Достапни линкови

Средношколски пресметки врз етничка основа?


Илустрација.
Илустрација.

Дел од учениците велат дека причина за тепачките е меѓуетничката нетрпеливост. Директорот на средното хемиско училиште, пак, вели дека децата се премали за да имаат изградено идеологија и да размислуваат за такво нешто.

По неполн месец учениците од средното училиште Марија Склодовска Кири по втор пат беа вклучени во тепачка. Првиот пат тие се пресметаа со соучениците од средното училиште Владо Тасевски. Вториот пат нападнаа шеснаесет годишно момче од истото училиште, кое заврши во болница.

Директорот на Марија Склодовска Кири, Павле Павлов вели дека иако тепачките се случиле надвор од училиштето, тие им укажуваат на учениците дека не треба да постапуваат така и не го оправдуваат нивното однесување. Според него, училиштето од полицијата не добило никакви информации кој е виновен за тепачките и ги имаат само наводите од сведоците.
Ние педагошко-дидактички делуваме на нашите деца, меѓутоа знаете како е, есапот дома и на пазар не е исто, тука сите велат, да, да, да, а на крајот некој сето тоа ќе го растури и ќе направи една непожелна ситуација.
Павле Павлов, директор на средно училиште.

„Мислам дека за тоа поголема ингеренција има полицијата и очекуваме и се надеваме дека тие ќе можат да ги лоцираат тие субјекти кои придонесуваат до вакви ситуации и полека да им се стави крај на сите. Ние педагошко-дидактички делуваме на нашите деца, меѓутоа знаете како е, есапот дома и на пазар не е исто, тука сите велат, да, да, да, а на крајот некој сето тоа ќе го растури и ќе направи една непожелна ситуација. Сите ја
осудуваме таа работа, не е во интерес на никого, тука победници нема, сите страдаат, особено страда училиштето.“

Поголемиот дел од учениците не сакаа да зборуваат или не знаеа која е причината за тепачките. Дел од нив велат дека меѓуетничката нетрпеливост е проблемот.
Има многу причини, наши со други националности, ПТТ со Хемиско заради тоа се тепаат не за друго.
Анкетиран ученик.

„Се задираат на национална основа.“

„Има многу причини, наши со други националности, ПТТ со Хемиско заради тоа се тепаат не за друго. Тие се Албанци, нашите се Македонци и не се трпат, се тепаат цело време.“

Според Павлов нема посебна причина зошто учениците решаваат физички да се пресметаат.

„Јас не сакам да помислам дека тоа е етничка нетрпеливост, не сакам да го помислам тоа, сепак мислам дека се тоа детски непромислени активности, оти потекнуваат од дечиња кои се втора година, која идеологија ја имаат тие изградено па да размислуваат за такво нешто.“

Професорот Нелко Стојановски вели дека причините се многубројни.

„Младоста е полна со такви турбуленции, преголема енергија некаде да ја трошат и тоа неканализирано од општествените институции доведува до ова.“

Павлов порачува дека заедно со училиштата Владо Тасевски и Димитар Влахов имаат програма за спречување насилство и дека досега за време на наставата немале проблем со безбедноста.
  • 16x9 Image

    Марија Митевска

    Новинарската кариера ја започна во 2008 година во А1 телевизија како репортер во информативната програма.  Родена е на 14.04 1984 година во Скопје. Од мај 2009-та работи како постојан дописник за Радио Слободна Европа од Скопје.

XS
SM
MD
LG