Достапни линкови

Балканот во идната година


Нерешениот спор со Грција за името ќе продолжи да го спречува почетокот на пристпаните разговори меѓу Македонија и Европската унија. Ова, меѓу другото, се наведува во анализата на Оксфорд за изгледите на Балканот во 2014 година. Во неа се предвидува дека економскиот развој на земјите во регионот ќе биде бавен и ранлив и оти повеќето од нив ќе треба да се справуваат со значајни политички предизвици.

„Во октомври Европската комисија ја даде својата петта препорака за почеток на пристапните преговори со Македонија. Но, нерешениот спор за името со Грција ќе продолжи да биде пречка за почеток на тие преговори“, се наведува во најновата Оксфорд Аналитика во која се додава:

„Паралелно земјата ќе треба да решава некои суштински политички проблеми како што се, меѓупартискиот дијалог, независноста на судството и слободата на говорот со, како што се наведува, медиуми кои се под интензивна контрола и манипулирање од политичките елити“.

Што се однесува до другите земји во регионот во анализата на Оксфорд се проценува дека доминантни теми догодина ќе бидат: слабите изгледи за економско заздравување на Грција, нестабилноста на владата во Бугарија, изборите во Босна и
Паралелно земјата ќе треба да решава некои суштински политички проблеми како што се, меѓупартискиот дијалог, независноста на судството и слободата на говорот.
Херцеговина и спроведувањето на договорот меѓу Србија и Косово.

Сето тоа, како што се додава, ќе биде под дополнително влијание на претстојните избори за Европскиот парламент, со оглед на аспирациите на земјите од Западен Балкан да и се приближат на Унијата.

Од јануари Грција ќе претседава со Унијата, а нејзините приоритети секако главно ќе бидат поврзани со проблемите во еврозоната. На истиот курс се очекува да продолжи и Италија која во втората половина од идната година ќе ја смени Грција на претседавaчкото место во Брисел.

Сепак, како што оценува Оксфорд Аналитика, и покрај кризата во еврозоната и растечкиот евроскептицизам, пристапниот процес и натаму ќе биде високо на агендите на земјите на Западен Балкан.

Некои очекуваат да направат поголем напредок од другите. Србија веќе смета на тоа дека во јануари ќе ги почне пристапните преговори со Унијата.

Тука е и Црна Гора која веќе преговора со Брисел, како и Албанија која се надева на кандидатски статус поради успешните парламентарни избори во јуни. Косово пак очекува до идната пролет да ги заврши преговорите за Стабилизација и асоцијација.

Најтежок партнер за Европската унија, според анализата на Оксфорд, останува Босна и Херцеговина која не успеа да ја спроведе одлуката на Стразбур, односно да го смени Уставот и да им дозволи на малцинствата да учествуваат на избори, а не само на претставниците на трите најголеми етнички групи во таа земја, муслиманите, Србите и Хрватите. Со самото тоа под прашалник се доведени и престојните општи избори во Босна.

Сепак, како што оценува Оксфорд, на сите земји од Западен Балкан пред се, им е неопходно да ги забрзаат и продлабочат реформите во судството, да ја гарантираат слободата на говорот и поефикасно да се справат со корупцијата.
  • 16x9 Image

    Гоце Атанасов

    Со новинарство започна да се занимава за време на студиите по новинарство во Скопје. Работел во Млад борец, Нова Македонија, Македонската радио телевизија, А1 телевизијата и во Дојче Веле, а во Радио Слободна Европа е од започнувањето на емитувањето на македонски јазик.

XS
SM
MD
LG