Достапни линкови

Прислушкување на трошок на операторите


Операторите на електронските комуникации се должни на сопствен трошок да обезбедат и одржуваат средства за следење на комуникациите како и да воспостават телекомуникациска опрема за пренос до овластениот орган за следење на комуникации согласно законот за следење на комуникации.

Операторите на електронските комуникации се должни на сопствен трошок да обезбедат и одржуваат средства за следење на комуникациите како и да воспостават телекомуникациска опрема за пренос до овластениот орган за следење на комуникации согласно законот за следење на комуникации. Ова е член 175 од работниот текст на новиот закон за електронски комуникации што министерот за информатичко општество Иво Ивановски и директорот на Агенцијата за електронски комуникации Роберт Орданоски го презентираа на денешната јавна расправа. Работниот текст е објавен на интернет страната е-демократија.
Досега секој прекршок по нашето предупредување завршуваше на суд, а сега за помали прекршоци АЕК ќе може сам да изрекува прекршочни казни.
Роберт Орданоски, директор на Агенцијата за електронски комуникации.

Неодамна, Европската комисија во извештајот за напредокот на Македонија го посочи овој член кој е ист како и во стариот закон како спорен. Во извештајот се вели дека Законот за електронски комуникации сè уште треба да биде изменет за да се земе предвид поништувањето на Уставниот суд на одредени членови, кои наметнуваат премногу големи обврски на операторите за да обезбедат пристап до комуникациските мрежи.
Ги спомнав неутралноста на привилегиите, приватноста на корисниците на интернет услугите, слободата на изразување при користење на интернетот.
Иво Ивановски, министер за информатичко општество.

Во новиот закон се предлага операторите да обезбедат иста или поголема сигурност и квалитет на следената комуникациска услуга од основната услуга која му е овозможена на лицето чии комуникации се следат. Агенцијата е надлежна, пак, да спроведе надзор над операторот во врска со исполнувањето на обврските утврдени со овој член по барање на овластен орган за следење на комуникациите.

Со новиот предлог закон се зголемуваат и надлежностите на Агенцијата, со што ќе стане прекршочен орган што ќе изрекува прекршочни казни за помали прекршоци.

„Досега секој прекршок по нашето предупредување завршуваше на суд, а сега за помали прекршоци АЕК ќе може сам да изрекува прекршочни казни, што нема да бидат процент од годишниот приход, туку ќе бидат фиксни. Тоа беше проблем што го имавме досега, а со оваа новина верувам дека многу повеќе ќе се зголеми нивото на грижата на операторите кон корисниците, затоа што АЕК е затрупан со приговори и досега се решаваа на повисоки инстанци. Сепак, за повисоките прекршоци, и натаму останува постапката за на суд и казна со процент од годишниот приход“ вели Орданоски.

Министерот Ивановски рече дека стимулирањето на иновации, нови работни места, побрз широкопојасен интернет, како и натамошен развој на телекомуникацискиот пазар се дел од бенефициите од новото предложено законско решение.

„Ги спомнав неутралноста на привилегиите, приватноста на корисниците на интернет услугите, слободата на изразување при користење на интернетот, олеснување на постапката за издавање на градежни дозволи и искористување на спектрумот, тоа значи искористување на мрежите кои што ги имаат мобилните оператори, стимулирање на приватниот сектор да користат спектрум фрекфенции кои се во експериментална фаза, кои што во мал број на земји се користат“, рече Ивановски.

Во извештајот на ЕК, во областа на електронските комуникации, се наведува дека Агенцијата за електронски комуникации го зајакнала својот систем за поплаки и заштита на правата на потрошувачите, но користењето на вишок средства за други намени, освен за развој на електронските комуникации продолжи да биде предмет на интерес, поткопувајќи го својот кредибилитет. Во продолжение е наведено дека капацитетот на Министерството во оваа област треба допрва да се јакне, а што се однесува до услугите на информатичкото општество, и натаму остануваат пречките со интернет трговијата.
  • 16x9 Image

    Зорана Гаџовска Спасовска

    Новинарската кариера ја започна во А1 телевизија. Работела на теми од образование, социјални проблеми, здравство и екологија. Родена е на 23.09.1983 година во Скопје. Од јуни 2009-та година работи како постојан дописник за Радио Слободна Европа од Скопје.

XS
SM
MD
LG