Достапни линкови

logo-print

Пропаѓа или се краде културното наследство


Се крадат икони, украдени се и артефакти од музејско депо, диви копачи ги пустошат археолошките наоѓалишта, археолошки локалитети стануваат градежни локации, се уништуваат старите чаршии низ градовите, а дополнително, македонското културното наследство завршува на црните пазари низ светот.

Четворица магионичари и илузионисти, користејќи ги своите способности, додека ја забавуваат публиката, се обидуваат да ја изведат кражбата на столетието. Илузионистите во своето магично шоу пред очите на јавноста со помош на публиката успеваат од банката да извлечат пари и стануваат херои затоа што парите ги делат со публиката. Агент на ФБИ и детектив од Интерпол имаат задача да ги разоткријат криминалците.

Се соочивме со една прилично лоша состојба од организациски аспект, но и од менаџерски аспект која довела до ситуација да не постои прецизна евиденција нити на она што го поседуваат нити на она што недостасува.
Вака во едно холивудско сценарио од филмот „Сега ме гледаш“ изгледа кражба на столетието. Во Македонија, работите ни од далеку не изгледаат како на филм, иако се малку магични и чудесни, но се многу поедноставни. На пример кражбата на векот во земјава е олеснувањето на музејското депо за неколку стотина предмети од античкиот период.
Илустрација.

Илустрација.


Тука одговорноста е голема и на Управата за заштита на културно наследство, така што по завршувањето на целокупната оваа истрага, нормално дека ќе се преземат сериозни мерки.
Полицијата сè уште не е ни свесна ни како, ни кога се случила кражбата, ниту која е конечната бројка на украдени предмети. Првично беа пријавени 40, но заклучно со последниот извештај бројката се искачи на 166 исчезнати артефакти, а можно е да недостигаат и повеќе. Вработените во музејот недостатокот на златните предмети го откриле пред неколку денови кога правеле подготовки за предавање на збирките во новиот Археолошки музеј. Грабежот се случил речиси магично, без провалување, без оштетување или кршење на инвентарот.

Министерката за внатрешни работи Гордана Јанкулоска вината ја лоцира во лошото менаџирање со Музејот. Таа се сомнева дека некој од внатре е виновен за настанот и најави дека вработените ќе бидат ставени на детектор за лаги.
Министерката за култура Елизабета Канческа-Милевска, градоначалникот на општина Битола Владимир Талески и директорот на Управата за заштита на културното наследство, Виктор Лилчиќ во посета на локалитетот Хераклеја на 23 август 2013 година.

Министерката за култура Елизабета Канческа-Милевска, градоначалникот на општина Битола Владимир Талески и директорот на Управата за заштита на културното наследство, Виктор Лилчиќ во посета на локалитетот Хераклеја на 23 август 2013 година.


„Таму главниот проблем е што се соочивме со една прилично лоша состојба од организациски аспект, но и од менаџерски аспект која довела до ситуација да не постои прецизна евиденција нити на она што го поседуваат нити на она што недостасува“, рече Јанкулоска.
Во последните години имаме зачестени премини на нелегални отуѓувања и на веројатно изнесување, иако нема целосни информации за тоа каде завршуваат добрата, но може да се претпостави дека тие завршуваат главно во странство.

Таквата изјава повлекува неколку прашања. Дали лошата состојба во Музејот се должи на нестручни и партиски вработувања? Како е можно по речиси две недели од грабежот сè уште да нема податоци што се точно недостасува? Дали тоа значи дека не е водена евиденција за културното богатство?

Од Музејот, по изјавата на министерката, се огласија со писмена реакција во која се вели дека во музејот се вработени професионалци, дека за збирките се водела потребната документација и дека предметите биле спакувани и депонирани во депоата и трезорот на Музејот поради претстојното селење во новиот Археолошки музеј.
Паско Кузман, поранешен директор на Управата за заштита на културното наследство.

Паско Кузман, поранешен директор на Управата за заштита на културното наследство.


И додека се чека да завршат градежните работи околу новиот музеј, во медиумите се појави најава дека тој ќе биде збогатен со 15 восочни фигури од Аристотел, Александар Македонски, Филип Втори и останати македонски војсководци, но ќе остане покус за златните антички предмети кои беа украдени од стариот музеј.

Во 2005-та година, според записи од писмо кое било напишано во 18-ти век, висок функционер од МВР нарачал ископување кај Расим-Исаковиот мост на Црна Река со цел да пронајде голем товар на злато кое турската војска наводно го закопала на ова место. При ископувањето за надгледување е користен и хеликоптер на МВР.
По откривањето на кражбата на артефакти во две збирки, кустосите во Музејот по направената ревизија констатирале дека недостасуваат 120 златни предмети од вкупно 4 збирки и дека украдениот материјал бил избиран, односно дека се украдени само цели предмети, а оштетените биле оставени.

Министерката за култура Елизабета Канческа-Милевска по настанатата ситуација изјави дека директорите во институциите каде што се чува културното наследство да бидат поодговорни во својата работа.

„Тука одговорноста е голема и на Управата за заштита на културно наследство, така што по завршувањето на целокупната оваа истрага, нормално дека ќе се преземат сериозни мерки“, рече министерката за култура.
Илустрација: Фрескоживопис и археолошки пронајдоци во црквата Света Богородица во селото Бела Црква во Општина Кривогаштани.

Илустрација: Фрескоживопис и археолошки пронајдоци во црквата Света Богородица во селото Бела Црква во Општина Кривогаштани.


Пред неколку дена на две години затвор беше осуден директорот на велешкиот музеј Петре Костов откако пред судот призна дека украл две монети и истите ги вратил назад.

Губиме драгоцени примероци од нашата навистина извонредна рурална архитектура. Исто е и со старата архитектура, ни пропаѓаат старите чаршии.
Раководителот на одделението за заштита на движното културно наследство во Управата за заштита на културно наследство, при Министерството за култура, Валентино Димитровски, вели дека факт е оти во земјава е потребно да се засилат мерките за заштита и контрола за зачувување на наследството кое е изложено на голем ризик за отуѓување.

„За жал, во последно време ни се случуваат немили случки на исчезнување и на недозволени активности во поглед на движното културно наследство и сметам дека институциите за заштита на културното наследство прават напори да се справат со оваа ситуација и во еден добар дел има успех во тоа, иако никогаш не треба човек да биде наивен и да претпостави дека овие работи можат лесно да бидат совладани и дека лесно можат да бидат разрешени случаите на недозволено отуѓување и трговија со движно културно наследство“, рече Димитровски.
Илустрација.

Илустрација.


Не може Министерството за култура повеќе да се грижи за скулптурите кои сега се поставени на плоштадот или восочните фигури поставени во музејот на ВМРО или како и да се викаше, има три имиња. Значи се грижат многу повеќе за тоа, се инвестира многу повеќе во тоа.
Минатото на Македонија преточено во артефакти и вредни предмети полека исчезнува од земјава и завршува кај странски колекционери. Тоа го потврдуваат и објавените податоци на Царинските служби, според кои постојано се откриваат странски и македонски државјани, кои се обидуваат да изнесат илјадници вредни предмети. Не се знае точната вредност на артефактите и предметите кои исчезнуваат, бидејќи надлежните велат дека тие се непроценливи. Дополнителен проблем е што дел од нив не се евидентирани затоа што се пронајдени од диви копачи. Димитровски вели дека од досегашните сознанија, најранлива категорија за отуѓување се археолошките предмети и иконите.
Црквата Св.Ѓорѓи во Старо Нагоричане.

Црквата Св.Ѓорѓи во Старо Нагоричане.


„Во последните години имаме зачестени премини на нелегални отуѓувања и на веројатно изнесување, иако нема целосни информации за тоа каде завршуваат добрата, но може да се претпостави дека тие завршуваат главно во странство на некои од оние пазари на коишто навистина има интерес, но и финансиска моќ тие да бидат откупени. Факт е дека навистина треба да се заштитат мерките за контрола со цел да се сочува ова наследство кое што во Македонија навистина за среќа или за жал го имаме многу, така што е изложено на ризик“, вели Димитровски.
Или е несакање да се пронајдат извршителите или е незнаење. Ако е првата причина, тогаш извршителите имаат линк со надлежните и намерно се заташкуваат податоците, а доколку е втората причина, тогаш вработените во службите за безбедност нека напуштат работа и на нивно место да дојдат тие што си ја знаат работата.

Покрај штетата која се нанесува на материјален план, уште позначајна е штетата која Македонија ја трпи со прикажување на македонските артефакти како туѓи, односно како сопственост на соседните држави, што историски гледано претставува огромна загуба за националниот идентитет и богатство. Според професор Марина Малиш Саздовска, само од локалитетот Марвинци, во изминативе 20 до 30 години се претпоставува дека дивите копачи ископале околу илјада гробни места и огромен број на артефакти се препродадени во Македонија, но и во Грција за да завршат како предмети со грчко потекло.
Илустрација: Фрески во црквата Света Богородица Перивлепта во Охрид.

Илустрација: Фрески во црквата Света Богородица Перивлепта во Охрид.


„Материјалната придобивка за дивите копачи е мотив за нелегално ископување на артефакти, бидејќи на црниот пазар на пример монетите се продаваат од илјада до 6 илјади денари, но по чистењето и обработката, истата монета може да достигне цена и до 5 илјади евра на меѓународните аукции“, се вели во еден од нејзините научни трудови.

На црниот пазар македонските артефакти достигнуваат вртоглави суми, а препродавачите, откако ќе ги изнесат од земјава, вредните предмети ги нудат на клиенти од западноевропските земји и САД.

Пензионираниот полициски инспектор Драги Несторовски во чија надлежност биле истраги за криминал со културно наследство смета дека најбруталниот грабеж на икони и други значајни предмети е извршен во период по Втората светска војна до седумдесеттите кога од земјава исчезнале околу 6 илјади икони. Тој во неговиот научен труд што го објави Факултетот за безбедност наведува дека големи грабежи и уништување на културното наследство се извршени во 1995 година во месноста Суво Грло, кога тогашниот министер за одбрана и за внатрешни работи извршиле диво копање. Според мапата која ја имале требало да пронајдат 5 тони злато кое наводно германската војска го закопала при повлекувањето во 1944 година. Просторот бил ископан со градежни машини и при тоа биле уништени голем број на тумули односно гробови и гробници од пред нашата ера.

„Во 2005-та година, според записи од писмо кое било напишано во 18-ти век, висок функционер од МВР нарачал ископување кај Расим-Исаковиот мост на Црна Река со цел да пронајде голем товар на злато кое турската војска наводно го закопала на ова место. При ископувањето за надгледување е користен и хеликоптер на МВР. Според нашите сознанија, службата водела постапка против функционер за овој случај, но по налог на „некој“ постапката е прекината“, пишува во својот труд Несторовски.

Во последниве години, според одредени преданија, трагачите по богатство ги бараат низ Македонија „Гарван пештера“, „Златната змија“, „Бакарна книга“, „Македонска математика“, „Златната кочија“ и други. Според сознанијата на Несторовски, голем број на диви ископи се вршени со современа и скапа опрема, а во Македонија едно лица има во сопственост таква опрема чија вредност изнесува 200 илјади евра.

Во Македонија има евидентирано 5.150 археолошки локалитети на старомакедонски населби од кои заштитени се само 103 локалитети, но со најголемиот дел од нив не се знае кој и како управува. Потоа, евидентирани се околу 2.200 недвижни споменици на културата, какоманастири, џамии, цркви, текиња и слично, околу 200 спомен куќи, кули и мостови. Но, не смее да се заборави дека голем дел од тие спомен куќи се во катастрофална состојба, оставени на забот на времето. Пример за тоа е распаѓањето на дрвената куќа во која во 1901 година како заложник со месеци беше чувана американската мисионерка Елен Марија Стон од страна на ВМРО. Слична е ситуацијата со куќите на Јосиф Даскалов и Павел Шатев во Кратово, кои во изминативе години поради негрижа се урнаа.

Професор Донка Барџиева Трајковска вели дека она што е препознатливо за Македонија во рамките на нашата традиција на живеење како архитектура рапидно пропаѓа.

„Губиме драгоцени примероци од нашата навистина извонредна рурална архитектура. Исто е и со старата архитектура, ни пропаѓаат старите чаршии со урбанистичките планови, со заштитните решенија, за жал не успеваме да го контролираме развојот на чаршијата на градовите и неконтролирано внесување на нов изглед којшто апсолутно не е адекватен за она што е наша традиција“, вели Барџиева Трајковска.

Голем број на археолошки локалитети се загрозени со тоа што се претвораат во градежни локации. Плаошник во Охрид во 1999 година почна да се „чисти“ за да се обезбеди „празна“ локација за изградба на Светиклиментовиот универзитет. На Кале по археолошките ископувања се појави „празен“ простор за градење на објекти. Дополнително по меѓуетничките инциденти, од кои изминаа повеќе од две години, Калето е затворено за јавноста. Со градежни дозволи се уништуваат и скопската, охридската и кратовската чаршија, сакралното наследство во Св. Богородица, во Охрид, во Старо Нагоричане, во Курбиново се најистакнатите примери за неодговорниот однос кон културното наследство, вели Барџиева Трајковска. Таа како претседател на невладината организација Центра за културно наследство вели дека во изминативе две години евидентирала и документирала катастрофална состојба на културното наследство.

„Еден од најзагрозените видови на културно наследство се средновековните цркви кои се антологиски дела на византиската уметност, нотирани и проучувани од светски познавачи на византиската архитектура“, вели Барџиева Трајковска.

Таа објаснува дека проблемот е сложен и повеќеслоен, делумно се должи на отсуството на концепт и систем во планирањето што е резултат на лошите законски мерки. Барџиева Трајковска истакнува дека Македонија е единствена земја во Европа која како законска обврска на ниту една институција не и налага да ја следи состојбата со културното наследство, па оттука и почнуваат аномалиите, како на пример кога се носат годишните програми на Министерството за култура не постојат релевантни податоци за одредување на приоритети во програмата затоа што никој не ја следи состојбата. Таа додава дека втор проблем со кој се соочуваат сакралните објекти е нивната неквалитетна реставрација.

„Во Македонија ни се случи парадокс, ние сега да чувствуваме потреба да ги заштитиме токму од лошата реставрација, затоа што масовната употреба на цемент, на бетон, на синтетички материјали, доведе до рапидно пропаѓање на фрескоживописот. Во обидот да ги спасиме од прокиснување, ние навистина ги изгубивме преку стотици, може и до илјада метри квадратни на непроценлива вредност на фрескоживописот“, вели таа.

Барџиева Трајковска објаснува дека најдрастичен пример е со оштетувањето на цркавата Св. Богородица Перивлепта, а слична е ситуацијата и со црквата Св. Ѓорѓи во Старо Нагоричане.

„Промената на структурата и на конструктивниот систем во црквата Св. Ѓорѓија во Курбиново која буквално ја пореметува статиката и се забележуваат огромни пукнатини кои веќе започнуваат да се шират и на фрескоживописот на познатиот ангел од Благовести кој што се наоѓа на македонските пари, препознатлив е, но на терен тој пропаѓа“, вели Барџиева Трајковска.

Таа потсетува дека во целава ситуација се забораваат последните пожари со манастирските комплекси.

„Манастирските конаци ни горат затоа што на извесен начин кај имателот нема изразено чувство за вредноста и потребата да се заштитат тие конаци, и како треба тие да се обезбедат, тука мора да има строга контрола на движењето и на управувањето со самиот имот во случајот со одреден манастирски комплекс, особено кога тој е активен кога во него има монашки братства. Се случуваат работи кои се навистина загрижувачки и кои досега требаше да го запалат црвеното светло кај Управат за заштита, кај Министерството, кај другите институции, за конечно нешто да се промени“, вели Барџиева Трајковска.

Претседателката на асоцијацијата на независната културна сцена Јадро, Искра Гешовска, вели дека кражбите на иконите и артефактите и нивното распродавање е само последица на нашата грижа за културната наследство.

„Не може Министерството за култура повеќе да се грижи за скулптурите кои сега се поставени на плоштадот или восочните фигури поставени во музејот на ВМРО или како и да се викаше, има три имиња. Значи се грижат многу повеќе за тоа, се инвестира многу повеќе во тоа, значи треба да се видат бројките, финансиските конструкции, колку е финансирано во она таканаречено ново културно измислено наследство што го создаваат и од она што навистина е верификувано, меѓународно верификувано културно наследство“, вели Гешовска.

Од друга страна, пак, гласноговорниците за националниот идентитет, чија одговорност најмногу се слева во Министерството за култура, се оние кои покажуваат целосна неодговорност, објаснува Гешовска.

„Тие немаат воопшто стратегија за заштита на културното наследство, мислам доволно е да отидете до Курбиново и да видите каде седи клучот од таа црква, секој може да влезе и од никого да не биде набљудуван, но ова со музејот е просто скандал што се случи. Но, јас ја лоцирам одговорноста во Министерството за култура, значи вработените може сè нешто да направат, но мора да се знае хиерархиски кој е одговорен за зачувувањето на културното наследство“, вели Гешовска.

Од 430 илјади движни предмети кои се дел од културното богатство, околу 22 илјади се икони кои се чуваат во црквите и манастирите. Но, и таа бројка не е конечна затоа што иконите се честа и лесна мета за крадците. Како пример за нивната вредност може да се наведе изложбата на икони од Македонија во САД во 2006 година која беше осигурана на 3 милијарди долари. Станува збор за 14 оригинални икони изработени во 13 и 14 век. Најчеста мета на крадците се оние цркви коишто се оддалечени од населените места, а вредните икони се оставени на милост и немилост, се чуваат само со еден клуч на портата, па арамиите како да се добредојдени.

Во една од телевизиските емисии на Код, поранешниот инспектор и раководител во Управата за заштита на културното наследство, а сега во притвор, Илчо Бојчевски, изјави дека станува збор за една или неколку организирани групи коишто оперираат по црквите.

„Се работи за една или повеќе групи кои што работат на ист идентичен начин и загрижувачки е тоа што во повеќето објекти се бирани иконите, а тоа укажува на постоење на некоја врска или човек којшто ги знае состојбите, и во самата црква и безбедносните состојби, од каде да се влезе, од каде да се излезе, ги бираат иконите по вредност, по иконописец“, рече Бојчевски.

Тој е првообвинет во судскиот случај Фаланга 2. Тој во својата одбрана пред судот изрази сомнеж дека причината поради која се наоѓа во притвор е изјавата што ја дал за КОД, каде што вели дека е индикативно што безбедносни служби не можат да откријат крадци на 500 икони од 40 цркви кои на ист начин оперираат во Западна Македонија.

„Чудно и несфатливо е како нашите безбедносни служби не можат да дојдат до податок за 40 кражби на 500 икони во цркви во Западна Македонија, кражби кои се извршени на ист начин. Според мое мислење, има две причини за тоа, или е несакање да се пронајдат извршителите или е незнаење. Ако е првата причина, тогаш извршителите имаат линк со надлежните и намерно се заташкуваат податоците, а доколку е втората причина, тогаш вработените во службите за безбедност нека напуштат работа и на нивно место да дојдат тие што си ја знаат работата“, изјави Бојчевски во судот.

Тој во емисијата Код изјави дека иконите завршуваат на западниот пазар во вредност од 5 илјади евра па нагоре.

„Во некои аукциски куќи во Австрија, Швајцарија, Германија, за кои на интернет има адреси, но на интернет има податоци за тоа што тие легално го прибрале и го продаваат, меѓутоа кога ќе се обратите во куќата, таму ќе најдете во депоата и сè што не е легално прибавено“, рече Бојчевски.

Неговиот адвокат Звонко Давидовиќ вели дека првообвинетиот смета дека целиот процес е одмазда поради неговата клучна улога во процесот Фаланга 1.

„Каде што тој како инспектор за заштита на културно богатство ги координирал релациите заедно со МВР, и каде што лицето Драгослав Шекуларац, кој што е обвинет во Фаланга јавувал и дојавувал за сè што му било од Македонија нудено како културно богатство да го откупи, каде што они после спроведена акција ги откривале и ги документирале сите предмети“, вели тој.

Давидовиќ вели дека е чудно што целиот процес се базира само на исказот на сведок и додава дека материјалните докази врз кои се базира обвинението не ни постојат, ниту се дадени на увид.

„Ниту постојат тие предмети за кои обвинителството тврди дека биле предмет на продажба за да можеме воопшто да ги видиме освен исказот на тој еден единствен сведок. На прашање на одбраната зошто тоа го правел, тој тврдеше дека ги откупувал од други луѓе и дека ги продавал некому и испаѓа дека истиот тргувал со предмети, но истиот не е обвинет во Фаланга 2. Чудно е што освен неговиот исказ ниту еден предмет за кој се тврди дека постои, дека е продаден не можеме да го видиме, ниту знаеме, ниту некој го видел, ниту знаеме дали воопшто станува збор за артефакти, па и самиот сведок кажува дека не знае каде се“, рече Давидовиќ.

При првиот судски случај Фаланга беа уапсени 26 луѓе, а пронајдени беа приближно 3 илјади монети, 20 фигури, 160 парчиња накит од 8 век п.н. ера, па се до 12 век од нашата ера. Во мај годинава, МВР ја спроведе акцијата „Фаланга 2“ при што беше приведена 19-члена група осомничена дека од неколку археолошки локалитети вршела илегални ископувања на археолошки предмети со голема културна и археолошка вредност.

Идентификацијата на предметите е отежната, а досега не е направена ниту одредена листа евидентирани предмет, кои потекнуваат од територијата на Македонија. Едно од превентивните мерки за кои зборува деканот на охридскиот факултет за туризам Сашо Коруновски е вметнувањето на еден вид баркод, односно за секој предмет потребно е да се изработи досие и „лична карта“, за да не може потоа да се изработи фалсификат или пак да заврши на некоја официјална аукција надвор од земјата, без притоа да не се знае потеклото на тој предмет, и дали за него се води истрага.

„Во јавниот дел на „досието“ да бидат заведени основните карактеристични елементи, но ако има потпис, ако има какво било писмо на него, е тоа е тој скриен дел, тоа е оној скриен дел, тоа се документира и нема секој пристап до него и така се детектира оригиналноста на предметот, тие се внесуваат во вториот дел на досието, буквално како една личност која има белези на лицето и така тие системи се со години развивани за да се оневозможи правењето на копии“, вели Коруновски.

Тој додава дека последиците од тоа што досега не се имплементирани таквите мерки се големи.

„Видете, најчесто ние зборуваме за непроценлива штета, но ќе кажеме дека секоја штета е проценлива, но штетите се огромни како држава, како имиџ, мора тоа да се поправи, економските се секако големи, но би зборувал како штети од културните вредности, кои што сме ги поседувале, а сега мора да трагаме по нив низ светот. Многу често овие мерки се постфестум за заштита.

РСЕ: Дали може да заклучиме дека поради недостатокот на овие мерки, украдените предмети од музејот се за навек загубени?

„Не, никогаш ништо не е завек загубено, потрагата почнува за жал, еден чекор сме зад оние кои што го злоупотребиле културното наследство и ние сега треба да ги бркаме на некој начин, чекор треба да сме пред нив секогаш“, вели Коруновски.

Барџиева Трајковска објаснува дека никогаш не била полоша ситуацијата со заштитата на културното наследство.

„И последната кражба, или исчезнатите 166 артефакти, го отвора и прашањето како ги чуваме и оние кои што се веќе експонирани во музеите, значи таму каде што се оставени на терен ситуацијата е катастрофална, лоша, меѓутоа не е подобра ниту во депоата, ниту во музејските збирки“, вели таа.

Клучниот проблем е во законската регулатива и во нерегулираните односи меѓу институциите, односно меѓу Министерството за култура, Управата за заштита на наследството и имателите на културното наследство, заклучува Барџиева Трајковска. Отсуството на заштитни режими и превентивни мерки, неосигурувањето на артефактите, како и отсуство на категоризирана листа на севкупното наследство оневозможува квалитетни заштитни мерки за културно наследство. Експертите од ова поле посочуваат дека во наредниот период е потребно да се овозможи успешно вмрежување на сите надлежни органи и институции за реализирање на заедничка стратегија за превенирање и спречување на кривични дела од областа за заштитата на културното наследство. За таа цел е потребно стручно усовршување на кадарот, техничко опремување на службите, обезбедување на објектите под заштита и преземање на други мерки и активности за да биде успешно спречувањето на организираните криминални групи кои вршат диво копање, кражби, присвојување и други дела поврзани со културното наследство и артефактите.
  • 16x9 Image

    Зорана Гаџовска Спасовска

    Новинарската кариера ја започна во А1 телевизија. Работела на теми од образование, социјални проблеми, здравство и екологија. Родена е на 30.09.1983 година во Скопје. Од јуни 2009-та година работи како постојан дописник за Радио Слободна Европа од Скопје.

XS
SM
MD
LG