Достапни линкови

„Ова е Валтер“ за 29 ноември во Берлински прима центар


Осумдесет и седум креативци од просторот на некогашна Југославија, меѓу кои триесеттина од Македонија, ќе земат учество на изложбата „Ова е Валтер“ што од 29 ноември 2013 до 26 јануари 2014 година ќе се одвива во Проект галеријата „Прима центар Берлин“. Идејата, за која организаторите велат дека нема врска со југоносталгијата, беше промовирана на социјалните мрежи, а ќе кулминира со снимање на документарец за целата уметничка акција.

В петок, на 29 ноември, токму на 70-годишнината од основањето на авнојска Југославија, во Проект галеријата „Прима центар Берлин“, ќе биде отворена изложбата „Ова е Валтер“, на која е предвидено учество да земат 87 креативци од просторот на некогашната „заедничка татковина“ кои денес живеат и творат во новите држави, по Европа и во светот.
До идејата дојде случајно. Нема никаква позадина, никаков план од претходно, никаква концепција. Ништо друго освен убави спомени на некое време што сме го живееле како деца или како млади во земја која што веќе не постои.

Јован Балов, првиот човек на „Прима центар“ вели дека Проект галеријата е членка на здружението на галеристи и проект галерии на уметници „Колони веринг“ од Берлин и согласно на тоа, пред некаде шест-седум месеци, видел дека за 29 ноември е најавен артистички викенд во кој треба да бидат вклучени со изложба и тие. Датумот во него почнал да ги буди личните сеќавања од минатото и си рекол дека би било интересно да се направи нешто што ќе биде надвор од официјалната програма на „Прима центар“.

Немавме манифест со кој би рекле ОК, сакаме да ги поврземе луѓето од поранешна Југославија. Имавме само потреба една позитивна, една весела, една пријателска мисла да споделиме со многу луѓе кои се чувствуваат некако изгубено во емиграција.
Идејата првично ја споделил со хрватскиот уметник Бојан Хочевар кому уште повеќе му се допаднала таквата коинциденција – петок 29 ноември, и обајцата, по кратка дискусија, се договориле како шега „да го играат Валтер во Берлин“.

„До идејата дојде случајно. Нема никаква позадина, никаков план од претходно, никаква концепција. Ништо друго освен убави спомени на некое време што сме го живееле како деца или како млади во земја која што веќе не постои“, вели Балов.

Тој дополнува дека групната изложба, што патем ја потпишуваат со Хочевар и групата „Good Time Factory“, е подобро да биде именувана како уметничка акција која нема дефинирана тема, ниту учесниците треба да бидат професионални уметници, а единствениот услов што го поставиле бил тие да имаат корени или одредени конекции со просторот на некогашна Југославија. Со таквиот либерален пристап едноставно сакале да посегнат по колективната меморија и да прикажат една нефалсификувана мултиетничка слика од минатото на авторите или можеби само нивното восприемање на една пренесена приказна.
Акцијата неочекувано се рашири во една прекрасна пријателска манифестација.

„Немавме манифест со кој би рекле ОК, сакаме да ги поврземе луѓето од поранешна Југославија. Имавме само потреба една позитивна, една весела, една пријателска мисла да споделиме со многу луѓе кои се чувствуваат некако изгубено во емиграција“, вели тој.
Јован Балов.

Јован Балов.


Балов истакнува дека најмалку очекувале да се јават уметници од земјите на поранешна Југославија, но по повикот објавен на социјалните мрежи за учество во акцијата „Ова е Валтер“ (наслов кој директно асоцира на псевдонимот на Тито позајмен од познатата марка германски револвер и филмот „Валтер го брани Сараево“ на Хајрудин Крвавац од 1972 година со Бата Живојиновиќ во главната улога) виделе дека нивниот број е поголем од останатите.

Така во вкупно 87-те пријавени, се нашле и 30 уметници од Македонија кои творат во татковината и по светот. Меѓу нив се и докажаните Ирена Паскали(Келн), Ана Матовска(Берлин), Атанас Ботев, Игор Тошевски, Касиопеја Наумовска, Мирослав Масин, Константин Танчев Динка, Симонида Филиповска – Китановска, Илина Арсова, Тодорче Ангелов (Љубљана), Кристина Александровска(Париз), Славчо Соколовски (Бостон) и други.

Згора на ова, акцијата ќе биде збогатена и со учеството на неколкумина писатели (од Скопје со свој текст преведен на германски ќе се јави Наташа Аврамовска, а Бора Ќосиќ се подготвува да направи промоција на својата нова книга „Сеќавања за време на социјализмот“), опширен приказ за случувањата ќе прави и берлинскиот новинар и музичар Рудигер Росиг, а режисерот Славен Бањац од Пула, во периодот од 29 ноември годинава до 26 јануари 2014, додека трае проектот „Ова е Валтер“, ќе снима документарен филм.

„Акцијата неочекувано се рашири во една прекрасна пријателска манифестација“, потенцира Јован Балов.

Кон ова само уште информацијата дека мултимедијалните дела ќе бидат претставени на 13 јануари догодина, а поради големиот интерес одлучено е да бидат доделени и три награди од публиката (присутните ќе ги вреднуваат делата на изложбата, а останатите своите фаворите ќе ги одбираат на социјалните мрежи). Наградата за најуспешните ќе биде изложба „Валтер во тројка“ што ќе се одржи во Прима центар во Берлин, во октомври наредната година.
  • 16x9 Image

    Љупчо Јолевски

    Како новинар, водител и уредник Јолевски во новинарството е безмалку 4 децении. Кариерата ја почнал во Млад Борец на почетокот од 1980-тите. Потем долги години бил во Телевизија Скопје и во Македонското радио - Втора програма, како и во други медиуми. Во Радио Слободна Европа Јолевски е од самиот почеток на емитувањето на програмата на македонски јазик.

XS
SM
MD
LG