Достапни линкови

Битката за Украина


По паѓањето на Советскиот Сојуз, поранешниот американски советник за национална безбедност Збигњев Бжежински напиша: „Русија без Украина престанува да биде империја, но со подмитување, а потоа и со нејзино потчинување, Русија повторно станува империја“. Тоа се уште е влогот и во сегашната борба за таа земја.

Украина зачекори во руската орбита кога го откажа потпишувањето на спогодбата за асоцијација и трговија со Европската унија и ги соопшти намерите за поблиски врски со блокот предводен од Русија. Одлуката на претседателот Виктор Јанукович беше проследена со неколкумесечно застрашување од Москва. Тој вчера соопшти дека условите што ги понуди Брисел за Спогодбата биле навредливи за Украина.

Украинските власти велат дека руските санкции ќе ги чинеле 15 милијарди долари во загубени трговски зделки, а би можело да стигнат и до половина билион доколку ја потпишат спогодбата со Брисел.
претседателот Виктор Јанукович
претседателот Виктор Јанукович

Рускиот претседател Владимир Путин пак, порача:

Љубезно ги молам нашите пријатели во Брисел, моите лични добри пријатели во Европската комисија да се воздржат од остри изјави. Дали треба да убиеме цели гранки на нашите стопанства за да бидеме сакани од нив.
Владимир Путин, претседател на Русија.
„Љубезно ги молам нашите пријатели во Брисел, моите лични добри пријатели во Европската комисија да се воздржат од остри изјави. Дали треба да убиеме цели гранки на нашите стопанства за да бидеме сакани од нив. Не сакаме епидемија на невработеност“, рече Путин.

Претходно тој удри со трговски санкции и со закана за прекин на енергенсите доколку Украина и другите соседни земји бараат потесни врски со Западот.

Ерменија се предомисли и и се приклучи на руската царинска унија. Молдавија и Грузија продолжија кон Европа.

Со население од 46 милиони и лоцирана на надворешните граници на НАТО, Украина е големиот плен.

Откако минатата година Путин се врати на претседателската функција, тој понепријателски беше настроен спрема Западот и се заложи дека ќе ја врати руската сфера на влијание во најскоро можно време.

Администрацијата на Барак Обама која ги ресетираше односите со Москва не успеа да го предвиди тоа.

Јанукович и самиот придонесе за овој дебакл. Доаѓајќи од индустрискиот источен дел на Украина, тој се обиде да ги украде претседателските избори во 2004 година, но народното востание го спречи во тоа.

Портокаловата револуција обезбеди слободни избори кои во 2010 година ги доби Јанукович.

Очаен да ја поврати загубената поддршка пред изборите во 2015 година тој ја зграпчи руската понуда за трговски олеснувања и поевтин гас.

Исто така го затвори својот ривал Јулија Тимошенко, еден од лидерите на Портокаловата револуција за која Брисел инсистира да биде испратена на медицински третман во Германија.

Сојузниците на Јанукович во парламентот го сменија и законот со што се дисквалификува боксерскиот шампион и опозициски лидер Виталиј Кличко да се трка за шеф на државата. Анкетите покажуваат дека Кличко би победил доколку изборите се одржат сега.

Добриот договор на Јанукович со Русија, според Вол Стрит Џурнал, е лош за Украинците кои и со протести ставаат јасно до знаење дека се за поблиски врски со Западот.

Трговската спогодба со Европската унија останува на маса со јасната осуда на Брисел за московскиот притисок врз Киев.

Но, како што се оценува, германскиот канцелар Ангела Меркел изминатиот викенд презела погрешен чекор предлагајќи разговори меѓу Европската унија и Русија за источните соседи и покрај тоа што тие веќе 22 години се суверени држави.

Германија претходно го блокира и предлогот да и се понуди на Грузија пат за членство во НАТО.

Како и да е, независна Украина ќе води кон помирна Европа и ќе му го отежне обидот на Путин за обнова на Руската империја, се наведува во коментарот на Вол Стрит Џурнал.
  • 16x9 Image

    Гоце Атанасов

    Со новинарство започна да се занимава за време на студиите по новинарство во Скопје. Работел во Млад борец, Нова Македонија, Македонската радио телевизија, А1 телевизијата и во Дојче Веле, а во Радио Слободна Европа е од започнувањето на емитувањето на македонски јазик.

XS
SM
MD
LG