS
SM
MD
LG