Достапни линкови

logo-print

Стара Република Македонија


Стефан Богоев, претседател на социјалдемократската младина. СДММ.

Стефан Богоев, претседател на социјалдемократската младина. СДММ.

Ако 85% од младите се изјаснуваат дека се гледаат во иднина во друга држава, тогаш товарот на државата во иднина ќе падне на останатите 15 отсто, пишува во младинската он-лајн колумна на Радио Слободна Европа, Стефан Богоев, претседател на социјалдемократската младина.

Млади луѓе кои мака мачат да најдат работа, полека но сигурно стана наше секојдневие. Тоа е проблем кој е од клучно значење за владите, а особено за институциите кои се надлежни за тоа, како што се агенциите за вработување или министерството за труд и социјална политика.
Доколку велиме дека „Младите се иднината на оваа држава“, а притоа истите тие млади ја гледаат својата иднина во друга држава, тогаш дефинитивно нешто не штима.

Младинската невработеност, најчесто резултира со барање на алтернатива од страна на младите, пред се во друга држава. На тој начин доаѓа до одлив на кадар, пред се образован и добро поткован, кој има опција да седи дома, да работи работа за која има превисоко образование(притоа да извади партиска книшка од владејачката партија) или да бара спас и решение во некоја друга држава. Во сите три случаи ситуацијата е лоша, но особено е алармантен третиот.

Дополнително, една неодамнешна анкета од ЕУ Еуростат дојде до фрапантен резултат дека 85% од испитаниците се изјасниле дека во иднина се гледаат во некоја друга држава. Доколку велиме дека „Младите се иднината на оваа држава“, а притоа истите тие млади ја гледаат својата иднина во друга држава, тогаш дефинитивно нешто не штима. На подолг рок, доколку овие проблеми не се спречат, неминовно ќе доведат до стареење на населението во Република Македонија(оттука и насловот) како и намалување на продуктивноста на работната сила во државата. Но, тоа е само едно гледиште на целата проблематика, додека од другата страна се наѕира решение на проблемот. Или можеби не!

По некоја логика, Македонија треба да е држава во која уште повеќе ќе се посвети внимание на решавање на проблемот со невработеноста на младите и тоа од неколку причини: прво, невработеноста на младите во Република Македонија(од 15 до 27 години) според Државниот завод за статистика изнесува 53% во 2012 година што заедно со Косово не прави лидери во младинска невработеност во Европа, а богами и во светот; Второ, како резултат на првото, се поголем број на млади ја напуштаат државата и бараат чаре во странство и трето и по мене најбитно е она што го начнав како можно решение на проблемот малку погоре, а тоа е фактот што за министер за труд и социјална политика имаме млад човек кој истовремено е и лидер на еден од најголемите(притоа и владејачки) политички подмладоци во државата. Токму еден ваков профил на човек би требало најдобро да е запознаен со младинската невработеност и напуштањето на државата од страна на младите. Во сето ова има едно големо НО.
Откако стана министер пред 6 месеци, господинот Спасов, проблемот со младинската невработеност го споменал вкупно два пати на некои кариерни саеми, а нешто по конкретно тешко дека се направило.

Она што може да го видиме во јавноста и на веб страната на Министерството за труд и социјална политика ни кажува нешто сосема друго. Откако стана министер пред 6 месеци, господинот Спасов, проблемот со младинската невработеност го споменал вкупно два пати на некои кариерни саеми, а нешто по конкретно тешко дека се направило. Се спомнува и некој Акциски план, но тоа е далеку од некаква акција, бидејќи за министерот поважни се пресовите против Заев.

Повеќе мисли на пензионерите одколку на младите и секако, поважни му се активностите кои се видливи и ќе бидат медиумски проследени отколку некојси конкретни мерки за намалување на младинската невработеност кои на краток рок не носат политички поени! По стапките на Пастирот, поубаво лента да сечеме или лопата да фрламе отколку нешто суштински да направиме! Но за волја на вистината, имаше и една акција која дури беше проследена и со интензивна медиумска кампања. Тоа не беше акција поврзана со невработеноста на младите, туку хуманитарна акција во која граѓаните донираа.

Почитуван министре, граѓаните ја завршиле својата работа со самото плаќање на данок, а ваше е како потоа најпаметно ќе ги искористите средствата. На наредна седница на владата, наместо да бидете статист, отворете го прашањето за Скопје 2014 и за тоа како има во буџетот пари за споменици, а нема за вашиот ресор па мора донации од граѓаните да прибирате! А за проблемот со невработеноста на младите, ние во наредниот период ќе ви предложиме бројни предлог мерки и сугестии. На вас е дали ќе ги прифатите за доброто на сите нас или ќе продолжите по стапките на премиерот.
Република Македонија ќе биде држава во која младите ќе се чувствуваат сигурни и тука ќе ја гледаат својата иднина, а СДММ ќе биде предводник на сето тоа!

Социјалдемократската младина на Македонија, 22 години е на браникот на правата и интересите на младите. Свесни за предизвиците и проблемите, во наредниот период ќе застанеме уште по жестоко и уште по цврсто во решавање на проблемите со младинската невработеност и одливот на млади луѓе од државата. Ако 85% од младите се изјаснуваат дека се гледаат во иднина во друга држава, тогаш товарот на државата во иднина ќе падне на останатите 15%. Сето ова ми личи на древното верување дека три кита го носат светот на грб. СДММ нема да дозволи вакво сценарио! Младите треба и младите ќе останат во Република Македонија! Токму затоа мојата прва колумна симболично ја посветувам на оваа тема со цел да укажам на што ќе се посветиме во наредниот период. Република Македонија ќе биде држава во која младите ќе се чувствуваат сигурни и тука ќе ја гледаат својата иднина, а СДММ ќе биде предводник на сето тоа!

Покажи ги коментарите

XS
SM
MD
LG