Достапни линкови

Во Таџикистан, избори со веќе познат победник


Претседателот на Таџикистан, Рахмон го дава својот глас на изборите во Душанбе.
Претседателот на Таџикистан, Рахмон го дава својот глас на изборите во Душанбе.

Сегашниот претседател Имомали Рахмон се очекува со огромно мнозинство да победи на денешните избори во Таџикистан. Тоа ќе му биде негов четврти мандат. Петтемина други кандидати се релативно непознати личности кои и онака се воздржуваа да ја критикуваат владата за време на државно спонзорираната изборна кампања.

Радосни Таџикистанци на стадионот во Душанбе со ливчиња од рози, со песни и со заклетви за вечна лојалност деновиве го поздравија човекот кој го нарекуваат „Божја сенка“. Станува збор за претседателот Имомали Рахмон кој веќе две децении доминира во оваа сиромашна централноазиска земја.

Со сигурност може да се каже дека така ќе биде и во наредните седум години по очекуваната негова победа на изборите.

„Пожелувам се да биде добро. Гласав за неговата ексцеленција, бидејќи така сакам.“

„Па, нашиот претседател е добар и затоа гласаме за него.“

„Има една надеж, една светла иднина за Таџикистан и за доброто на народот. Тоа е нашиот претседател“, изјавија оние што веќе гласаа.
Има една надеж, една светла иднина за Таџикистан и за доброто на народот. Тоа е нашиот претседател.

Опозициските социјалдемократи најавија дека ќе ги бојкотираат изборите, бидејќи освен неуставната кампања државата го спречила нивниот кандидат
Оинихол Бобоназарова да собере доволно потписи, 210 илјади, за да може да учествува во трката.

„Без сомневање Рахмон ќе победи со огромно мнозинство, но многу прашања остануваат отворени“, вели за Ројтерс политичкиот аналитичар Џамшид Кадиров, додавајќи:

„Дали Рахмон ќе го смени сегашниот негов тим кој е многу непопуларен и дали ќе почне да се справува со регионалниот криминал и со корупцијата која расте во земјата?“.

Скоро половината од осумте милиони жители на оваа поранешна советска република живеат под границата на сиромаштијата. Скоро милион Таџикистанци пак, работат во Русија.
Моите три синови работат во Русија. Секој месец ми праќаат по 500 долари. Се додека Русија ни дава работа, Рахмон ќе владее.
Анкетиран граѓанин.

„Моите три синови работат во Русија. Секој месец ми праќаат по 500 долари. Се додека Русија ни дава работа, Рахмон ќе владее“, вели еден таксист.

Просечната месечна плата во Таџикистан е 135 долари. Во Душанбе многу прекрасни бизнис центри што ги изгради Рахмон се полупразни што укажува на недостиг на странски инвестиции.

Во истовреме почна да опаѓа и извозот на главниот извор на девизи, алуминиумот. Сепак, Рахмон немаше потреба да учествува на изборната кампања, бидејќи, според неговите соработници, тој бил зафатен со државни работи.

Медиумите постојано потсетуваат на заслуга на Рахмон за стабилноста на земјата откако неговите сили поддржани од Русија ги победија исламските милитанти во граѓанската војна од 1992 до 1997 година во која загинаа десетици илјади луѓе.

Но, критичарите го обвинуваат 61 годишниот Рахмон, татко на девет деца, за градење култ на личноста и за задушување на слободата на говорот.

И покрај релативниот политички мир, понекогаш избувнуваат нереди во бунтовничкиот исток на земјата.

Постојат и стравувања за влошување на безбедноста на Таџикистан осоебно откако НАТО силите во идната година ќе го напуштат соседниот Авганистан.
  • 16x9 Image

    Гоце Атанасов

    Со новинарство започна да се занимава за време на студиите по новинарство во Скопје. Работел во Млад борец, Нова Македонија, Македонската радио телевизија, А1 телевизијата и во Дојче Веле, а во Радио Слободна Европа е од започнувањето на емитувањето на македонски јазик.

XS
SM
MD
LG