Достапни линкови

logo-print

Зошто Албанија е избрана за сириското хемиско оружје?


Протестите и негодувањата во Албанија поради евентуалното уништување на сириското хемиско оружје во таа земја предизвика ретко поместување на лојалноста на таа членка на НАТО спрема Соединетите држави. Деновиве во Тирана за прв пат пред американската амбасада имаше протести на кои се појавија транспаренти „Да, ние можеме да кажеме не“.

Албанија, заедно со Франција и Белгија, во некои светски медиуми е посочена како потенцијална дестинација за уништување на оружјето што сирискиот претседател Башар ал Асад реши да и го предаде на меѓународната заедница.

Албанците, како што наведува агенцијата Ројтерс, долго време го чувствуваат долгот на благодарност спрема Вашингтон.

Таа се протега од крајот на Првата Светска војна кога претседателот Вудро Вилсон ја спаси земјата од распарчување меѓу соседите, до НАТО бомбардирањето на тогашна Југославија во 1999 година.

Исто така, Албанија ги презеде етничките Ујгури од затворот во Гуантанамо на Куба откако Соединетите држави не можеа да ги вратат во Кина.
Нема сомневање дека ако не бев премиер и јас ќе им се приклучев на протестите откако слушнавме од експертите каква апокалипса ни претстои.

Тирана им понуди азил на 210 членови на Муџахедин Халк, иранска десидентска група која долго време кампуваше во Ирак. Мал контингент албански војници е во Авганистан.

Но, веста дека сириското хемиско оружје ќе биде уништено во Албанија беше дочекано со лутина.

„Албанија им припаѓа на Албанците, не на меѓународната заедница“, вели активистот Алдо Меркочи. Некои сметаат дека тоа ќе ја уништи животната средина во земјата.

„Ние не сме против Соединетите држави, туку против хемиското оружје“, вели за Франс прес, Сазан Гури од Сојузот против увоз на отпад.

Социјалистичкиот премиер Еди Рама кој ја презеде функцијата пред два месеца обелодени дека за ова прашање телефонски разговарал со државниот секретар Џон Кери.

„Нема сомневање дека ако не бев премиер и јас ќе им се приклучев на протестите откако слушнавме од експертите каква апокалипса ни претстои. Но, во мојата канцеларија јас не гледам такво сценарио“, изјави Рама кој веќе некои во опозицијата го нарекуваат „Хемискиот Еди“.

Рама се обидува да ги заживее албанските шанси за влез во Европската унија. Албанија во 2009 година стана членка на НАТО, но Западот останува загрижен за нивото на демократската зрелост на таа земја.

Албанија со помош на Соединетите држави успешно го уништи хемиското оружје останато од комунистичката ера, но има и трагично искуство кога пред пет години во експлозија во склад на оружје загинаа 28 луѓе.

Оваа тема е посебно чувствителна откако една од првите мерки на премиерот Рама на таа функција му беше да го забрани увозот на отпад, пред се од Италија, шема која создаде илјадници работни места и милиони долари приход.

„Да се земе хемиско оружје на уништување сега, по забраната на увоз на отпад, е тешко да се прифати“, вели Бесар Ликмета од Балкан Инсајт.

Со резолуцијата на Советот за безбедност на Обединетите нации усвоена во септември сириското хемиско оружје треба да биде уништено до 30 јуни идната година. Некои земји како Норвешка и Данска веќе одбија да прифатат тоа да се прави кај нив.
  • 16x9 Image

    Гоце Атанасов

    Со новинарство започна да се занимава за време на студиите по новинарство во Скопје. Работел во Млад борец, Нова Македонија, Македонската радио телевизија, А1 телевизијата и во Дојче Веле, а во Радио Слободна Европа е од започнувањето на емитувањето на македонски јазик.

XS
SM
MD
LG