Достапни линкови

logo-print

Да ги симнеме предрасудите!


Даниел Калајџиески, Програмски координатор за млади во ХЕРА – Асоцијација за здравствена едукација и истражување и член на Иницијативниот одбор на формирање на Национален младински совет.

Даниел Калајџиески, Програмски координатор за млади во ХЕРА – Асоцијација за здравствена едукација и истражување и член на Иницијативниот одбор на формирање на Национален младински совет.

На почетокот беше нова непозната болест, но денес знаеме многу, имаме многу повеќе информации. Дали предрасудите исчезнаа? Не, предрасудите не исчезнаа. Предрасудите се тука, но уште повеќе предрасудите насочени кон лицата кои што живеат со ХИВ понекогаш им го правата животот пеколен, пишува за младинската онлајн колумна на Радио Слободна Европа, Даниел Калајџиески, програмски координатор за млади во ХЕРА.

Предрасуди..... Ги има многу, ги има насекаде околу нас. Тие и секогаш ќе постојат, затоа што се човечки. Но, исто така човечки е да се направи избор, да се препознае дали нешто е добро или лошо. Човечки е да се размисли, човечки е да се направи промена.
Многу земји во светот поставуваа забрани за патување, односно влегување во земјата за лица кои што живеат со ХИВ, многумина беа оставени на маргините на општеството без никаква здравствена или социјална грижа.

Предрасудите се во нашата глава. Предрасудите всушност се одредени ставови кои човекот ги има, а кои што не се темелат на некои рационални аргументи или пак искуство. Но, предрасудите не остануваат само во нашите глави, не ги чуваме само во себе и за себе. Тие го оформуваат нашето однесување, она што ние го правиме или не.

Предрасудите ги формираме за луѓето што живеат во другиот град, другата држава, луѓето кои имаат различна религија од нашата, па дури и за оние кои што слушаат различна музика од нас, имаат различна сексуална ориентација, имаат различен здравствен статус од нашиот и се така можеби во недоглед.

А што е со предрасудите кои се однесуваат на ХИВ и лицата кои што живеат со ХИВ? Иако поминаа триесетина години од откривањето на првите случаи со ХИВ предрасудите сè уште постојат. Предрасудите се дел од секојдневието на лицата кои што живеат со ХИВ. Што е она што на многумина им паѓа на памет кога ќе се спомнат лицата кои што живеат со ХИВ: самите тоа го заслужија треба да ги трпат последиците, опасни се за околината, не заслужуваат достоинство поради „таа срамна болест“, и вака и така нема да живеат долго или уште многу други за некого оправдани за некого не, изјави.

Да се обидеме да најдеме некој рационално објаснување за ова. Да, сида е релативно нова болест, првите случаи беа откриени пред триесетина години од страна на американските и француските лекари и научници. Во првите години и за лекарите имаше многу нејасни аспекти, беше потребно време да се утврдат карактеристиките на овој вирус. Да, првите откриени случаи беа меѓу геј заедницата во Њујорк и Сан Франциско, но понатаму следеа случи и во сите други социјални групи. Така што првичното мислење дека тоа е болест која што е поврзана само со геј заедницата, се покажаа како неточни. А по тие први години на откривање на нови случаи со ХИВ, следеа откривање и на начини на третман на оваа болест. На самиот почеток достапната терапија за оваа болест не беше најефикасна. Но, по триесетина години, многу достигнувања беа остварени и оваа терапија стануваше се поефикасна, овозможувајќи долг и квалитетен живот. Но истовремено со проширувањето на епидемијата низ целиот свет, лицата кои што живеат со ХИВ, се соочува не само со предрасуди од околината, туку и со ограничувања на човековите права. Многу земји во светот поставуваа забрани за патување, односно влегување во земјата за лица кои што живеат со ХИВ, многумина беа оставени на маргините на општеството без никаква здравствена или социјална грижа.

За да сето ова многу поблиску го доживеете погледнете ги овие два филма: Како да се преживее чума (How to survive a plague) и Ние бевме тука (We were here). Многу од она што погоре го напишав ќе оживее на екраните.
Сето ова се случуваше токму поради предрасудите. На почетокот беше нова непозната болест, но денес знаеме многу, имаме многу повеќе информации. Дали предрасудите исчезнаа? Не, предрасудите не исчезнаа. Предрасудите се тука, но уште повеќе предрасудите насочени кон лицата кои што живеат со ХИВ понекогаш им го правата животот пеколен.
Да ги симнеме предрасудите, затоа што стравот од нив ги спречуваат луѓето да го дознаат својот ХИВ статус, а тоа за многумина значи и навремен третман. Да ги симнеме предрасудите затоа што само така овој вирус ќе стане минато.

Замислете ги следните ситуации: Вашите колеги на работа дознаваат дека вие сте ХИВ позитивен/а, притоа се соочувате со притисоци од колегите, озборувања, одбегнување, на крај решавате да го напуштите работно место; потребна ви е хируршка интервенција, пред интервенцијата треба да направите ХИВ тест, тој е позитивен, потоа се соочувате со ситуација кога никој од лекарите не сака да ја изведе операцијата; вашите родители го дознаваат ХИВ статусот, без никакво размислување тие ве бркаат од дома.
Овие животни ситуации не се некоја имагинарна замисла, тоа се вистински приказни на наши сограѓани од Македонија, можеби тоа е и некој наш близок пријател или колега. Дали сè уште мислите дека тоа навистински го заслужуваат луѓето кои што живеат со ХИВ?

Денес знаеме дека поради достапната и ефикасна терапија ова е хронична болест. Лицата живеат долг и квалитетен живот. Поради оваа терапија, денес лицата кои што живеат со ХИВ може да имаат свои деца, денес мајка која што живее со вирусот може да роди здраво дете. Сите нерационални стравови се само нерационални и ништо повеќе.

Но, истовремено предрасудите кои што се поврзани со ХИВ не се причина да ги ограничува само лицата кои живеат со ХИВ. Колку од вас кои што сега го читаат ова го знаат својот ХИВ статус? Најверојатно многу мал дел, 1%. А зашто е тоа така? Повторно една од причините се предрасудите. Никој не сака во некој дел од животот потенцијално да биде ставен на маргините во општеството, да биде отфрлен и игнориран. Луѓето не е се охрабрени да направата ХИВ тест, да го дознаат својот статус, стравот за да не бидат ставени во таа ситуација ги одвраќа од тој тест. Овој тест е важен затоа што навременото откривање на вирусот овозможува ефикасен третман, ако се открие доцна, во стадиум на сида, можностите за третман се ограничени.

Ние не се плашиме од ХИВ, ние се плашиме од предрасудите.
Поради тоа, треба да ги симнеме предрасудите. Треба да ги симнеме, затоа што тие предрасуди на многу луѓе им создаваат болка и немир, не можат да живеат исполнет живот, туку напротив живеат затскриено. Да ги симнеме предрасудите, затоа што стравот од нив ги спречуваат луѓето да го дознаат својот ХИВ статус, а тоа за многумина значи и навремен третман. Да ги симнеме предрасудите затоа што само така овој вирус ќе стане минато.
Предрасудите се човечки, но исто така човечки е да направиме избор, да не го правиме она што ќе ги повреди другите.

Овие десетина параграфи на текст ги пишувам за сите мои пријатели и пријателки кои што денес живеат со ХИВ во Македонија. Го пишувам ова за да им покажам на другите дека предрасудите не му припаѓаат на ова општество. Ова општество, оваа земја треба да ги прифати сите без оглед на тоа дали некој го има овој вирус или не. Ова општество треба да им пружи соодветна поддршка на оние на кои што им е потребна.
XS
SM
MD
LG