Достапни линкови

Бесими - Создадовме амбиент за враќање на политичките критериуми


Создадовме амбиент каде што, условно кажано, политичките критериуми повторно се ставија на маса од страна на одредени земји-членки на ЕУ во однос на тоа дали во Македонија институциите имаат соодветен демократски капацитет согласно копенгагеншките критериуми, вели вицепремиерот задолжен за евроинтеграции Фатмир Бесими во неделното интервју на Радио Слободна Европа.

Господине Бесими, споменавте дека Македонија треба да ги зајакне аргументите до самитот во декември во неколку области, нема да ги повторувам. Дали тоа значи дека сте загрижен дека името не е единствената пречка да добиеме датум во декември?

Отсекогаш во однос на интеграциите во ЕУ се гледаат работите во пакет. Кога велам пакет, значи реформите во сите области, а кога зборувам за областите што се приоритетни за иднината на Македонија во текот на оваа година во исто време е и прашањето за името. Овие две работи во неколку прилики јас сум ги нарекол како две педали за возење еден велосипед, мора и двете да одат синхронизирано за да може велосипедот да се движи. За Македонија да продолжи со наредните чекори треба во исто време да работи на реформите и приоритетите што се во директен интерес на граѓаните на Македонија, а и да се реши прашањето за името.

Меѓутоа ние се однесуваме како да се тоа лекции коишто може да се научат до декември на брзина, а заправо станува збор за процеси коишто треба постојано да течат. Што може вие да направите тие процеси да профункционираат така да веќе не ни се повторуваат веќе како забелешки, дали е владеење на правото, дијалогот со новинарите итн?

Лично еве одма после добивањето на извештајот ги организиравме работните комитети каде што овој извештај се претвора во акциски план. Сите институции имаат одредени обврски. Вчера бев присутен на Советот за реформи во правосудниот систем што е исклучително битно. Исто така во тек е работната група за реформите во Изборниот законик, таму е и работниот комитет, потоа и работната група што се однесува на дијалогот со новинарите, односно во однос на промоција на слободата на изразување, понатаму дебатите што се организираат од страна на Секретаријатот за имплементација на Охридскиот рамковен договор во однос на преминување во наредна фаза на политиките на имплементација за да се зајакне социјалната кохезија и меѓуетничките односи во Македонија, како и во однос на прашањето за името. Значи разни иницијативи со кои ние би покажале наша конструктивност во однос на добрососедските односи, но исто така треба да сме реални дека периодот што останува зад нас, изминатата година беше исполнета со многу предизвици. На пример, тоа што се случи во однос на политичкиот дијалог, настаните во Собранието, и сега сме токму во период кога буџетот за 2014 година е во Собраниска процедура. Јас не би сакал во никој случај на Република Македонија да ѝ се повторат настаните од минатата година затоа што со тоа ние изгубивме долго време во однос на реформите и фокусирање во однос на приоритетите што беа ставени во Пристапниот дијалог на високо ниво, така што Македонија во наредниот период, зборувам за тој консензуален пристап, не само декларативно, туку и де факто од сите политички партии и фактори во земјата, треба да се почувствува и во однос на реформите. Македонија мора тоа да го направи, мора постојано да работи на реформите, ние долго време го користиме тој збор – реформи, во нашето општество, туку промени во однос на европеизирањето на Македонија, европеизирање, како во однос на институциите и стандардите, но и во начинот на живеење. Тоа е тоа граѓаните ќе го почувствуваат.

Известувачот Ховит спомена дека повеќе од две соседни држави сега треба да бидат убедени за да гласаат за Македонија на Самитот во декември и дека како забелешка ги имаат демократските процеси во Македонија, односно политичките критериуми. Знаете ли вие за ова расположение во ЕУ?

Не само што знам, јас сум информирал и апелирал и во Македонија. Кога зборувам за консензус, мислам токму на ова, не само владините институции, секако одговорноста останува пред сè кај владините институции, но и другите институции во државата, Собранието судовите, невладиниот сектор, како и политичките партии, било да се од власта или од опозицијата. Македонија е под скенер, секое наше движење се проценува од страна на земјите-членки на ЕУ, посебно кога ние во изминатиот период создадовме амбиент каде што, условно кажано, политичките критериуми повторно се ставија на маса од страна на одредени земји-членки на ЕУ во однос на тоа дали во Македонија институциите имаат соодветен демократски капацитет согласно копенгагеншките критериуми и добро е што извештајот на крај излегува со тој заклучок за по петти пат Република Македонија да добие препорака. Ние треба да работиме токму во тој контекст на зајакнување на аргументите. Одредени земји членки кои може да имаат дилеми во однос на одредени работи што ги споменав и што стојат во извештајот како приоритетни за наредниот период, да им ги расчистиме сите дилеми дека Македонија сериозно настапува за членството во ЕУ и реформите и агендата што се во тој дел, а тоа уште повеќе ќе ги зајакне нашите аргументи во однос на решението за името. Значи дека ние сериозно работиме на сите реформи, Македонија токму поради тоа повторно има препорака за почнување на преговорите, но треба да најдеме и решение за името со нашиот сосед. Ова не е едноставно прашање, да беше едноставно ќе беше решено во изминатите две децении колку што трае овој спор, но не е нерешлив. Има можност да се реши и тоа во интерес на двете страни, што за нас ќе значи Македонија и понатаму да чекори кон ЕУ. Оваа порака што појасно ја примаат земјите-членки од ЕУ и затоа оваа дипломатска агенда што ја правиме од разни аспекти со сите земји-членки на ЕУ е исклучително важна за Република Македонија.

Дали од тие ваши контакти произлезе уверувањето и вашите апели дека ЕУ треба да се вклучи во олеснување на комуникацијата со Грција? Добивте сигнали дека тоа е возможно?

Во самиот извештај има резултат од тие средби. Прво, резултатот е дека извештајот ја носи препораката, сепак. Тоа е важно затоа што имаше периоди во текот на годината кога и тоа беше под знак прашалник. Втората е што ЕК предлага и во оваа фаза да оди со рамка за започнување на преговорите, посебно во отворање на поглавјата 23 и 24 и рамка која во првичната фаза би почнала со преговорите за решавање на името. Значи дека ЕК станува проактивна во однос на ова прашање, меѓутоа овој чекор што го прави ЕК не е доволен, треба да одлучат земјите-членки на ЕУ. Затоа, дипломатската активност треба да биде интензивна во овој период, да ги допре сите поединечни земји-членки, да ги кажеме нашите аргументи, нашата подготвеност, искреност за решение за името. ЕУ нема такви механизми, кога се работи за една земја членка и една земја што е кандидат, меѓутоа има форми и начини да помогне во процесот и ние бараме нивен поголем ангажман да се помогне тој процес, да се воспостави поинтензивен дијалог на повисоко ниво и со одредена временска агенда усогласена со европската агенда за да може Македонија да покаже прогрес во однос на ова прашање и така страните ќе се обврзат, прво ќе се зајакне меѓусебната доверба низ тие разговори, подобро ќе се разбереме едни со други во однос на разликите што ги имаме и решението би било поблиску, односно шансите за решение би биле поголеми отколку што сме во оваа фаза, но сепак и во оваа фаза има доволно простор Македонија и Грција да покажат напредок.

Имате ли сигнали дека такво нешто може да се случи, ЕУ да донесе олеснување на комуникацијата со Грција?

Ние рековме, значи, прво низ тие разговори, тие сериозно го примија барањето во однос на потребата. Второ, рефлексија на тие барања е токму вордингот во извештајот, тоа што го кажав. Во извештајот има посебен параграф, реченица во која ЕК, покрај препораката, кажува дека ЕК е спремна да подготви рамка за започнување на преговори на Република Македонија со ЕУ, односно да се отворат поглавјата 23 и 24 коишто се клучни во однос на реформите, а исто така и рамка која ќе обезбеди во порана фаза од преговорите да се дојде до решение. Значи, има рефлексија и желба да се приклучат, но ова не е гаранција дека во декември земјите-членки ќе го прифатат тоа, ние да почнеме со преговори без решение за името, но е силен сигнал дека ЕУ е заинтересирана Македонија да покаже напредок во овој процес.

Тоа е тоа за што зборуваше вашиот партиски лидер дека ќе видиме како ефект од вашата дипломатска активност на крајот од декември?

Па секако дека ефект од тие средби е иницијативата на Франција во ОН да се сретнат со медијаторот Метју Нимиц неколку земји-членки, потоа изјавата на францускиот претседател Франсоа Оланд на тој претседателски самит за регионот, средбата на канцеларката Меркел со Нимиц и низа други активности што се очекуваат, не само на формален, туку и на неформален начин, земјите-членки од ЕУ да помогнат во овој процес, самите институции на ЕУ, секако и нашите стратешки партнери во однос на НАТО, како што се САД, други земји-членки коишто не ги споменав, а се сериозно заинтересирани Република Македонија да покаже напредок во ова. Без исклучок би ги вброил сите земји-членки на ЕУ со кои ние контактираме и отворено ги кажуваме нашиот интерес, нашите заложби и нашата подготвеност и отвореност за решение за името и напредок во реформите.

Сите знаеме, а и самиот нагласувате колку е консензусот пресуден за напредок. Можете ли вие од вашата позиција, имате ли слобода и идеја за некаква иницијатива да се постигне сепак консензус за да се напредне во овие евроинтеграции, внатре во Македонија?

Тоа е прашање што треба да се направи така што секој би се чувствувал дел од тоа. Нема иницијативи на еден лидер, има иницијативи каде што сите заеднички ќе се чувствуваат дел од таа иницијатива, подеднакво важни. Јас во која било форма од оваа позиција, покрај портфолиото за евроинтеграции, сум спремен да помогнам во тој процес. Не мора да е форма, потпишано, имавме таква иницијатива, дијалогот што произлезе со медијаторство на еврокомесарот Филе, меморандумот за разбирање, тоа е еден конкретен чекор на политичките партии заедно да се потпишат на еден заеднички документ во однос на европските интеграции. Значи, тоа е еден чекор, има разни чекори, разни форми на прашање што се однесуваат на оваа тема да се покаже тој консензус. Мислам дека тоа повеќе е концепт на разбирање, волја и одговорност, отколку форма. Консензусот не е само форма, тоа е содржина.

Од каде изјавата на лидерот на ДУИ дека преговорите за името не задираат во идентитетот и јазикот и дека се однесуваат само на името и тоа за надворешна употреба? Не е ли тоа некаква конфузија која се внесува во јавноста, со оглед на тоа што ние имаме и други сознанија за грчкиот став?

Тоа што беше јавно искажано се работеше за содржината на предлогот за името и опсегот на употреба. Значи, тоа е тоа што го спомена и медијаторот Нимиц и во Скопје и во Атина при неговата последна посета.

Покажи ги коментарите

XS
SM
MD
LG