Достапни линкови

logo-print

Светските сили ги продолжуваат преговорите со Иран


Барак Обама, претседател на САД и Хасан Роахани, претседател на Иран.

Барак Обама, претседател на САД и Хасан Роахани, претседател на Иран.

Во Женева денеска почнува нова рунда преговори меѓу шестте светски сили и Иран околу контроверзната нуклеарна програма на таа земја. Американскиот претседател Барак Обама оцени дека станува збор за сериозни преговори и затоа не би требало барем засега да се заоструваат санкциите против Иран.

Женевските преговори се фокусирани врз напорите за постигнување договор со кој Иран или ќе ги прекине или ќе одложи за шест месеци таканаречните нуклеарни активности во замена за извесно олабавување на меѓународните санкции.

Западните сили сакаат Иран да го стопира збогатувањето ураниум на 20 насто, односно на границата преку која се достигнува нивото на збогатен ураниум кој може да се користи за нуклеарно оружје.

Западот исто така е загрижен и во врска со реакторот што е во изградба во Арак, во западниот дел на Иран, каде што би можело да се произведува плутониум за атомска бомба.

Двете страни пред десет дена разговараа, исто така во Женева, но тогаш не успеаа да постигнат договор.
Ајде да го тестираме предлогот дека во наредните шест месеци ќе можеме да го решиме ова на дипломатски начин. Во исто време ја задржуваме основната архитектура на санкциите, а јас како претседател ги задржувам сите опции да го спречам Иран да дојде до нуклеарно оружје.

Пред сегашната рунда разговори постои нов оптимизам дека е можен договор. Американскиот претседател Барак Обама во Вашингтон изјави дека двете страни сериозно преговараат.

„Делумно, затоа што санкциите беа толку ефикасни ние бевме во можност да го принудиме Иран да дојде на преговарачка маса и да види како да и даде гаранции на меѓународната заедница дека не развива програма за нуклеарно оружје. Не знам дали ќе бидеме блиску до договор во оваа или наредната недела. Треба да бидеме цврсти со иранците дури и ако го постигнеме очекуваниот привремен договор“, рече претседателот Обама кој побара од американските сенатори да го одложат натамошното заострување на санкциите против Иран.

„Ајде да го тестираме предлогот дека во наредните шест месеци ќе можеме да го решиме ова на дипломатски начин. Во исто време ја задржуваме основната архитектура на санкциите, а јас како претседател ги задржувам сите опции да го спречам Иран да дојде до нуклеарно оружје. Мислам дека тестот заслужува да биде спроведен“, додаде Обама.

Прецизирајќи го говорот на Обама, односно за што всушност станува збор портпаролот на Белата куќа Џеј Керни изјави:

„Тој посочи дека не треба да бидат донесени нови санкции се додека траат сегашните преговори, но оти тие ќе бидат најефективен силен одговор доколку Иран не го прифати предлогот на светските сили“, рече Карни.
Ирански студенти во одбрана на правото за нуклеарна енергија

Ирански студенти во одбрана на правото за нуклеарна енергија


Британскиот премиер Дејвид Камерон вчера телефонски разговарал со иранскиот претседател Хасан Рохани што е прва конверзација меѓу лидерите на двете земји во последниве над десет години.

Камерон, како што соопшти британската влада, нагласил дека Иран треба сеопфатно да ја реши загриженоста на меѓународната заедница во врска со нуклеарната програма за што е неопходна поголема транспарентност на иранските власти.

Иранската државна агенција ИРНА, пак, јави дека Рохани рекол дека Иран цврсто ќе го брани правото да поседува нулклеарна енергија и ќе одбие секаква дискриминација во таа област.

Шестте светски сили кои преговараат со Иран се: Соединетите Држави, Русија, Кина, Британија, Франција и Германија.
  • 16x9 Image

    Гоце Атанасов

    Со новинарство започна да се занимава за време на студиите по новинарство во Скопје. Работел во Млад борец, Нова Македонија, Македонската радио телевизија, А1 телевизијата и во Дојче Веле, а во Радио Слободна Европа е од започнувањето на емитувањето на македонски јазик.

XS
SM
MD
LG