Достапни линкови

Министерството за финансии информира дека за првото извлекување на 30 декември веќе биле обезбедени средства, а за наредните ќе се издвојат пари од буџетот во 2014 година.

Од буџетски пари ќе се спонзорира наградната игра „Фискална во рака - награда без мака“, односно граѓаните сами ќе им платат на среќниците кои ќе бидат извлечени. Од Министерството за финансии нè информираа дека за првото извлекување на 30 декември веќе биле обезбедени средства, а за наредните ќе се издвојат пари од буџетот во 2014 година. Со собрани 20 фискални сметки, граѓаните ќе може да добијат стан, дуќан, автомобил и други вредни награди.
Нема логика ако пред тоа го напаѓате принципот којшто го кажува СДСМ дека целта е секому да му се враќаат 15 проценти од ДДВ, а набрзо после тоа кажувате дека од буџетот ќе земете средства, но нема да добиваат сите, туку ќе правите наградна игра.

Претседателот на Советот за економски прашања на СДСМ, Кире Наумов, вели дека ВМРО-ДПМНЕ во Македонија нуди живот којшто значи лотарија и тоа наместена, за разлика од концептот на опозицијата кој е добивка за сите граѓаните. Според него, нема никаква логика да се трошат буџетски пари за наградна игра.

„Посебно ако вие кажувате дека, значи има таков принцип, некои држави го правеле, но нема логика ако пред тоа принципот којшто го кажува СДСМ дека целта е секому да му се враќаат 15 проценти од ДДВ и вие без некоја посебна основа го напаѓате тоа, а набрзо после тоа кажувате дека од буџетот ќе земете средства и на сличен начин ќе правите нешто, но притоа нема да добиваат сите, туку ќе правите наградна игра“, вели Наумов.
Напротив, ние имаме многу подобра мерка, бидејќи точно знаеме колку ќе нè чини оваа мерка што ја предлагаме, значи точно знаеме колкав ќе биде наградниот фонд и точно знаеме дека ќе постигнеме ефект во насока на мотивација на граѓаните.

Министерот за финансии Зоран Ставрески изјави дека се работи за мотивациона мерка со која ќе се воведе фискална дисциплина и секој денар што ќе се прибере во буџетот ќе биде за финансирање болници, училишта и сл. Според него, мерката на СДСМ е без добра основа и без да се провери дали во пракса ќе функционира.

„Тоа носи неконтролиран ризик врз буџетот и така не се води економска политика. Напротив, ние имаме многу подобра мерка, бидејќи точно знаеме колку ќе нè чини оваа мерка што ја предлагаме, значи точно знаеме колкав ќе биде наградниот фонд и точно знаеме дека ќе постигнеме ефект во насока на мотивација на граѓаните“, вели Ставрески.

Економскиот аналитичар Висар Адеми вели дека се работи за популистичка мерка на владата и дека парите од данокот треба да се користат за други активности.

„Овие пари не треба да се користат за наградни игри, туку да се користат таму каде што најмногу има потреба. Е сега, прашањето е зошто го прави така, затоа што ние сме пред избори и владата не избира мерки да го придобие гласачкото тело, посебно тие што се независни“, вели Адеми.

Ставревски не појасни колку точно пари ќе бидат обезбедени за добитниците и колку ќе чини наградната игра.
  • 16x9 Image

    Марија Митевска

    Новинарската кариера ја започна во 2008 година во А1 телевизија како репортер во информативната програма.  Родена е на 14.04 1984 година во Скопје. Од мај 2009-та работи како постојан дописник за Радио Слободна Европа од Скопје.

Покажи ги коментарите

XS
SM
MD
LG