Достапни линкови

Ваши коментари - Опозициски мерки и тепачки меѓу малолетниците


Интервјуто со потпретседателот на СДСМ Ванчо Узунов и саботната анализа посветена на тепачките меѓу малолетниците предизвикуваат интерес кај читателите.

Редовниот Незабеган, кого многумина од посетителите го бележат дека е опозициски настроен против актуелната владејачка партија, во својот коментар ги критикува ставовите на потпретседателот на СДСМ, Ванчо Узунов во врска со визијата на неговата партија за финансиски стабилна средна класа во Македонија, искажани во неделното интервју на Радио Слободна Европа.
Македонецот уште не излегол од самоуправниот социјализам.

Незабеган смета дека работите и лончињата во Македонија се ептен измешани. Вон секоја реалност, пишува тој во својот коментар, СДСМ нуди популистичка капиталистичка реставрација на средната класа, која СДСМ ја уништи буквално до крај со приватизацијата од 92 до 98-та и со замрзнувањето на платите повеќе од десет години во администрацијата, а биле лева партија... Од друга страна, продолжува Незабеган, ДПМНЕ нуди популистички ветувања за бањи, 500 денари повеќе за секој пензионер, лотарии за инвалиди, лотарии за сиромашни, а се декларираат како десна партија. Македонецот уште не излегол од самоуправниот социјализам. Сака (да слушне дека) буквално сè државата му организира.
Кога пратеници се тепаат во Собрание, не знам што очекувате од децата.

Кога станува збор за појави кои и тоа колку ни ја оптоваруваат денешнината - честите тепачки меѓу младите од двата најголеми етникума во земјава - ретки се оние со реално гледиште. Партиските ставови и тука го замаглуваат реалниот поглед. Во врска со текстот „Младите бунтовници испуштени од раце“ - саботната анализа на колешката Пелагија Младеновска, редовниот Миле од Охрид како да ја изгубил темата, па детално опишува како Македонија страда од „предавниците, душманите, кодошите и јаничарите“ и вината за тепачките меѓу младите Македонци и Албанци, ја наоѓа кај оние кои сакаат, како што вели, „името да ни го продадат“.

МК Обсервер порачува дека „новиве генерации не биле толку запуштени во детството како претходните за да дивеат на јавни места и да уништуваат јавен имот“ и кои се „резидентно зло од темното минато на комуњарската приватизација и транзиција“ - очигледно испуштајќи од вид дека анализата зборува токму за тие нови генерации млади луѓе, родени пред петнаесетина години.

Ловро од Скопје смета дека сè потекнува од постарите: „Кога пратеници се тепаат во Собрание, не знам што очекувате од децата“.

Информацијата за пораката на студентското движење „Слободен индекс“ за бесплатно високо образование и нивните пресметки дека еден семестар чини колку еден бубрег, и дека парите потрошени за Скопје 2014 се доволни да обезбедат бесплатно образование во следните 40 години, испровоцирала повеќе ваши коментари, токму во врска со нашите студенти. Перо коментира дека само кај нас, кога станува збор за студентските барања, студентите се неединствени и веднаш се етикетираат дека се партиски обоени. Анонимен прашува дали навистина се реновирани домовите за студентите, кога последен пат е изграден студентски дом или се подобриле условите за исхрана во постојните, зошто нема греење на факултетите. Незабеган и тука има коментар, па вели дека нашите студенти немаат никаков став за состојбите во кои живеат и за она што се случува во државата, и дека студентите и за време на еднопартискиот систем во СФРЈ биле погласни и покритички расположени.
  • 16x9 Image

    Горица Попова

    Родена е во Кочани, дипломирала во 1976 год. на Филозофскиот факултет во Скопје. Како новинар работи над 30 години. Почнала во Македонско радио- Радио Скопје во 1978 год. Од јуни 2009 год. е соработник на Радио Слободна Европа.

XS
SM
MD
LG