Достапни линкови

Грција заплени брод со 20.000 „калашникови“


Илустрација.

Илустрација.

Грчката крајбрежна стража заплени товарен брод што превезувал големо количество оружје и муниција. Според медиумските информации, меѓу оружјето откриено на бродот „Нур М“, кој пловел под знамето на Сиера Леоне, имало и околу 20.000 автоматски пушки марка „Калашников“.

Претставник на Крајбрежната стража, кој побарал анонимност, соопшти дека бродот бил запленет откако било утврдено дека не поседуваа соодветна меѓународна документација за превоз на оружје во зони на конфликт, како и дека неговиот вкупен товар е поголем од оној наведен во транспортната документација.
Бродот бил задржан вчера во грчките територијални води и во моментов се наоѓа на островот Родос. Членовите на бродскиот екипаж, тројца Турци и петмина Индијци, се приведени.

„Нур М“ испловил од Украина и според транспортната документација, негова крајна цел била Либија. Но, Крајбрежната стража се сомнева дека бродот можеби „се насочил кон друго место“, имајќи ја предвид неговата маршрура и местото на кое е запленет. Како можни места кон кои се насочил бродот се посочуваат сириското пристаниште Тартус или либанското Триполи.

Грчката новинска агенција АНА-МПА информира дека постојат сомнежи оти во минатото бродот „Нур М“ бил користен и за шверц на наркотици.
XS
SM
MD
LG