Достапни линкови

logo-print

Митан кани во Универзална со нов албум – „Патување на полноќ“


Македонскиот музички бенд Митан.

Македонскиот музички бенд Митан.

„Патување на полноќ“ е насловен третиот, компилациски албум на МИТАН кој се појави како издание на „Литиум“ во пресрет на нивниот голем концерт што треба да се одржи на 30 ноември во скопската Универзална сала. Станува збор за објава на која е документиран нивниот волшебен настап одржан во Антички театар 2009 година во рамките на нашата најголема културна манифестација Охридско лето.

Во деновиве кога на социјалните мрежи се распламтува битката околу „победата“ на Ламбе Алабаковски и Јован Јованов на последното издание на Скопски фестивал, манифестацијата која за силни пари требаше да ја крепи идејата за опстој и развој на македонската песна (што и да значи ова), кога започна да се пука од сите оружја и да се докажува дали некој таму „позајмувал“ или не, купувал гласови или што и да е, без многу таламбаси се случи промоцијата на албумот на МИТАН насловен како „Патување на полноќ“.
Приказната за МИТАН е повеќе лична. Самото име на проектот произлегува од мојот дедо. Јас сум крстен по него. Токму и затоа на обвивката од овој трет наш албум се најде неговиот ковчег со кој тој го пропатувал светот како гурбетчија.

Станува збор за објава на продуцентската куќа „Литиум“ и за снимки забележани на концертот што Андријана Јаневска, Дамир и Ади Имери, Гоце Димовски, Газменд Бериша и Мите Димовски, во 2009 година, го одржаа во Античкиот театар во рамките на културната манифестација Охридско лето. Значи, за материјал кој преку 17-те забележани изведби на исто толку фолклорни бисери не само што документира еден убав момент од современата македонската музика, туку и за издание кое допрва ќе си го има својот засебен живот. Овде кај нас дома и секаде онаму каде што ќе биде ставено во некој уред за репродукција на звук.

МИТАН е музика за уживање. Опуштено и без никакви стресови, без големи динамички скокови и падови.
Всушност, како и на своите два студиски албума – „Македонски рози“ и „Приказна за едно моме“, МИТАН и на условно компилацискиот „Патување на полноќ“, понираат до сржта на нашата автентична музичка традиција и се обидуваат со сензибилитет на модерни музичари да ги најдат нејзините врски со созвучјата од големиот океан на звуци. Притоа целта нималку не им е некому да му се умилкуваат, туку раскажувајќи ја сопствената приказна да го натераат слушателот полесно да му пријде на изворот од кој самите се напојувале. Да ја продолжат интенцијата на мнозина наши вистински творци, од БИС-БЕЗ, преку ЛЕБ И СОЛ, МИЗАР, АНАСТАСИЈА, за обична, човечка комуникација на сите нивоа.

„Ова „Патување на полноќ“ е снимено на промоцијата на МИТАН во Античкиот театар на Охридско лето 2009 година. Волшебно место и волшебна свирка. Стоеше во фиока скоро четири години и мислам дека му дојде времето кога требаше да се обелодени и да и биде претставено на публиката, зашто откако се распродадоа тиражите на двата наши студиски албуми луѓето постојано не прашуваа кога ќе излезе новото издание, каде можат да се набават постарите и слично. Затоа и мислевме дека ова е вистинското време да се направи една компилација од снимките во живо со еден нов звук, нова магија и така сето тоа да и го презентираме не само на македонската туку и пошироко на публиката од светот“, истакнува Мите Димовски, идејниот творец на проектот.

Тој дополнува дека насловот на албумот произлегол од одјавата на пејачката Андријана Јаневска на споменатиот концерт, а говорејќи за името на проектот дополнува дека се работи за негов личен однос кон сопственото семејно наследство.

„Приказната за МИТАН е повеќе лична. Самото име на проектот произлегува од мојот дедо. Јас сум крстен по него. Токму и затоа на обвивката од овој трет наш албум се најде неговиот ковчег со кој тој го пропатувал светот како гурбетчија и затоа симболично сакавме преку таа фотографијата да ја потенцираме потребата музиката од Македонија да пропатува по светот и потем да се врати повторно дома“, вели Димовски.

Инаку, вистинската промоцијата на ова остварување ќе се случи на 30 ноември во Универзална сала кога на концертот на МИТАН, како специјални гости, ќе се појават гитарскиот маг Влатко Стефановски и хорот „Света Злата Мегленска“. Димовски истакнува дека овој перформанс ќе се одвива под мотото: „Со МИТАН во Универзална на музика за уживање!“

„МИТАН е музика за уживање. Опуштено и без никакви стресови, без големи динамички скокови и падови со специјалните гости Влатко Стефановски и црковниот хор „Света Злата Мегленска“. Зошто тие луѓе? Влатко ни беше гостин на вториот албум, а со Хорот настапувавме во стариот театар во Хераклеа, на Битолско лето. Мислам дека спојот помеѓу МИТАН, Стефановски и „Света Злата Мегленска“ е она што е автентично за публиката и дека тоа одлично звучи“, вели Димовски.
  • 16x9 Image

    Љупчо Јолевски

    Како новинар, водител и уредник Јолевски во новинарството е безмалку 4 децении. Кариерата ја почнал во Млад Борец на почетокот од 1980-тите. Потем долги години бил во Телевизија Скопје и во Македонското радио - Втора програма, како и во други медиуми. Во Радио Слободна Европа Јолевски е од самиот почеток на емитувањето на програмата на македонски јазик.

XS
SM
MD
LG