Достапни линкови

Амбициозен буџет со расфрлање бројки


Власта фрла бројки, проценти, предвидувања какви сака и тоа треба да создаде впечаток дека владата многу сака да ја развие економијата, а кога потоа нема да се реализираат тие работи, виновник ќе биде некој друг, вели потпретседателот на СДСМ Ванчо Узунов.

Власта смета дека со догодинешниот буџет ќе се поддржува стопанството со зголемени капитални инвестиции. За опозицијата и дел од економистите, токму тука е проблемот. Капиталните инвестиции се трошоци со кои владата, трошејќи народни пари, создава услови за економски раст, што се опишува како развојна компонента на народната каса. Тоа се нема случено во претходни години, вели поранешниот министер за финансии и универзитетски професор Никола Поповски. Факт е дека буџетот во Македонија служи за задоволување на потребите на јавната управа, вели тој.
Гледаме од година в година дека постојано дефицитите во буџетите практично се јавуваат само за да се зголемат плати и пензии, за да се задоволат трошењата на владата, но многу ретко и за стопанството.

„А не се развива стопанството и податоците дека две третини, па и повеќе се користат од буџетот за плати и за социјалните фондови говори дека тој се користи за услугите што ги дава јавната управа, иако тенденцијата постојано е да се пренасочи кон развојна, но тоа некако не ни успева. Гледаме од година в година дека постојано дефицитите во буџетите практично се јавуваат само за да се зголемат плати и пензии, за да се задоволат трошењата на владата, но многу ретко и за стопанството“, вели Поповски.
Станува збор за рекламен трик којшто со години го употребува оваа влада. Таа фрла бројки, проценти, предвидувања какви сака, а кога потоа нема да се реализираат тие работи, виновник ќе биде некој друг.

Градежни работи на патот Демир Капија - Смоквица, дел од автопатот Александар Велики.

Градежни работи на патот Демир Капија - Смоквица, дел од автопатот Александар Велики.

Износот кој се предвидува за капитални расходи догодина е зголемен за 20 отсто. Потпретседателот на СДСМ Ванчо Узунов потсетува на владините тврдења, дека нема ниту една земја во Европа со толкави планирани расходи за капитални инвестиции. Тоа е точно, вели Узунов и додава:

„Сега тука ќе поставиме една интересно прашање. Ние мислиме дека другите држави се будали и не сакаат да се развијат, а само Македонија е паметна, прави жртва, неверојатни напори и ингениозни идеи на владата како да се развие економијата? Не, станува збор за рекламен трик којшто со години го употребува оваа влада. Таа фрла бројки, проценти, предвидувања какви сака, имавме ние предвидувања дека ќе имаме стапки на раст од 8 отсто, над 6 отсто годишно и тоа треба да создаде впечаток дека владата многу сака да ја развие економијата, а кога потоа нема да се реализираат тие работи, виновник ќе биде некој друг“, вели Узунов.

Станува збор за видно амбициозен буџет. Владата планира од народот да собере 2 милијарди и 568 милиони евра, а да потроши 2 милијарди и 865 милиони евра. Разликата меѓу собраното и потрошеното се прелива во буџетски дефицит од околу 300 милиони евра. Сето тоа го покренува прашањето дали рекордно најскапиот буџет досега ќе придонесе кон остварување на економскиот раст од над 3 проценти? За да се оствари растот, ќе се форсира градежништвото со народни пари, предвидува Поповски.

„Што значи дека растот и да се оствари, тој повторно ќе биде заслуга на растот на градежништвото, а не на вкупната економија. Значи, за вкупната економија ќе треба малку посериозни мерки, и за индустријата и за трговијата и за транспортот и за комуникациите и за земјоделието се разбира, а не само во градежништвото. Математички тоа може да биде 2 или 3 отсто, но во суштина тоа ќе биде 0 или 1 отсто во многу сектори и 30 отсто во еден сектор, за да се задоволи просекот од 3 проценти“, вели Поповски.

Буџетот влегува во собрание, а пратениците ќе имаат рок од десет дена да расправаат за амандманите, согласно изменетиот деловник. Од друга страна, за догодинешниот буџет се поднесени над 600 амандмани. Според Узунов, има време за расправа, но деловникот ги ограничува дискусиите.

„Опозицијата нема никаква намера, никаква намера да направи ништо лошо со буџетот, само и владата треба да покаже разбирање дека и опозицијата мора да ја билда својата позиција и на некои работи мора да се направат некакви отстапки. Јас мислам дека на крај процесот ќе заврши како секоја друга година, буџетот ќе биде донесен, во парламентот ќе се расправа толку колку што дозволува деловникот и помалку или повеќе, тоа е тоа“, вели Узунов.

Според засега неофицијални проценки во македонските медиуми, најмногу пари од народната каса догодина веројатно ќе се трошат за Министерството за труд и социјална политика, по што втор најголем корисник ќе биде министерството за образование, а на трето место е МВР.

Покажи ги коментарите

XS
SM
MD
LG