Достапни линкови

Интернетот ја шири слободата, но ја загрозува приватноста


Марк Волф
Марк Волф

Основните права како слободата на говорот и приватноста се засегнати со доаѓањето на новите технологии, особено интернетот. Затоа, како што во интервју за нашето радио вели главниот американски окружен судија Марк Волф, во ова време на Викиликс и глобален тероризам потребно е поголемо ангажирање за балансирање меѓу слободата, безбедноста и приватноста.

Во светот е во тек дебата за новите технологии, како Интернетот и социјалните мрежи и нивното влијание врз граѓанските слободи. Тие им даваат големи можности на граѓаните, но исто така ги зголемуваат и оние за нивна контрола од страна на државата, вели судијата Марк Волф.

„Прв пат кога дојдов во Централна и Источна Европа на една новинарка од Словачка и реков: „Интернетот е прекрасен“. Таа ми одговори: „Можеби, но ме плаши, бидејќи мојата влада може да ги следи моите активности, на начин на кој не можеше порано“. Мислам дека и двете од овие работи се вистина. Затоа е потребно претпазливост, но и голема политичка волја за да се максимизира интернетот како средство за слободно изразување, а да се минимизира неговото користење за мешање во приватноста и слободата на изразување.“

Судијата Марк Волф оценува дека ова што се случува денес со појавата на новите технологии претставува своевидна квалитативна еволуција.
Мислам дека многу од луѓето кои беа судии во комунистичката ера продолжија да бидат судии и потоа. Многу е тешко, дури и невозможно да се сменат навиките.

„Станува збор за битка на секоја генерација меѓу она што го има во реалноста и она што го наследила. Така од една страна имаме право на слобода на говор, но исто така и да бидеме сами. Рамнотежата меѓу тие две работи треба да се изборува преку политички процес и судовите“ вели Волф, додавајќи дека затоа е многу битно судството да не биде само гранка на извршната власт

„Независноста е инструмент на непристрасноста. Во Словачка имаат независно судство, но не и искрено, бидејќи некој претседател на суд не е искрен. Има две форми на корупција што го карактеризираат судството. Во овие земји традиционално едното е што тие земаат насоки од партијата. Второто е тоа што земаат поткуп.“

Според Волф, тоа може да се подобри со обучени нови судии, односно своевиден генерациски пресврт со оглед на тоа што во земјите во Централна и Источна Европа во оваа сфера владее непотизам и фаворизирање наместо транспарентност и етички правила.

„Мислам дека многу од луѓето кои беа судии во комунистичката ера продолжија да бидат судии и потоа. Многу е тешко, дури и невозможно да се сменат навиките. Затоа јас патувам по светот, од Прага до Турција и затоа секогаш инсистирам да разговарам со студентите на кои им кажувам за американскиот модел на непартиско и независно судство. Демократијата, како што ние велиме во Соединетите држави, е владеење на законите а не на луѓето, но за таа работа се потребни посветени и обучени адвокати и судии“, вели, меѓу другото, во интервјуто за Радио Слободна Европа, американскиот окружен судија Марк Волф.
  • 16x9 Image

    Гоце Атанасов

    Со новинарство започна да се занимава за време на студиите по новинарство во Скопје. Работел во Млад борец, Нова Македонија, Македонската радио телевизија, А1 телевизијата и во Дојче Веле, а во Радио Слободна Европа е од започнувањето на емитувањето на македонски јазик.

XS
SM
MD
LG