Достапни линкови

„Европа тоа го прави најдобро“ на Синедејс 2013


Со прикажувањето на два документарци, музичкиот „Меѓу два урагана“ на Брет Морген посветен на легендарните „Ролингстоунс“ и „Сакро Гра“ за кој Џанфранко Роси го доби „Златниот лав“ во Венеција, вечерва од 20 часот, во киното Милениум започнува 12-то издание на Фестивалот на европски филм „Синедејс“. На манифестацијата, до 23 ноември, под мотото „Европа тоа го прави најдобро!“, во пет кино-простори, публиката ќе има можност да проследи седум програми, со стотина гости, работилници, предавања, средби и перформанси.

Ако во октомври Скопје ги чествува џезот и слободната творечка мисла, ноември е резервиран за имагинацијата и магијата на големото платно. И, посебно на европскиот филм. Впрочем през годините, веќе навикнавме, во своето катадневно урбано битисаме Синедејс да си го чувствуваме како една од можностите да бидеме дел од културните собитија на Стариот континент и да ја густираме идејата дека како цивилизирана средина заслужуваме да имаме едно вакво големо културно случување.
Оваа година мислам дека сме на еден пат, на една патека, на една траса со која созреваме. Тоа пред сè се гледа преку оние контакти што ги имаме во Европа, со филмските работници, со младите режисери.

Шел, филм на Скот Грем, постер.

Шел, филм на Скот Грем, постер.

Од таму, нималку не треба да не чуди тоа што „откако ја исплакнавме сапуницата“ можеме да констатираме дека „Европа тоа го прави најдобро!“. Впрочем под ова мото, во наредниве десетина дена, ќе ни се случува 12-то издание на Фестивалот на европски филм кое ги има сите можности (програмски, организационо...), со зачудувачки скромен буџет (2.400.000 денари од Град Скопје, Министерството за култура и Делегацијата на Европската унија во Македонија) во однос на сличните во регионот и пошироко, да ги руши рекордите и заградите пред себе.
Големиот филмски работник Бернд Будер од Берлин е нашиот селектор, нема потреба како во минатото да појаснуваме кои сме, што сме, колку сме и како сме, туку едноставно комуникацијата тука започнува и тука завршува.

„Оваа година мислам дека сме на еден пат, на една патека, на една траса со која созреваме. Тоа пред сè се гледа преку оние контакти што ги имаме во Европа, со филмските работници, со младите режисери на кои кога ќе им пишеме дека сме од филмскиот фестивал Синедејс, дека големиот пријател, големиот човек, големиот филмски работник Бернд Будер од Берлин е нашиот селектор, нема потреба како во минатото да појаснуваме кои сме, што сме, колку сме и како сме, туку едноставно комуникацијата тука започнува и тука завршува и потем следуваат оние формално правни нешта како испраќање на материјалите, на филмот, букирање на летовите и сè останато“, ќе забележи во пресрет на манифестацијата Златко Стефковски, директор на Младинскиот културен центар од Скопје.

А, токму Будер, во својата четврта Официјална селекција, овојпат ги одбра „Бојата на камелеонот“ на бугарскиот режисер Емил Христов (специјална награда од жирито на Солунскиот фестивал), семејната драма „Талеа“ на австриската дебитантка Катерина Мукштајн, „Шел“ на Скот Греам (Best British Newcomer на претстојниот Лондонски филмски фестивал), контроверзниот „Моето куче Килер“ на чешката режисерка Мира Форнеј (апсолутен победник во Ротердам), руската социјална сатира „Кококо“ на Дуња Смирнова (специјална награда од жирито на фестивалот во Москва), грузискиот „Во цут“ (добитник на признанието „Срце на Сараево“), чешкиот пандан на нашиот „Панкот не е мртов“, драмата „Don't stop“ на Ричард Рерича, грчкиот „Момчето што јаде храна за птици“ на Екторас Лигизос (награда за најдобра режија и најдобра машка улога на Атинскиот филмски фестивал и номинација за главна награда на фестивалот во Карлови Вари) и „Набор на моето ќебе“, филм кој својата премиера ја доживеа во програмата Панорама на овогодинешниот Берлински филмски фестивал.

Интересни остварувања нуди и селекцијата СинеБалкан во чии рамки ќе може да се проследат режисерското деби на хрватскиот автор Бобо Јелчиќ - „Одбрана и заштита“ (филм кој говори за непремостливиот јаз помеѓу жителите на Мостар со реномираните Нада Џуревска и Бордан Диклиќ, кој за оваа улога беше прогласен за најдобар актер на филмскиот фестивал во Сараево), „Јадрански блуз“ на Мирослав Мандиќ, трилер-приказната „Ќерката“ на Танас Анастопулос и други.

Од друга страна, особено силен е одбирот на музички документарци што и во оваа пригода го стори Тони Шариќ од фестивалот ДОРФ, па така ќе имаме можност да ги видиме и автентичната сторија за ненадминатиот Серж Генсбург, за повратникот Грант Харт, Д НЕШНАЛС, да ја проследиме турнејата на Бил Калахан - „Апокалипса“ и конечно да бидеме сведетели на светската премира на филмот на Дејвид Линч за хероите од крајот на 1980-те, „Дјуран Дјуран“.

Паралелно во Кинотека на Македонија ќе се случува програмата „Земја во фокусот“, овојпат со акцент на актуелната еквадорска кинематографија, но и со селекција на филмови од седум африкански држави кои се продукт на европските копродукции.

Се разбира и на ова издание на Синедејс доволно простор им е оставен и на македонските автори, па така ќе се обистинат светските премиери на на краткиот филм „Само за губитници“ на Иво Трајков и „По дождот: Сведоштва за климатските промени“ на Билјана Гарванлиева, а ќе бидат прикажани и документарецот „Барајќи ја среќата“ на Марија Џиџева и „Влакна“ на Елеонора Венинова.

Конечно, во Гала програмата, наново ќе другаруваме со актуелни остварувања на големите мајстори на светскиот филм како Лик Бесон (неговиот „Малавита“ со Мишел Фајфер и Роберт Де Ниро ќе ја има својата светска премиера токму на Синедејс), Џим Џармуш, Франсоа Озон, Џузепе Торнаторе, Стивен Содерберг, Брајан Де Палма, Вуди Ален, Вонг Кар Ваи, Данис Тановиќ, Абделатиф Кешиш...

А, како и секој фестивал што држи до своето реноме, и на Синедејс навистина е долга листата на ексклузивни гости. Во Скопје се очекува Крис Бејкер, концептуален артист и сторибоард-дизајнер на плејада холивудски остварувања како „Гравитација“, „Алиса во земјата на чудата“, „Трошка утеха“, „Војна на световите“, „Очи ширум затворени“, „Златниот компас“ и други, речиси редовен соработник на култниот Тим Бартон. Тој своето знаење и искуство ќе им го пренесе на македонските уметници со специјално предавање посветено на „A.I. Вештачка интелегенција“, последниот проект на незаборавниот Стенли Кјубрик.

И, кога сме веќе тука, токму продуцентот на сите негови филмови Јан Харлан, како гостин ќе одржи предавање на тема „Првите пет минути од отворањето на филм“, а дефинитивно не помал интерес треба да предизвика и работилницата „Психолошките аспекти во снимањето звук за филм“ на Ерик Шпицер, угледен професор од Виенскиот универзитет за музика и изведувачки уметности, кој своевремено во њујоршкото студио Хит фектори работел продукција за албумите на Спрингстин, Пол Сајмон, Јоко Оно, Д ПОЛИС, Мајкл Олфилд, а потем и музика за делата на Вернер Херцог.

Инаку, ексклузивитет на годинешниот Синедејс е востановената соработка со Римскиот филмски фестивал која ќе резултира и со филмски маркет (синоќа започна и Ревијата на италијански филм во Кинотека на Македонија ), по две години повторно започна со работа и Автокиното во Градски парк, а распишан е и конкурс за избор на најдобра филмска критика.

Конечно, за наградите на филмовите во официјална конкуренција ќе одлучува жири составено од авторитети како Алесандро Гроплеро, Грегоар Колин и Стивен Далтон, а за оние од СинеБалкан – Бранко Шмит, Рик Сегреда и Лукаш Мациејевски.
  • 16x9 Image

    Љупчо Јолевски

    Како новинар, водител и уредник Јолевски во новинарството е безмалку 4 децении. Кариерата ја почнал во Млад Борец на почетокот од 1980-тите. Потем долги години бил во Телевизија Скопје и во Македонското радио - Втора програма, како и во други медиуми. Во Радио Слободна Европа Јолевски е од самиот почеток на емитувањето на програмата на македонски јазик.

XS
SM
MD
LG