Достапни линкови

Не на семејното насилство, ама само во кампањите и на хартија


Елизабета Божиноска, програмски координатор во ХЕРА.

Елизабета Божиноска, програмски координатор во ХЕРА.

Доколку побарате помош попладне или ноќе, кога и најчесто се случува насилството, заборавете до следниот ден, зашто нема дежурна служба што ќе ви крене телефон, а камоли да излезе на терен, пишува Елизабета Божиноска, програмски координатор во ХЕРА, во младинската он-лајн колумна на Радио Слободна Европа.

Постои ли во Македонија заштита за жртвите од семејно насилство или засега ни останува само да се пофалиме со зголемената свест кај граѓаните за ова кривично дело, без суштинска промена во суровата реалност со која се соочуваат жртвите на семејното насилство? Досега, праксата на граѓаните и граѓанските организации кои секојдневно се соочуваат со овој проблем покажува дека на терен нема ни „з“ од заштита.
Доколку, пак, побарате помош попладне или ноќе, кога и најчесто се случува насилството, заборавете до следниот ден, зашто нема дежурна служба што ќе ви крене телефон, а камоли да излезе на терен.

Убаво звучи слоганот од една од кампањите против семејното насилство - Јас имам храброст и сила да му кажам не на насилството, можеш и ти! Но ако центрите за социјална работа не ги штитат жртвите на семејно насилство во Скопје, тогаш како владините кампањи ќе ги заштитат жените кои живеат во рурална средина и се невработени, а поради социјалната стигма немаат поддршка од примарното семејство да се вратат дома?

Стручните тимови во Центрите за социјална работа како најповикани во справувањето со овој проблем и самите признаваат дека одамна не работат „со клиенти“, туку „со хартија“. Како се донесуваа законските решенија и политики од областа на семејното насилство, така им се делегираа нови надлежности и одговорности, се разбира на истиот персонал без да се вработи нов, којшто ќе може соодветно и целосно да се посвети само на овој проблем. За техничките услови да не правиме муабет, теренските возила кои се неопходни за ургентно да се излезе на терен и да се понуди помош, ретко им се на располагање на професионалните служби. Доколку, пак, побарате помош попладне или ноќе, кога и најчесто се случува насилството, заборавете до следниот ден, зашто нема дежурна служба што ќе ви крене телефон, а камоли да излезе на терен.

МВР од друга страна, е приказна за себе. Да, навистина во полициските станици има назначено лица одговорни за справување со семејното насилство, но заштитата зависи од тоа кој службеник е на смена во моментот на пријавување. Па така, ако се погоди полицаец кој верува дека еден шамар не е семејно насилство, или дека жртвата не требало да го „провоцира“ насилникот може насилството да биде заведено на пример под „нарушување на јавен ред и мир“. Па ако по пријавата и се случи нешто на жртвата, никој нема да одговора за непостапување, зашто ја нема во системот како пријавено семејно насилство. Неретки се и случаите кога полициските службеници „советодавно“ се обидуваат да го разрешат семејното насилство преку лекции за помирување и соживот и враќање дома за да се смират страстите, наместо постапување според стандарди. А ако насилникот е локален моќник или колега на полицаец, повторно заборавете дека воопшто ќе има траги од пријавување, а не, пак, постапување и заштита на жртвата.
Сè додека се толерира субјективно толкување на она што е прецизно пропишано со закон и се дозволува делување согласно личните ставови што секој си ги носи со себе на работното место, нема и не може да стане збор за вистинска заштита.

Сè додека се толерира субјективно толкување на она што е прецизно пропишано со закон и се дозволува делување согласно личните ставови што секој си ги носи со себе на работното место, нема и не може да стане збор за вистинска заштита. Сè додека социјалните институции се паднати на колена, без човечки и технички ресурси да делуваат соодветно нема ни да има вистинска заштита од семејно насилство. И сè ова се однесува на процесот на пријава и првична заштита. Да не зборуваме за недоволниот број на сервиси за поддршка и третман на жртвите, засолништа и мерки за економско зајакнување кои ќе помогнат на жртвите сериозно да кажат не на насилството, а не да се враќаат повторно кај насилникот, само заради тоа што немаат каде.

А, за да се промени нешто, прво треба да бидеме искрени и да признаеме дека немаме реална заштита на терен. А таму, пак, каде постои, таа е спорадична, нецелосна и несеопфатна. Институционалниот лавиринт од пријавување, добивање поддршка, привремена заштита, судски разврски и изнаоѓање на решение на долг рок за излез од насилството е доволно комплициран и нефункционален. И сè во некој дел од него жртвите ќе се обесхрабрат и откажат. Па опцијата за молчење и трпење изгледа подобра од ризикот да се пријави насилството и на крај да се остане без заштита.

Затоа, потребни се структурни промени во постапување на институциите кои се на прва линија во обезбедувањето на заштита од овој проблем – пред сè центрите за социјалната работа и полицијата. А политиките мора да се преточат во акциони планови со реален буџет за да се отстранат моменталните аномалии. Неминовни се инвестициите во социјалната заштита – доволен број на сервиси за грижа и поддршка на жртвите, специјализирани тимови со 24-часовна поддршка, достапни засолништа за жртвите, реални мерки за економско јакнење на жртвите, обезбедување на станбени прашања за жртвите кои се социјално необезбедени... И секако постојан мониторинг врз професионалното работење и повикување на одговорност при отстапување од стандардите за работа на секој професионалец, без исклучок и без разлика во која институција е направен пропустот.

А, одговорните во Министерството за труд и социјална политика, за почеток ќе мора да ја (пре)прочитаат лектирата за прво одделение за заштита од семејно насилство која се вика – Заеднички протокол за постапување во случај на семејно насилство и да се зафатат сериозно за негова имплементација. Дури тогаш може да почнеме да разговараме дека правиме напори и отворени сме да ги подобриме состојбите, а сè дотогаш ќе остане да си „играме“ систем кој се бори и штити од семејно насилство.
XS
SM
MD
LG