Достапни линкови

Неделен печат - Анкети, рејтинзи и нови партии


Глобус пишува за појавувањето на новите политички партии, Република за анкетите на партиите, а Глобус за рејтинзите на евентуалните претседателски кандидати.

Глобус - Ние сме смрт која е сè уште жива
Размножувањето има за цел да го одржи статус квото во кое политичко-тајкунската каста, како некаква султанска фамилија, ја има монополизирано, всушност, приватизирано државата и сите нејзини ресурси.

Прилично десператната колумна Офаманаман во најновото издание на он-лајн магазинот Глобус е насловена како: „Ние сме смрт која е сè уште жива“, а се занимава со од неодамнешното егзистирање на две нови партии на политичката арена, ГРОМ и Алијансата за граѓанска Македонија, како резултат, вели, на стремежот на македонската политичка инфантилност да се репродуцира по пат на клонирање!

Размножувањето има за цел да го одржи статус квото во кое политичко-тајкунската каста, како некаква султанска фамилија, ја има монополизирано, всушност, приватизирано државата и сите нејзини ресурси, при што режимот е тука да ги обезбедува вулгарнопростите финансископљачкарски релации, што во накинѓурената барокна естрадност, на светот им се претставуваат како бизниси! Авторот смета дека новите партии ќе бидат тампон зона помеѓу опозицијата и власта во функција на власта зашто ќе ја прошират дисперзијата на политичкиот интерес и на хаосот што ќе оди во прилог на власта сè до навечерјето на општиот крах, не на која било власт, туку на власта која ги демонтира темелите на нашето постоење и саморазбирање, пишува покрај другото Глобус.
Владејачката партија има стабилна поддршка од 420 до 450 илјади гласачи, а СДСМ на евентуални парламентарни избори би имал дури помалку од 360 илјади колку што освои во 2011 година - од 280 до 310 илјади.

Република - Разликата не навестува промени

Република и Фокус повеќе ги интересираат претседателските избори напролет, но според интересот на Република за рејтингот на партиите, се чини, задолжителни се и предвремените парламентарни. Уште на насловната, Република оди со заклучокот дека „Разликата не навестува промени“, за во текстот насловен како: „На западот ништо ново, на исток сè по старо“, да ги објави своите сознанија дека во последниот месец, во земјава се спроведуваат најмалку три анкети по нарачка на политичките партии за да им помогнеле да определат на што да се фокусираат при обраќањето до јавноста. Според анализата на Република, владејачката партија има стабилна поддршка од 420 до 450 илјади гласачи, а СДСМ на евентуални парламентарни избори би имал дури помалку од 360 илјади колку што освои во 2011 година - од 280 до 310 илјади.

Фокус - Почнаа анкетите и лобирањата за претседател

„Почнаа анкетите и лобирањата за претседател“, насловува Фокус за во текстот да напомене дека сегашниот претседател Иванов, кој важеше за политичар со низок рејтинг, засега уживал највисока поддршка кај граѓаните, многу поголема од непопуларниот и арогантен фаворит на власта, Зоран Ставрески. Тој стоел послабо и од адутите на опозицијата: Стево Пендаровски, Денко Малески и Петар Гошев. Некаде на средина бил Срѓан Керим за кого неделникот пишува дека до последен миг ќе се бори за поддршката од ВМРО-ДПМНЕ, но и од ДУИ.
  • 16x9 Image

    Горица Попова

    Родена е во Кочани, дипломирала во 1976 год. на Филозофскиот факултет во Скопје. Како новинар работи над 30 години. Почнала во Македонско радио- Радио Скопје во 1978 год. Од јуни 2009 год. е соработник на Радио Слободна Европа.

Покажи ги коментарите

XS
SM
MD
LG