Достапни линкови

Американски носач на авиони во помош на Филипините


Соединетите Држави решија да испратат носач на авиони и 20 милиони долари како итна хуманитарна помош на Филипините по ударот на тајфунот Хаијан. Се стравува дека притоа загинале најмалку 10 илјади луѓе, а скоро 4,5 милиони останале без своите домови.

Американски претставници соопштија дека на носачот на авиони на нуклеарен погон „Џорџ Вашингтон“ кој бил во посета на Хонг Конг му било наредено да се вклучи во напорите за помош на Филипините.
Се уште преживуваме. Се уште ситуацијата е многу тешка. Нашите домови исчезнаа, се исчезна. Немаме ништо за јадење, немаме ништо за пиење.
Жител на Филипините.

Носачот со 5 илјади морнари и 80 авиони е во придружба на уште пет американски бродови.
носачот на авиони „Џорџ Вашингтон“
носачот на авиони „Џорџ Вашингтон“

Во меѓувреме, американската Агенција за меѓународен развој соопшти дека ќе обезбеди 20 милиони долари помош во храна, засолништа и медицинска опрема.

И британскиот премиер Дејвид Камерон најави дека неговата земја испраќа воен брод на Кралската морнарица, како и помош во вредност од 16 милиони долари.

Се подготвуваме на најлошото. Како што влегуваме се повнатре во трагедијата, така откриваме се повеќе и повеќе загинати од тајфунот.
Џон Гинг, директор на Одделот за координирање на хуманитарните работи при Обединетите нации.
Соединетите Држави и Британија се само дел од земјите и организациите кои ветија десетици милиони долари помош, откако деновиве катастрофалниот тајфун го погоди југоисточниот дел на Филипините.

„Има проценки дека 660 илјади луѓе се расселени од тајфунот и сега сите наши напори се во правец на брза мобилизација со цел хуманитарна помош да добијат што е можно повеќе жртви на невремето“, изјави Џон Гинг, директор на Одделот за координирање на хуманитарните работи при Обединетите нации.

Според него, итен приоритет е да се помогне во погребот на илјадниците загинати со цел да се спречи појава на заразни болести.

„Се подготвуваме на најлошото. Како што влегуваме се повнатре во трагедијата, така откриваме се повеќе и повеќе загинати од тајфунот“, вели Гинг.
Реков будење, бидејќи тоа е уште еден доказ дека ја губиме оваа нерамна борба на човекот со природата.
Марцин Королец, министер за животна средина на Полска.

Шефот на Обединетите нации за хуманитарна помош, Валери Ејмос, изјави дека со посетата на Филипините сака да апелира за итна глобална помош на таа земја. Обединетите нации веќе дадоа 25 милиони долари од итните фондови на организацијата.

Поголемиот дел од операциите се фокусирани врз Таклобан, на островот Лејте. Има извештаи дека скоро целиот град бил под урнатини како последица на силните ветрови и огромни бранови предизвикани од тајфунот.

Се наведува дека очајните жители на Таклобан влегувале по напуштените домови во потрага по храна и други основни артикли за живот. Илјадници, пак, го окупирале аедодромот и бараат да заминат од местото.

„Се уште преживуваме. Се уште ситуацијата е многу тешка. Нашите домови исчезнаа, се исчезна. Немаме ништо за јадење, немаме ништо за пиење“, вели еден од преживеаните.

Се проценува дека скоро 10 милиони Филипинци во четириестина провинции биле погодени од силниот тајфун.

Оваа катастрофа уште еднаш го потсети човештвото дека со својата активност остава несогледливи последици за иднината на Земјата.

„Реков будење, бидејќи тоа е уште еден доказ дека ја губиме оваа нерамна борба на човекот со природата која не опседнува и која ќе не опседнува и во иднина доколку не ги збиеме нашите редови и не дејствуваме заедно за да го возвратиме ударот“, изјави полскиот министер за животна средина Марцин Королец на отворањето во Варшава на неколкудневната светска конференција за климатските промени.
  • 16x9 Image

    Гоце Атанасов

    Со новинарство започна да се занимава за време на студиите по новинарство во Скопје. Работел во Млад борец, Нова Македонија, Македонската радио телевизија, А1 телевизијата и во Дојче Веле, а во Радио Слободна Европа е од започнувањето на емитувањето на македонски јазик.

XS
SM
MD
LG