Достапни линкови

Морална одговорност, што беше тоа?


Големата партизација на општеството придонесува функционерите да одговараат само пред партијата што ги поставила, а не пред јавноста.

Тешко е да се зборува за морална одговорност на функционерите во времиња кога моралот во политиката не е на цена. Во случаи кога јавноста има чувство дека често изостанува дури и конкретната законска одговорност за носителите на функции, моралната и политичката одговорност се на второ место, велат аналитичарите. Дополнително, големата партизација на општеството придонесува функционерите да одговараат само пред партијата што ги поставила, а не пред јавноста. Тука не може да се амнестираат и граѓаните и медиумите кои не вршат притисок и „не им дишат во врат“ на функционерите.
Граѓаните едноставно и самите тука имаат одредена вина, бидејќи сметаат дека политиката е валкана работа и дека не може да биде поинаква. Во една демократија не смее да се дозволи политиката да стане валкана работа.
Здравко Савески, универзитетски професор.

Универзитетскиот професор Здравко Савески вели дека преземањето морална одговорност е едно од непишаните правила на демократијата. Сепак, таа никогаш не била на цена во Македонија во изминативе две децении, а се чини дека сега е дополнително во пад, вели тој и додава дека во таква ситуација мора да се зголемува притисокот од јавноста.

„Граѓаните едноставно и самите тука имаат одредена вина, бидејќи сметаат дека политиката е валкана работа и дека не може да биде поинаква. Во една демократија не смее да се дозволи политиката да стане валкана работа и тоа така лесно да поминува“, вели Савески.
Треба една општа сеопфатна акција треба да се преземе за моралните вредности да се вратат во средиштето на нашето секојдневно однесување.
Хасан Јашари, универзитетски професор.

Во последните неколку недели се случија неколку инциденти кои ја вознемирија јавноста, грабежи на музеи, сомнителни смртни случаи во болниците, но ретко кој од раководителите презема одговорност за случувањата во институцијата што ја раководи и чека да се утврди вина. Сепак, моралната одговорност не се однесува само на тој што е конкретно виновен.

Социологот, професор Хасан Јашари вели дека тоа станува цивилизациски проблем, затоа што постои ерозија на моралот и во светот. Мора да се преземе сеопфатна општествена акција за враќање на моралот, за да може да бараме морална одговорност од некого, вели тој.

„Треба лекарската комора да се занимава со ова, па треба училиштата, исто така медиумите треба еден дел од своите активности да ориентираат кон моралните вредности. Исто така и свештениците треба да се занимаваат со овој проблем. Значи, една општа сеопфатна акција треба да се преземе за моралните вредности да се вратат во средиштето на нашето секојдневно однесување“, вели Јашари.

Причините за непонесувањето политичка одговорност може да се бараат и во ниското ниво на политичка култура, високиот праг на толеранција во општеството и отчетноста пред партијата, а не пред граѓаните.
  • 16x9 Image

    Срѓан Стојанчов

    Новинарската кариера ја започна како новинар во внатрешно-политичката рубрика на дневниот весник Шпиц во 2008 година. Роден е на 27.10.1981г. во Скопје. Од февруари 2009 работи како постојан дописник за Радио Слободна Европа од Скопје.

XS
SM
MD
LG